15.8 C
Skopje
Thursday, May 26, 2022
spot_img

Семејства: Мажот не треба да помага по дома!

Пандемијата и глобално и локално предизвика здравствена криза која прерасна во социо-економска со силни негативни импликации врз семејствата. За жал, се потенцираше родовата нееднаквост и дополнително се продлабочија постојните нееднаквости. KОВИД-19 ја смени нашата работа, семејните и училишните рутини. Сепак, важно е да имаме во вид дека не сме сами. Милиони луѓе низ светот се соочуваат со истите стравови и препреки како секој од нас.

„Една од најтешките работи за секое семејство е да направи организација за сите членови, на тој начин што сите членови ќе ги задоволат потребите кои ги имаат. Посебно затоа што едновремено се соединуваат работата, едукацијата која детето ја има од дома, потребите за домот, играта која треба да следува. Како последица на ваквите ситуации, многу веројатно е да се појават кавги во домот, односно ниско ниво на толеранција што води до кавги, како резултат од недостиг на време за себе, самите членови на семејството“-смета психологот Јасмина Трајановска

Скратено работно време, работа од дома, паралелно и домашните обврски и онлајн наставата во еден ист пакет. Сервис услугите на дадилки, баби или други помошници за жал се проретчија, што дополнително ја натежна целата ситуацијата. Експлозија на измешани емоции. Ќе има ли крај? Ментално и емоционално, ова е силен напад. Дел од родителите често се чувствуваат прегорено, не знаејќи како да смогнат сили за да продолжат да бидат и добри родители, но едновремено и добри работници.

Синот со двете деца, работат со снаата и двајцата работат во смени. Сакале нејќеле, моравме децата да ги чуваме. Внимаваме колку можеме, се дезинфицираме со сите средства, ги споредувавме внимателно сите протоколи. Буквално ги следевме сите салтанати. Но, факт е дека стравот беше присутен цело време. Прво заради себе, па заради децата … па сè комплетно.“-открива за Приказна една наша сограѓанка.

Ефектот на кризата има огромно влијание врз сигурноста, социо-економската и здравствената положба на жените, особено најранливите. Но, како дел од семејниот формат ни мажите не се погодени помалку.

Семејството се најде во нова состојба. Напнатоста од предизвиците пред кои не исправи пандемијата дома, силно се одразува во семејното гнездо. Во традиционалните семејни форми брачните партнери се обидуваат да балансираат меѓу заштитата од вирусот, работните обврски, домот и семејството. Присутен е и стравот дека семејствата ќе останат без пари, заради економските последици предизвикани од кризата.

Нужно е да се спомене дека нивото на толеранција во вакви моменти треба да биде на повисоко ниво“-смета психологот Јасмина Трајановска. Таа додава дека е убаво да се даде предност, во поглед на разбирање на навиките на секој член на семејството. „Сите задачи на партнерите да бидат поделени подеднакво, а не да се очекува од еден од партнерите да завршува сè“-додава Трајановска.

Да се биде родител во време на пандемија не е едноставно. Кај родителите покрај зголеменото чувство на стрес и вознемиреност од целата ситуација, се јавува и намалена толеранција на фрустрација, што значи дека конфликтите дома зачестуваат. Многу родителите лошо се снаоѓаат во оваа ситуација, бидејќи имаат поголема одговорност од вообичаената, што резултира во силна загриженост.

Семејството е основна клетка на секое општество. И во време на пандемија, неопходно е поддржување на семејството во секоја негова форма. Во таа насока, многу земји интензивно разгледуваат опции за да им овозможат на луѓето можности за одржување на семејниот мир, меѓу нив се право на скратено работно време додека трае пандемијата, но и да бидат обесштетени.

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,391FansLike
1,403FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ