11.8 C
Skopje
Thursday, December 8, 2022
spot_img

Секојдневната битка на самохрана мајка: Деца се, не се должни вака да растат!

Тешко и мачно детство имала Елизабета Јовановска, која немала среќа да живее во сложно семејство, ниту пак да создаде такво. Во детството таткото бил тој што психички ги малтретирал дома, а во младоста реприза на тие сцени и прави сопругот, со кој има две деца, Димитар и Александар. Набрзо, по раѓањето на децата, таа одлучува дека е подобро да живее без него, па засолниште бара во куќата на нејзината мајка, а еден период од животот спас бара и во метрополата.

– Спас од мачниот живот во куќата на родителите, побарав во мажењето. Денес се каам за таа погрешна одлука. Одбрав погрешен маж. Беше алкохоличар. Родив две деца, но постојано живеев со трауми. Ме тепаше и малтретираше, па еден ден морав да заминам. Се вратив во куќата на мајка ми која беше празна. Мајка ми веќе беше премажена во Скопје. Не можев со две деца сама да се снајдам и заминав во Скопје. Но, и таму имав бариери и не ми преостануваше ништо друго, освен да се вратам назад во родната куќа во Велес-низ солзи раскажува Бети.

Во родниот Велес еден период од животот и помага пријателка која држела дуќан, па се задолжувала кај неа за да ги прехрани децата. Потоа запознава нов сопатник, кој нема да дозволи ниту добро да го запознае, но ќе ја остави. Како плод од таа кратка љубов се раѓа Ангела, која денес има две години и е светлина во нејзиниот мрачен живот.

– Извесно време бев сама и запознав нов човек, за кој мислев дека е тој вистинскиот. Родив дете, но, не ги прифати Димитар и Александар. Не ми даваше ниту денар. Сфатив дека повторно погрешив. Дека повторно сум изиграна со чувствата, но во мене растеше нов живот. Останав во блажена состојба. Пријателките и сосетките ме тераа да го абортирам, но, јас цврсто одлучив, кога можев сама да растам две деца, ќе го израснам и третото. Така на свет ја донесов Ангела, која кога ќе ја погледнам, заборавам на сите проблеми што ги имам во животот … Затоа никогаш не се покајав за таа моја одлука-со измешани чувства на солзи и радост раскажува Бети.

Денес Бети живее многу тешко.

– Морам да работам за да преживееме. Малата не ми ја запишуваат во градинка, немам кому да ја оставам. И машките деца се мали, но, тие некако сами се чуваат. Колку пати сум ги оставала додека сум на работа, а паметот ми бил само дома. Што прават, дали јаделе, дали се наспале, дали ги боли нешто. Деца се, не се должни ниту тие така да раснат. Сега се малку поголеми, па бараат со другарчињата да одат на екскурзии, на базен. Како да ги пратам без пари, без храна. Треба да им дадам барем по 200 денари на двајцата, а со тие пари ќе купам храна за ден, два да јадеме сите. Плачат, тешко им е. Мене ми е уште потешко што ги одвојувам од безгрижното детство-вели Елизабета за емисијата „Срце на дланка“.

Елизабета е разочарана. Мисли дека не постои излез за нејзиниот животен лавиринт. Но, сепак верува во добриот народ кој во неколку наврати досега навистина и помогнал. Па, затоа бара начин да ѝ се помогне сега кога децата и се мали, а потоа сигурна е дека кога ќе пораснат тие и ќе возвратат и ќе ја чуваат.

Доколку сакате да и помогнете на оваа самохрана мајка, тоа можете да го направите на телефонскиот број 078429983 или на следната жиро-сметка 210501664353403

Автор Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,820FansLike
1,515FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ