16.8 C
Skopje
Saturday, October 5, 2024
spot_img

Тони Ангеловски: Некои угостителски објекти незаконски точат алкохол на малолетници

МВР во координација со Државниот пазарен инспекторат и со Управата за јавни приходи константно прави контроли и секојдневно објавуваме резултати. Како се интензивираат овие акции, опаѓа кршењето на законите, но сè уште имаме таква појава да констатираме во некои угостителски објекти да се точи алкохол на малолетници, вели во интервју за Приказна, Тони Ангеловски – Помошник министер за односи со јавност во МРВ.

Постојано се апелира да не се седнува зад волан кога се консумира алкохол, сепак често се случува жртвите во сообраќајни незгоди да се под дејство на алкохол?

Ангеловски – За жал возењето под дејство на алкохол е една од почестите причини за сообраќајни несреќи со тешки последици. Знаеме дека најчеста причина е брзото возење, но и возењето под дејство на алкохол не заостанува. Токму поради тоа ние како Министерство за внатрешни работи во изминатите години сме насочени кон санкционирање на ваквата појава и казнување на оние возачи кои не ги почитуваат правилата и прописите и откако ќе консумираат алкохол седнуваат зад воланот. Се разбира, покрај репресивниот имаме и превентивен дел заедно со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Факултетот за безбедност и други образовни институции кои ни се приклучуваат во сите овие кампањи, да влијаеме на свеста на граѓаните дека доколку седнувате зад воланот никако претходно не смеете да консумирате алкохол.

Кога ќе запреме некој од граѓаните, тука доаѓаат тие класични правдања дека малку испил. Апаратот апсолутно покажува колку е испиено. Секогаш кога ќе консумирате алкохол заборавете ја колата. Постои такси превоз или некој од друштвото кој не консумира алкохол, тој нека вози за ваша безбедност, безбедноста на вашите најмили и сите учесници во сообраќајот.

Што се случува кога некој е под дејство на алкохол? Ги губи рефлексите и тоа е причина да излета од коловоз или за директен судир?

Ангеловски – Научно е докажано дека алкохолот влијае врз способноста на возачот да го управува возилото. Иако во главата тој мисли дека може сè, фактите покажуваат дека не може. Токму затоа е кажано т.е пропишано по закон дека не смее да се вози под дејство на алкохол. Секогаш кога ќе затекнеме таков возач го санкционираме, го исклучуваме од сообраќајот и покрај паричната казна, следува и одземање на возачката дозвола од страна на надлежниот суд. За да не дојдеме до оваа ситуација и не е целта граѓанинот да ја избегне казната од полицијата, целта е да се заштити себеси. Ако сакате да се заштитите, никако не седнувајте зад волан откако ќе консумирате алкохол.

Што вели статистиката за причините за сообраќајни несреќи?

Ангеловски – Најчест причинител е брзото возење, потоа следат возење под дејство на алкохол, недавање првенство на минување. За жал во една од потешките сообраќајни незгоди кои ги имавме минатиот период токму беше причина консумирање алкохол. За жал статистиката покажува дека имаме над 10 000 санкционирани возачи во текот на минатата година кои сме ги запреле и сме констатирале дека се под дејство на алкохол.

Ние како министерство продолжуваме и понатаму да ги санкционираме ваквите неодговорни возачи. И преку вашата емисија упатуваме апел и бараме поддршка од сите. Секој граѓанин треба да тргне од себе и да ги почитува сообраќајните правила и на тој начин ќе придонесе за безбедноста во сообраќајот. Ако сите ги почитуваме правилата, нема да имаме жртви и сообраќајни несреќи. Незгодите се случуваат само и единствено поради непочитување на законите и правилата кои се пропишани.

Која е најранлива категорија кога се во прашање сообраќајните несреќи чиј причинител е алкохолот?

Ангеловски – Сите се изложени на опасност, статистиките покажуваат дека во сите сообраќајни несреќи најмногу гинат возачите на автомобили, потоа се сопатниците, тука се и пешаците, но возачот кој е под дејство на алкохол е опасност за себе и за сите околу него.

Имаме ли стратегија, на кој начин ги едуцирате нашите жители?

Ангеловски – Имаме акции за превенција, да влијаеме не само на возачите, туку и на децата. Мораме од најрана возраст да ја всадуваме сообраќајната култура. Одиме по училиштата, држиме предавања, одиме по месни заедници, по градовите, организираме акции заедно со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот и со Факултетот за безбедност. Постојано нашите оддели за превенција се во училиштата, држат предавања.

Мораме и како општество да размислиме за воведување на сообраќајната култура или познавања од областа на сообраќајот како редовен предмет во училиштата. Ова што го правиме е на наша иницијатива, но мора и системски тој дел да се реши затоа што факт е дека ние имаме ниско ниво на сообраќајна култура.

Сообраќајната култура мора да се стекне од најмали нозе. Детето е учесник во сообраќајот како пешак, како возач на тротинет или велосипед, за да ги почитува правилата и на тој начин да имаме безбеден начин на сообраќај во државата.

Малолетниците не смеат да купуваат алкохол и не смее да им се точи алкохол, каква е праксата? Дали правите рации, проверки?

Ангеловски – МВР во координација со Државниот пазарен инспекторат и со Управата за јавни приходи константно прави контроли и секојдневно објавуваме резултати. Како се интензивираат овие акции, опаѓа кршењето на законите, но сè уште имаме таква појава да констатираме во некои угостителски објекти да се точи алкохол на малолетници.

Децата се собираат и на јавни површини, дали има проблематични ситуации и што може МВР да преземе?

Ангеловски – Консумирањето алкохол носи други ситуации, како агресивност, физички пресметки, токму поради тоа ние како МВР, т.е. сите сектори прават контроли, особено на места каде што се собираат младите. Во Скопје тоа е кај Фонтана во парк, на Средно Водно, Сончев град исто така и во другите градови на местата каде се собираат младите, правиме константни проверки и се санкционира ваквото однесување, тука е присутно и злоупотреба на наркотици.

Во секој случај се преземаат мерки за санкционирање на ваквото поведение. Зависи на која возраст е малолетникот и каков е прекршокот, имаме возраст до која не одговара, но тука има одговорност родителот и имаме малолетници кои одговараат.

Документарен магазин Приказна

Нашиот апел е: Кога треба да патувате не консумирајте алкохол, ако одите на веселба, прослава, користете такси превоз или некој од друштвото или од семејството да се воздржи од користење алкохол за да може да ве врати безбедно дома и се разбира да не ги загрозите и другите учесници во сообраќајот.

Наташа Јанкулоска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,683FansLike
3,356FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ