9.8 C
Skopje
Thursday, December 8, 2022
spot_img

Јове Кочов: Занаетите тешко преживуваат денес

Старата скопска чаршија е букет од разни рози во којшто се ќе видиш, Македонец, Албанец, Турчин, Бошњак, вели крзнарот Јове Кочов за Приказна.

Истражувајќи за овој занает, откривме некои интересни подаци за ќурчиско – кожуварскиот занает, според изданието од етнолошкиот оддел на музеј „Ќурчиско – кожуварскиот занает и еснаф во Скопје“ од Вера Кличкова, издадено во 1959 година.

Податоците откриваат дека ќурчиско-кожуварскиот занает имал најсилна еснафска организација во минатото. Нивната чаршија била во Ќурчи-ан. Името го добиле по изработката на ќуркови-горна облека (палто од кожа). Ќурчиите сами ја штавеле кожата, односно ја приготвувале суровината, а крзнарите користеле готова суровина-кожа од разновиден дивеч.

Работевме во Капанан до 1989/90 година, потоа се отвори пазарот, се присетува на нивната занаетчиска приказна, крзнарот Јове Кочов. Со осамостојувањето на Македонија, почнуваат саемите во Скопје и надвор од државата, мора да внесеш нешто ново, затоа што не можеш само со еден ист тертип да работиш. Нашето јагне било познато по кожа и по месо. Тогаш многу убави бунди работевме од шпиц јагне. Излегоа меклаудите, ги правевме од меклауди. Кожите ги дававме на доработка, за да излезат во разни бои. Во Битола и во Велес штаварите работеа, раскажува Кочов со носталгија.

Историјата бележи дека секој мајстор преку летото подготвувал производи, во зависност од својата стручност и умеење, и потоа ги пласирал своите производи на пазарот.

Документарен магазин Приказна на тема занаетчиство

Според турските документи од 1833 и 1834 година, во Скопје се спомнуваат крзнарите: Трајко син на Гого, Јован син на Трајко, Пешо син на Стаменко, Бошко син на Аврам, Стефанче син на Димо, Јане син на Атанас, Јнкула син на Стамена, Атанас син на Стефан. Во 1847 година еснафот броел околу 145 мајстори, а по оваа дата почнува да се бележи опаѓање на работата во овој занает, за што се забележани историски, политички, но и стопански причини.

Економската криза како што доаѓаше, почна да опаѓа побарувачката, а згасна и чаршијата во којашто го немаше повеќе џагорот, она убавото чукање на мајсторите, ги немаше оние кондураџии, шнајдери, раскажува Јово за Приказна. Сега повеќе има кафулиња, други работи се важни. Важно е да има бавча, тераса, да пиеш кафе, да бидеш виден итн, додава Кочов. Тоа е една од работите поради која ни опадна прометот. И народот е финансиски немоќен, материјалите се скапи, подолго цреме работиш колку да се покриеш. Во овие моменти тешко е веќе да се издржува, не можеш да вработуваш, не можеш да се шириш, пазарот е мал, а прилив има од секаде, смета Кочов.

Туристите покажуваат особен интерес за старата чаршија и производите кои може да се најдат таму. Со ова е согласен и Кочов кој вели: Денес нема човек што не е излезен од Македонија и нешто да најде, некое парче да го купи и да го донесе. Кога ќе го донесе, нормално нема сервис кој да направи. Ако е крзно, само крзнар може да го поправи.

За Приказна

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,820FansLike
1,515FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ