38.8 C
Skopje
Wednesday, July 17, 2024
spot_img

САША ДИМИТРИЈЕВИЌ: НАЈГОЛЕМИОТ ПРОБЛЕМ ВО МАКЕДОНИЈА Е ШТО НЕМАМЕ СТРУЧЕН ТРЕНЕРСКИ КАДАР КОЈ ЌЕ ПРЕПОЗНАЕ ТАЛЕНТИРАНО ДЕТЕ

Најголемиот проблем во Македонија е што немаме добар стручен тренерски кадар за да препознае дали детето е талентирано и кои се дострелите на детето. Обично тренерите гледаат до „пред носот“, а не можат да видат што ќе се случува со детето „зад планината“. Тие треба да ја направат проекцијата што со тоа дете после три, четири или повеќе години, вели во интервју за Приказна, Саша Димитријевиќ – кошаркарски тренер.

Како ги откриваме талентите во кошарка?

Саша Димитријевиќ Талентот е еден од најупотребуваните зборови во спортот. Секое дете кое почнува да се занимава со спорт е скенирано од стручњаци, тренери, педагози, психолози, доктори, родители и на крај лаици кои си даваат право да го карактеризираат детето дали е талентирано или не. Секој човек има посебно мислење за тоа што значи поимот талент.

Уште на почетокот на мојата тренерска кариера имав посебен интерес за талентот. На сите семинари, обуки и низ образованието се трудев да барам одговори за тоа што е талент, кое дете е талент, да се препознае талентот и како треба да се работи со дете кое е талентирано и да се усовршува талентот. Низ сите тие години во разговор со поискусни тренери, професори од факултетот, но и со читање спортска литература дојдов до сознание дека тоа е способност на некое дете кое побрзо напредува во однос на другите деца. Тука мора да се спомне дека и генетската основа има некое влијание, но, не многу големо.

Сето тоа што е поврзано со талентот нè носи до две тотално спротивни мислења. Првото мислење е дека талентот е примарна компонента за да се направи врвен резултат. Второто мислење што владее во светот е дека работата и само работата, дисциплината и пожртвуваноста доведуваат до врвни спортски резултати. Јас со второво мислење не се сложувам, зашто ако е само работа не би требало да постојат скаути т.е. луѓе кои се специјализирани да откриваат таленти. Тогаш големите клубови не би требало да плаќаат многу финансии за тие да шетаат низ цел свет и да бараат таленти ако талентот не е важен.

Според мене дефиницијата што ја застапувам е дека талентот е дар од Бога. И многу сум среќен што во поновата спортска литература сè повеќе го наоѓам истото ова дека талентот е божји дар. Според мене, едно дете за да стане врвен играч најважно е детето да биде талентирано, потоа треба тренерот да биде талентиран и треба родителот да биде талентиран. Сите овие три фактори ако се спојат, тогаш сигурно детето ќе постигнува врвни резултати.

Зошто треба и родителот да биде талентиран за да успее детето?

Саша Димитријевиќ Родителот треба да биде талентиран за да препознае дали средината во која се наоѓа детето и дали тренерот се доволно добри за да напредува детето. Ако родителот не може тоа да го препознае тогаш нема шанси детето да успее да направи завидна врвна кариера.

Сум видел многу талентирани деца што работеле со талентиран тренер, меѓутоа немале талентиран родител за да го препознае тоа.

И тоа дете не успеало. Од друга страна, сум видел помалку талентирани деца со добар тренер и талентиран родител кои направила подобар успех од првиот случај.

Талентиран родител е оној кој го слуша тренерот ако оцени дека тренерот е добар и прави добро за неговото дете. Сум имал ситуација каде детето е талентирано и вредно со добар тренер, напредува, но има неталентиран родител. Сите работи што како тренер ги кажувам, родителот ги прима со недоверба. Потоа доаѓа друг тренер од надвор кој кажува дека детето е талентирано. Го бара во својот клуб нудејќи му разни ветувања за во иднина. Бидејќи на родителот му годи тоа што му се зборува за неговото дете, го носи детето во друга средина. После неколку месеци гледа дека ситуацијата не е таква како што му ја опишувале. Но, гордоста и суетата не му дозволуваат да се врати назад. Потоа го зема детето и го носи во трет клуб, каде што ќе биде полошо и од претходните два клуба. Тоа дете после некое време престанува да игра кошарка, иако било талентирано.

Многу луѓе доаѓаат кај мене за мислење дали нивното дете е талентирано. Во една ситуација пријател ми кажува дека имаат понуда детето да оди во европски клуб. Јас им препорачав да оди во помал клуб објаснувајќи што ќе се случи. По извесно време читам дека детето отишло во првиот клуб, а не каде што препорачав. После три години се случува сè што кажав. Затоа што ги знам приликите и како размислуваат луѓето во големите клубови. Детето не е виновно, но има влијание од родителот. Од талентирано дете кое постигнало некое ниво, сега треба пак да го оди патот од почеток.

Како татко на двајца кошаркари, дали Вие бевте талентиран родител носејќи правилни одлуки?

Саша Димитријевиќ Очигледно, по тоа што го постигнале. Сите одлуки што сме ги направиле се покажало дека се правилни и вистински. Мислам дека имам доволно знаење и искуство за да можам да го оценам максималниот дострел на секое дете. Најголемиот проблем во Македонија е што немаме добар стручен тренерски кадар за да препознае дали детето е талентирано и кои се дострелите на детето. Обично тренерите гледаат до „пред носот“, а не можат да видат што ќе се случува со детето „зад планината“. Тие треба да ја направат проекцијата што со тоа дете после три, четири или повеќе години.

Какви се предизвици сте имале како родител на ќерка и син, кошаркари?

Саша Димитријевиќ Кога човекот има визија и цел и кога знае каде оди, не може да се изгуби. Цврсто гази и знае дека тоа е тој пат. Не широкиот пат каде што одат сите, туку тесен пат, одиш, газиш и не може да згрешиш. Знаеме во какво опкружување живееме. Сме имале ситуации каде што децата неправедно биле осудувани дека татко им е тренер.

Кога бев тренер на младинската репрезентација мојот син Ненад играше во репрезентацијата. Вадев некоја статистика додека бев тренер, Ненад играше 25-26 минути просечно на еден натпревар. Меѓутоа, кога дојде Американец тренер, по завршувањето на Европското првенство бројките кажуваа дека Ненад во просек играл 35 минути. Ако детето е добро, ако е талентирано, нема тренер на овој свет што ќе го тргне на страна и ќе стави некое дете кое не е добро. Тие што го кажуваат тоа се родители на деца кои не успеале или не биле доволно талентирани родители да ги насочат своите деца на прав пат.

Кога ќе прочитам коментари на социјалните мрежи дека во репрезентацијата се само мамини и татини синови, веднаш знам тој човек што го пишува тоа е неталентиран родител.

Дали спортот бара и многу упорност, истрајност и дисциплина?

Саша Димитријевиќ Да, без тоа нема ништо. Некои кажуваат мантра дека 5% е талент, сè останато е работа, јас со тоа не се согласувам. Не може работата да биде пред божјиот дар. Точно дека мора да има стручна, посветена, секојдневна работата. Мора многу да има одрекувања.

Ненад на 13 години отиде во Шпанија. Ќерката на 14 години отиде во Шпанија. Семејството понекогаш трпи за да има биде на децата подобро, но треба да се препознае. Треба да си сигурен дека детето е талентирано и ако оди некаде, дека таму е вистинската средина за развој на талентот. Ние тоа успеавме да го направиме. Сега ги береме плодовите.

Живеевте и во Малта, би сакала да направите паралела на спортската стратегија таму и овде

Саша Димитријевиќ Работев таму во најдобриот кошаркарски клуб, во исто време бев и професор во Националната спортска академија. Малта во однос на Македонија е на пониско ниво. Но, тоа нема да трае долго. Тие имаат јасно зацртан план, стратегија и многу вложуваат во спортот. Филозофијата на живот е поинаква.

На приемниот испит на школата за кошарка дојдоа 14 деца. Ги тестираме, направивме приемен тренинг. Сметав дека максимум три – четири деца кои имаат талент. Одлучија да ги примиме тие деца. Се прашував зошто не ги примат сите за да биде тим. Нивното објаснување беше дека ако се примат тие деца кои не заслужуваат им правиме лошо на родителите, зашто децата ги насочуваме во нешто во кое не се добри. Мора да им ја кажеме вистината.

Тука не ја кажуваат вистината. Во нашите клубови секаде има неталентирани деца. Нашите клубови опстојуваат со плаќање членарина. Кога ќе прашам зошто некое дете е тука, тренерот вели дека плаќа членарина. Така се разводнува работата. Подобро помалку деца, но тие да се вистинските, отколку да има многу. Во секој спорт е така во Македонија. Членарината направи секој родител да се чувствува компетентен дека неговото дете треба да игра. Тоа е разликата. Мислам дека за многу кратко време Малта ќе напредува.

Документарен магазин Приказна

Што ќе им порачате на следните генерации кошаркари?

Саша Димитријевиќ Сега работам со една прекрасна генерација девојчиња. Нема поголема радост за мене, своето искуство да го споделувам на мали деца кои едвај чекаат да дојдат на тренинг. Треба да се одвои масовен спорт од професионален. Во професионалниот, правиме играчи кои за неколку години ќе играат во прва лига, во репрезентација.

Во базата треба да работат тренери кои може да препознаат талентирани деца. Задачата на тие тренери ќе биде да ги вовлечат тие деца во спортот, да ги заразат да се занимаваат со спорт. Дете на шест години нема одредено што ќе биде. Навиките кои ќе ги стекнат децата, одговорноста, дисциплината, ќе бидат многу значајни за кој спорт и да се одлучат.

Наташа Јанкулоска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,528FansLike
3,276FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ