16.8 C
Skopje
Saturday, October 5, 2024
spot_img

Радмила Живановиќ: Претераниот родителски мониторинг го кочи развојот на децата

Деца што се социјално интелигентни, поверојатно е да имаат социјално интелигентни родители. Социјално интелигентните родители дозволуваат детето да се меша во различни контексти на интеракција и му обезбедуваат да прави грешки, но го охрабруваат да продолжи да комуницира и понатаму. Комуникацијата на возрасниот не е таа што е најточна, најправилна и честопати ја охрабруваме независноста кај децата со тоа што им дозволуваме да прават одредени работи со одредени социјални контексти. Пример му даваме пари и му велиме оди во продавница да купи нешто, го осамостојуваме и му дозволуваме да создаде свои врски со светот, без интензивен наш надзор. Знаеме дека сме околина на презаштитнички родители, и дека многу пати тој исчекор е многу тежок. Знаеме дека сме околина на презаштитнички родители, и дека многу пати тој исчекор е многу тежок. На пример во нашата култура, за разлика од некои други култури, социјалната интелигенција е културолошки условен феномен, можеме да кажеме дека силно влијае моментот дека ние не учиме доволно да бидеме независни, и најчесто грешките се гледаат многу катастрофално или погубно, срамно. Многу често сме дел од култура која критикува, во која постои чувство дека другите се поважни. Сите ние тука се затвораме и воопшто не комуницираме. вели во интервју за Приказна, Радмила Живановиќ, психолог-психотерапевт и комуниколог

Што e социјалната интелигенција?

Радмила Живановиќ Кога размислував за социјална интелигенција како тема, размислував за она народната „каде и да го фрлиш ќе се снајде“. Така сакав да ја искористам оваа изрека, затоа што јас така ја гледам социјалната интелигенција, како способност многу добро да се познаваме себеси, а и другите. И главно да не се плашиме од другите, да ја имаме слободата и можноста да комуницираме со другите, да не се ограничуваме во какви различни контексти и системи сме вклучени. Да чувствуваме слобода на комуникација, слобода на изразување, а притоа да знаеме да ги процениме обврските, карактеристиките на тој систем, да се обидеме да се приспособиме, а и на некој начин и самите да бидеме променети како резултат на таа комуникација.

Кога размислувам за социјално интелигентна личност, тоа е народски човек, човек којшто нема проблем да комуницира со различни социјални групи и можеме да го видиме во комуникација, од некој што продава во продавница, до некој извршен директор. Во таа насока, тоа е таа слобода којашто ја дава социјалната интелигенција или тој стекнат и научен капацитет да можеме добро да се чувствуваме во себе, со која било ситуација.

Колку социјалната интелигенција влијае на нашиот развој и колку може да ни помогне да се справуваме со одредени конфликтни ситуации?

Радмила Живановиќ Во принцип, социјалната интелигенција е капацитетот посоодветно се справуваме со конфликтните ситуации, да не избегнуваме конфликт по која било цена, но сепак да му пристапиме на конфликтот како еден вид на можност за раст, развој на кризата, како еден вид на предизвик и можност за растење.

Конфликтот не е нешто од што треба да бегаме, туку од него може да растеме, да се менуваме, да ја менуваме наша перспектива, се движиме. Социјално интелигентниот човек има развиено добри стратегии и начини како да адресира одредена конфликтна ситуација, воопшто не се воздржува да го донесе непријатното и нелагодното во контактот. Но, сепак има контрола, се познава себеси и своето однесување, знае да го контролира во дадени ситуации, но не со цел да ја држи ситуацијата на статус кво, туку со цел да најде начин како да се разбере со другиот и така да комуницира подобро со другиот.

Колку е таа значајна во развој на децата?

Радмила Живановиќ Ми се чини со она што поминавме низ кризата со пандемијата, со поголемата дигитализација, сè повеќе и повеќе ќе имаме проблеми со таа социјална приспособливост.

Социјалната интелигенција е научен концепт, затоа што ние во текот на животот поминуваме низ различни степени на социјализација.

Првите социјализатори се нашите родители, а понатаму влегуваме во различни системи во кои се чувствуваме прифатено или не. Се чувствуваме добро или како да сме чудни, различни, неприспособливи. Во таа насока се учи низ целиот живот, само што во различни стадиуми од развојот на детето има различен квалитет и може да се препознае на различен начин. На почеток гледаме колку моделите кај родителите, всушност ја поседуваат таа социјална интелигенција.

Деца што се социјално интелигентни, поверојатно е да имаат социјално интелигентни родители. Социјално интелигентните родители дозволуваат детето да се меша во различни контексти на интеракција и му обезбедуваат да прави грешки, но го охрабруваат да продолжи да комуницира и понатаму.

Комуникацијата на возрасниот не е таа што е најточна, најправилна и честопати ја охрабруваме независноста кај децата со тоа што им дозволуваме да прават одредени работи со одредени социјални контексти. Пример му даваме пари и му велиме оди во продавница да купи нешто, го осамостојуваме и му дозволуваме да создаде свои врски со светот, без интензивен наш надзор.

Знаеме дека сме околина на презаштитнички родители, и дека многу пати тој исчекор е многу тежок. На пример во нашата култура, за разлика од некои други култури, социјалната интелигенција е културолошки условен феномен, можеме да кажеме дека силно влијае моментот дека ние не учиме доволно да бидеме независни, и најчесто грешките се гледаат многу катастрофално или погубно, срамно. Многу често сме дел од култура која критикува, во која постои чувство дека другите се поважни. Сите ние тука се затвораме и воопшто не комуницираме.

Колку родителите грешат кога му ги одбираат другарчињата на своето дете?

Радмила Живановиќ Тоа е нешто коешто сè уште постои кај нас. Тој родителски мониторинг на што е исправно што не, ги ограничува капацитетите на детето да биде посоцијално интелигентно и посоцијално ослободено во средината во којашто се наоѓа.

Често пати ги бираат, не секогаш недвосмислено, некогаш имплицитно изгледа како да не влијаат но всушност по изразот на лицето, по тонот со кој разговараат со тие другарчиња, изгледа како да не ги сакаат, воопшто не им се допаѓаат и детето е паметно битие и веднаш разбираат и сфаќаат дека тука нешто не е во ред. Не мора да им кажеме недвосмислено кои правила на игра постојат. Тие се правила кои ги поставуваат родителите, а децата само ги прифаќаат и се раководат по нив. Немаме многу избор.

Може ли да се работи со родителите со цел да се укаже на некои грешки кои во иднина може да нанесат повеќе штета во социјалната интелигенција кај децата?

Радмила Живановиќ Еден од начините преку кој ние како родители, можеме да ги стимулираме тие социјални вештини е да не го спречуваме детето да го направи тој чекор, во средина во која тој се чувствува храбро да го направи, т.е да не го повлекуваме кон себеси, во смисла тоа не е добро, тоа е страшно, врати се назад.

Јас најмногу работам со родителите. Кога родителот се менува, многу лесно се менува и детето. Посебно забележителна е таа родителска контрола и тој филтер родителски, особено кај младите денес. Тука се јавува еден бунт кон таа контрола која родителите ја ставаат и од една страна е добро да се бунтуваме за да си ја добиеме слободата, а од друга страна постои големо незадоволство дека родителите не ме разбираат, не сфаќаат во какви средини сакам да се движам.

Пример ќерката одлучила дека сака да слуша метал, и сега поради тоа таа се дрогира, се опијанува, оди на места каде што е лесно заводлива. Цел нејзин карактер е отсликан од родител којшто не знае и нема никакво искуство за сопственото дете, туку само проектира некои стравови и ограничувања. Ние во суштина сме многу несигурни родители. Кога сме такви имаме поголема контрола и честопати не ги забележуваме капацитетите и квалитетите на детето.

Каква е улогата на училиштето?

Радмила Живановиќ Мислам дека треба да се воведат многу поважни и значајни предмети и насоки во развојот на децата. Социјалната интелигенција оди рака под рака со емоционалната интелигенција и во суштина двете интелигенции се однесуваат на една интерперсонална комуникација, однос, доверба, сигурност.

Нашето образование не поттикнува сопствено мислење. Секое мислење кое е вон тоа што треба да се каже, наидува на голем отпор, дури и на исмевање од страна на самите наставници. Ние гледаме многу пасивизирани и демотивирани деца. Кога има такви деца, незаинтересирани да остварат и одржат социјален контакт, да останат отворени за различностите. Ова значи дека нам емпатијата, сочувството многу ни страда. Но, тоа не е нешто што го имаш или немаш. Тоа е нешто што се развива.

Децата што учат со емпатична учителка, која дава простор секое мислење да се каже, дава простор за критично размислување на детето, социјалн о се разиваат. Овие генерации на млади деца бараат разговор. Ние не можеме да завршиме со моментот така треба, така јас велам и тоа е тоа. Училиштето мора да обезбеди простор за изразување на сопствено мислење, разрешување на конфликти, развој на емпатични вештини, работа во тимови и на некој начин кои се од интерес на младите, а не теми кои се од интерес на образовниот систем.

Колку дигиталните алатки влијаат на развивање на социјалната интелигенција на еден подруг начин?

Радмила Живановиќ Долго време се смета дека со дигиталната технологија, на децата ќе им се намалат капацитетите или ќе се намали таа социјална интелигенција. Во дадени случаи да, при компулсивно користење на новите технологии, користење со цел да се компензира она што ми недостига во реалното со она што е присутно во онлајн средината. Во тој случај технологијата може само да го зацврсти тој момент на изолација на детето во свет во кој многу му е полесно да комуницира, да комуницира на различен начин.

Онлајн комуникацијата обезбедува различни начини на комуникација помеѓу младите. Ние возрасните многу повеќе се плашиме, отколку што реално има простор за страв. Кога заврши пандемијата многу се плашеа дека ќе останат дома и нема да продолжат да се социјализираат. Она што се случи, откако заборавивме на пандемијата, е дека децата се дружат. Технологијата ја користат за комуникација, за медиум во нивно организирање. Јас не гледам што е тоа толку страшно.

Начинот за постигнување на ефект на социјализација е она што се менува. Ние секогаш ги споредуваме работите од претходно, како нас ни било, како било во наше време. Пак е позицијата од возрасниот. Кога станува збор за немање баланс помеѓу реалното и онлајн, кога гледаме дека детето се губи, дека не комуницира, тогаш да треба да се запрашаме што се случува. Но, и да не постоеше технологијата веројатно ќе ги имавме истите проблеми со деца кои се изолираат.

Колку социјалната интелигенција доколку не е развиена доволно може да биде насока кон осаменост?

Радмила Живановиќ Во еден екстрем е таа изолација или осамување во којашто јас се плашам од другите, светот е лош, страшен и сакам да сум во комфорот и нема што да се вадам од него. Веројатно светот бил страшен, бил закана и не наоѓам начин да се поврзам со тоа. Од друга страна е таа социјална компулсија во која јас сум важен, гледајте ме мене, привлекување внимание на различни начини и се оди до оној екстрем на менаџмент на импресии, кога јас се кројам онаков каков што мислам дека сакаат другите да ме видат. Не останува автентичен на себе туку мора да станам некој друг за да бидам приметен.

Како баланс помеѓу двете страни е социјалната интелигенција. Таа прави баланс помеѓу претставувањето и повлекувањето со цел асимилација од она што сум го добил од таа средина, да се вратам со нов квалитет, да придонесам, немаме компулсија постојано јас да бидам со другите, а кога сум сам да ме фаќа паничен страв. Од друга страна ги имаме овие кои не им требаат другите. Нив ги викаме волци самци. Сè што е премногу, почнува да не утврдува во некој систем во кој ние понатаму во животот ќе се плашиме од луѓето, ќе се плашиме да преземеме други обврски кои вклучуваат други луѓе, ќе имаме ограничени професии. За разлика од нив, оние другите кои се присутни, ќе прашуваат кој сум јас навистина, што сакам јас.

Социјалната интелигенција е супер момент во којшто јас бирам да се приклонам кон малку баланс, а притоа да не се плашам од луѓето, да сум свесен за своите капацитети и да се разберам себеси.

Колку осаменоста ако е краткорочна може да биде добра за развивање на социјалната интелигенција а од сруга страна ако е долгорочна може да нанесеме штета?

Радмила Живановиќ Јас сметам дека ние како култура сме уплашени од таа осаменост. Кај нас човек да седи сам, да пие кафе, или пак да се повлече и да каже не сум вечер за излегување, одма почнуваме да размислуваме дека нешто му фали на тој човек. Тоа е влијание на нашата култура.

Во северните земји да се повлечеш е сосема комотно, да одиш по улица сам не те прават дека ти фали нешто. Кога детето се повлекува во собата, родителите ги вклучуваат сите аларми. Зошто се повлекува, зошто ја затвора вратата. Понекогаш децата имаат потреба да ги испроцесираат работите со нивно темпо и на нивен начин. Мајка којашто е презагрижена, а кај нас ги имаме многу, почнува да тропа по вратата, почнува да паѓа во некои депресивни моменти, како детето не и зборува, па како не може да воспостават комуникација, а во секој случај го осудува тоа повлекување. Тоа повлекување понекогаш може да биде креативно повлекување, пронаоѓање на самиот себе.

Кога станува начин на живеење, кога на мене не ми зборува детето, кога гледаме страв на неговото лице, тогаш почнува осаменост која понекогаш е и патолошка и треба да обрнеме внимание. Осаменоста создава супер комфор. Тука се гасат сите социјални вештини. Знаеме дека има луѓе кои по природа се интровертни. Замислите екстровертна мајка со интровертно дете. Мајката ќе мисли секогаш дека нешто му недостасува на детето. Ако се обиде да го разбере, ќе сфати дека на интровертно дете не му требаат многу другари и многу муабет. Социјално интелигентните деца често знаат многу невербално да следат што и како се случува. Некогаш и социјално интелигентно дете под дејство на околности, криза, трауми кај родители и семејството, знае да ги угасне неговите вештини, да губи доверба во светот, да се чувствува збунето и да се насочи повеќе кон родителите, отколку кон она што му е потребно и со кого сака да комуницира.

Документарен магазин Приказна

Колку пандемијата придонесе за зголемување на бројката на осамени?

Радмила Живановиќ Сите бевме повлечени, изолирани но сите во различни констелации на изолација. Јас мислам дека има такви на кои им годеше, им создаде комфор. Многу луѓе се раскомотија и убаво им дојде. Не мислам дека беше лоша работа, иако донесе и многу непријатности, многу загуби, трауми. Кај некои донесе и многу немир, повлекување, бидејќи социјализацијата знае да биде исфорсирана во одредени системи.

Искрено, кај некои коишто живеат сами им донесе осаменост и страв затоа што има и други состојби социјализацијата и постојаната вклученост со другите. Кога јас постојано сакам да сум со другите можеби јас не сакам да сум со себе. За екстровертните многу потешко испадна ситуацијата, затоа што мораа да се скротат. За интровертните, многу добро им дојде. Социјално активните луѓе не сакаат многу ограничувања. Кај нив се појавуваа анксиозност, вознемиреност, депресија. Тоа беше вистинско мачење.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,683FansLike
3,356FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ