19.8 C
Skopje
Thursday, May 26, 2022
spot_img

Раната дијагноза е клучен фактор за лекување на ракот на дојката

Карциномот на дојка е еден од најчестите малигни тумори кои се јавуваат кај жените. Појавата на карциномот на дојка е под влијание на голем број фактори од надворешната и од внатрешната средина. Повеќе од една третина од сите видови на рак може да се спречи со намалување на изложеноста на факторите на ризик, како што се тутун, дебелина, физичка неактивност, зарази, алкохол, загадување на животната средина, професионални канцерогени материи и зрачење. Дали ќе дојде до појава на карцином зависи од нивното заемно дејство.

Професор Жозеф Глигоров

Професорот Жозеф Глигоров  смета дека сега во Македонија или регионот на Западна Европа, карциноми кои се најфреквентни се тие на дојка, на бели дробови и на дебело црево или простата. Тие имаат ризик фактори кои се знаат. Превентивно може да се дојде и тотално да се намали бројот на ракот. На пример, ако не се пуши до 90 проценти може да се намали карциномот на бели дробови.

Некои луѓе за жал се родени со генетски наследен висок ризик за специфичен канцер. Ова не значи дека развојот на рак е загарантиран, но генетската предиспозиција ја зголемува веројатноста да се добие болеста.

Според професорот Глигоров, глобално, генетските фактори се мал дел. Пет до десет проценти. Тоа се однесува и на карциномот на дојка. Хипотезата е дека најмногу до 15 проценти од карциномите на дојка имаат семеен фактор уште од самото раѓање кај мажите или кај жените, бидејќи кај мажите има поголема веројатност да има генетска мутација. Е, сега, кај тие 10-15 проценти, може евентуално да се прави скрининг, специфичен, ама не треба да се оди на цела популација како скрининг затоа што ако немате во самото семејство сестра, мајка или тетка која имала карцином, независно од ризикот што го имате генетски, ако ја имате аномалијата, дека 100 отсто ќе имате карцином.

Хипердијагностика е исто така опасно од една страна, а од друга страна има еден добар дел од мутации кои не се знае дали се директно ризичен фактор или не се. Така што, ако се оди на систематски скрининг со генетска анализа има добар дел на жени на кои ќе им се каже – има нешто што не е во рамки на нормалата, но не можеме да ви одговориме дали е ризик или не е. Таа жена треба да живее уште, 50,60 или 70 години со тој знак прашалник. Не сум сигурен дека ќе и помогнеме, отколку да ѝ кажеме одете си редовно на мамографија и со тоа ќе имате најдобар процес на рана дијагноза и со тоа и да се излечите во случај да имате карцином на дојка, додава Глигоров.

Во најголем број случаи, ракот на дојка ги погодува жените, но, ни мажите не се поштедени.

Професорот Глигоров открива дека  еден процент кај карциномите на дојка се кај мажите и тие се обично генетска форма, не сто отсто, но се многу повеќе отколку кај жените. Ако во едно семејство има генетски ризик фактор, обично најчестите две генетски мутации Брка 1 и Брка два, ако се случи во семејството да ја има таа мутација не треба да се каже – ако имате деца од машки пол не треба да се бара кај нив, треба и кај нив, после 18 години, затоа што го покачува ризикот не само од карцином на дојка, туку и од карцином на простата и некои други карциноми.

Редовните прегледи кај доктор – радиолог треба да бидат составен дел од активностите на секоја жена, како на девојките така и на жените во позрела доба. Навременото дијагностицирање е клучно. Постојат голем број на канцери кои можат рано да се откријат, што помага да се подобрат шансите за успешен исход од третманот, често со помали трошоци и со помалку (или помалку значајни) несакани ефекти кај пациентите. Третманот на лекување зависи од видот на ракот, примарната локализација на ракот, големината на ракот, дали е раширен и од општата здравствена состојба. Третманот може да биде: хируршки, хемотерапија, радиотерапија, хормонска терапија, имунотерапија и генетска терапија.

Според Глигоров, може да се дојде до превентивни програми, за да се намали или бројот или до рана дијагностика, а рана дијагностика значи поголема излечивост, помалку терапии, понеагресивни терапии и луѓето поскоро се враќаат во нормален живот без компликации, ниту од болеста, ниту од лековите што можат да дојдат.

Во почетните стадиуми на карцином на дојка обично нема никакви симптоми. Но, подоцна кога ќе се појави каков било знак кој упатува на болест на дојката, жената треба да се јави кај лекар.

Ракот е болест која се јавува кога промените во групата нормални клетки во организмот доведуваат до неконтролиран, абнормален раст, формирајќи грутка наречена тумор; ова важи за сите видови на рак, освен леукемија (канцер на крвта). Доколку не се лекуваат, туморите можат да растат и да се шират во околното нормално ткиво, или во други делови на телото преку крвотокот и лимфниот систем и можат да ги нападнат дигестивниот, нервниот и циркулаторниот систем или да ослободат хормони кои можат да влијаат на функции на телото.

Според професорот Глигоров, ракот е смртоносен во пропорции на многу луѓе затоа што, под број еден, живееме повеќе и старееме. Се знае еден дел заради тоа што имаме појава на рак е што старееме повеќе, имунитетот ни паѓа и имаме некои ризик фактори што ги таложиме во текот на животот. И ако веќе не умираме од кардиоваскуларни болести, што е за среќа, бидејќи кардиолозите имаат многу напредок направено, луѓето стареат повеќе. Кога ќе дојде крај на морталитетот со рак, луѓето ќе умираат од невро-дегенеративни болести. Вториот фактор најверојатно е начинот на живеење, пушење, јадење храна која не е оптимална кога се однесува на метаболизмот. Третиот, кој е исто така важен фактор, се заразите.

Карциномот на дојка мора рано да се открие и лекува. Повеќето случаи на карцином на дојка се дијагностицираат во рана фаза, пред карциномот да се прошири надвор од дојката. Кога се лекува во оваа рана фаза, шансите за излекување се најголеми.

За Приказна,

Бранка Чочкова

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,391FansLike
1,403FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ