Дома Инспирација Шашевски за животот со аутизам: многу се смееме, многу плачеме…Тоа е чиста...

Шашевски за животот со аутизам: многу се смееме, многу плачеме…Тоа е чиста љубов

Има денови со аутистичните деца кога многу се смееме, некогаш многу плачеме, викаме и се караме, но повторно се гушкаме. Тоа е една чиста љубов што владее со ова која ни дава надеж дека мора да биде. Ние сме дел, тука и сега и сите ние учиме во овој процес. Мора да научиме како да бидиме подобри луѓе, да не гледаме на аутистичните деца само низ призмата на нивната „пречка“, дека тие имаат потенцијали затоа што можат да ги направат другите луѓе да бидат подобри луѓе, споделува Бојан Шашевски, татко на аутистично дете.

Приказна Низ што поминуваат семејствата со аутистичен член?

Шашевски Секоја приказна на кое било семејство што има аутизам е тотално различна, затоа што секоја состојба на аутизмот е различна. Има многу состојби од спектарот на аутизмот којшто донесуваат многу индивидуални промени пред сè кај детето, а потоа тоа се носи и во семејството.

Семејството дома комплетно ги менува навиките, пригодите. Начинот на којшто ги поставувате работите е различен, начинот на којшто си играте со детето е поинаков. Ако сте работеле од дома, треба да најдете нов начин како да го поставите бирото. Да најдете начин како да ги поставите работите во кујната. Вашата соба некогаш ќе знае да се претвори и во арт-галерија со чкртаници по ѕидови и по подот, букви и бројки, знаци кои се сигнали и на детето му значат нешто за да може да комуницира во просторот, затоа што секое дете со аутизам си има свои предизвици и во поглед на комуникацијата и социјализацијата со околниот свет. Тоа живее во свој свет и си дава свои сигнали, места коишто може да комуницира со нив низ просторот. Секој родител мора да се навикне на сето тоа, за да може да функционира со детето.

Дали образовно воспитниот систем и приспособен на потребите на децата?

Шашевски Образованието е посебен предизвик за децата со аутизам. Особено ако тргнеме уште од самите градинки, колку тие треба да бидат подготвени за да ги примат овие деца, што треба да имаат како персонал, како грижа, како едукација – затоа што секое дете со аутизам си е посебно на свој начин. Има свои потреби за да се спои со тие деца таму за да си игра со нив, но и да добие грижа и едукација.

Во нашите градинки има малку таков кадар, од аспект на дефектолози, психолози, логопеди коишто треба да понудат секојдневна грижа која треба да биде континуирана, а не да биде еднаш неделно или еднаш во две недели да помине некој од тој кадар и да се стави рецка во извештајот дека тоа и тоа е извршено и сите сме на чисто, а детето не ја добива потребната грижа и би рекол каска со развојот, затоа што не му било доделено секојдневно тоа што ќе влијае на развојот.

Дали нашето општеството е подготвено за прифаќање на аутизмот?

Шашевски Има многу тешки денови, има мачни денови кога ќе се заглавите во нешто, слично како што аутистичните деца се заглавуваат во некоја состојба, во некоја појава, настан или предмет. Јас така понекогаш се заглавувам, се мислам, тешко е.

Има денови со аутистичните деца кога многу се смееме, некогаш многу плачеме, викаме и се караме, но повторно се гушкаме. Тоа е една чиста љубов што владее со ова која ни дава надеж дека мора да биде. Ние сме дел, тука и сега и сите ние учиме во овој процес. Мора да научиме како да бидиме подобри луѓе, да не гледаме на аутистичните деца само низ призмата на нивната „пречка“, дека тие имаат потенцијали затоа што можат да ги направат другите луѓе да бидат подобри луѓе.

Во општеството има и прашања дали аутизмот е заразен?! Малку е чудно, но и тоа го зборуваме во 2021 година. Аутизмот е невролошко нарушување, не е заразен, не е болест тоа е состојба која е различна кај секое дете. На пример, ако би рекол дека е зараза, би рекол дека тоа е зараза со љубов, со креативни работи, неочекувани и спонтани нешта кои го менуваат животот на секое семејство, на роднините и другарчињата. Овие деца слободно летаат, кај нив нема мое-твое, нема социјални калапи кои често доаѓаат до децата, нема дискриминација и стереотипи по кој било основ. Овие деца слободно го земаат животот, го дишат слободно, би рекол без задршка го прават тоа.

Документарниот магазин Приказна посветен на темата аутизам

За Приказна

Бранка Чочковска

Ване Маркоски

Exit mobile version