15.8 C
Skopje
Friday, September 30, 2022
spot_img

Јованче Христовски: Осамен и сам, заборавив каков е вкусот на храна

Јованче Христовски е роден скопјанец, кој за своите 65 години живот може да напише и роман. По смртта на родителите бил избркан од семејниот стан од страна на братот, по што започнува неговиот живот без дом.

Јованче е роден во Скопје. Во семејство со уште две сестри и еден брат, тој е најмалото дете. По струка е електроинсталатер и работел во неколку фирми, но никаде нема среќа да се задржи за да го исполни стажот за пензија денес. По смртта на родителите неговите најблиски го покажуваат своето вистинско лице, па Јованче останува без имот и сосема сам.

– Уште истиот ден кога ја закопавме мајка ми, брат ми ме исфрли од семејниот стан. Подоцна државата и него го избрка. Од тој ден јас сум на улица. Работев во многу фирми, но, никаде доволно, за денес да земам макар и минимална пензија. Парите веќе не знам ниту како изгледаат. Немам никаков приход со години-вели Јованче.

Јован е татко на четири деца, но ниту едно нема да сака да му помогне кога ќе падне … Од почетокот на 2000 година започнува бездомничкиот живот. За да преживее почнува да продава ѓевречиња низ градот.

– Дење продавав гевреци, а навечер спиев по клупи или на паркинзи во центарот на Градот. Наутро ќе ја наполнев количката и кога ќе ги продадев ѓевречињата, со дневницата одев јадев во мензи каде има готова храна. Така живеев со години. Не сметам дека сум направил грешки. Единствена грешка ми е што се оженив со погрешната личност. Децата денес не сакаат да ме видат. Но, јас ги сакам и им простувам. Пет дена сум бил само на шеќер и вода. Заборавив каков е вкусот на храната. Осамен сум и сам, и немам како да го преживеам остатокот од животот-додава тој.

Јованче за себе ќе рече дека не знае што е настинка. Последните години и бездомничкиот живот остават последици. Јован преживува многу операции, а во моментов дури и тешко се движи.

Тежок е животот на овој 65 годишен човек. Тој низ годините научил сè. Како е да гладуваш со денови. Пари не видел со години. Од сите грешки вели, да може да го врати времето за да ги поправи, само не би се оженил, зашто без тоа смета дека многу работи ќе му тргнеле подобро во животот. Но, на грешките можеме само да учиме и да се надеваме дека сепак ќе дојдат подобри времиња, зашто овие лошите и тешките и предолго траат.

Затоа на овој човек му треба покрив над глава и парче леб за да го помине денот.

– Во животот никогаш не сум бил болен, ама, последниве години толку операции преживеав што не знам како сум уште жив. Имав четири операции на кила, бајпас на запушена артерија, а ме чекаат уште неколку зашто имам проблеми со стомакот. Фалеше уште ногата да ја скршам, па, да не можам да мрднам никаде. Ваквиот живот воопшто не е лесен. По цел ден гледам ТВ, лежам, читам и спијам. Ретко јадам. Еве, денес денот ќе го поминам со неколку бисквитчиња. Се што сакам е, една соба, и приход за да можам да проживеам уште некоја година-со грутка во грлото ја завршува својата приказна Јованче.

Сите што сакате да му помогнете на Јованче, тоа можете да го направите на телефонскиот број 077/ 694 565 или на следната жиро-сметка 250-0310000940-20

Автор Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,649FansLike
1,467FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ