20.8 C
Skopje
Friday, June 21, 2024
spot_img

Проф. Д-р Лилјана Игњатова: Децата треба да ги научиме да кажат не

Превенција е посебна наука и треба да се вложува во неа. Децата и родителите треба да имаат одредени вештини. Како да се одбие, како да се каже не. Многупати дрогата, раното сексуално искуство, почнале заради тоа бидејќи децата не знаат да кажат не, особено кога децата цел живот ги учат да не викаат не, послушај го тој е возрасен, треба да бидеш умен.

Притисокот од врсниците е сериозен предизвик. Да ве прифатат врсниците значи дека вие добивате награда. Тоа е задоволство и среќа во мозокот, затоа што врсниците ве прифатиле, ќе бидете спремни да прифатите сè за да припаѓате во групата. 55% од децата соопштуваат дека првото искуство било поради притисок од врсниците.

Родителите исто така треба да имаат комуникација со децата. Многу од физичките симптомите се преклопуваат со симптомите на адолесцентите, не мора да значи. Родителите не треба да бидат полицајци, треба да ги надгледуваат децата. Треба да ги следат, но следењето треба да оди преку разговор. Да не го осудува и да го разбере. Родителот треба да го знае друштвото, да ги покани дома, да се дружи со младите, вели проф. д-р Лилјана Игњатова, Медицински факултет Скопје, психијатар од Центарот за превенција и третман на зависности при Психијатриска болница Скопје

Што значи проблематично употребување на дрогата?

Проф. Д-р Лилјана Игњатова Оваа терминологија ја воведе Европскиот мониторинг центар за да се препознаат лицата кои користат дрога на проблематичен начин и тоа значи дека или долготрајно користат дрога или со инјектирање ја користат дрогата, што е посебен ризик.

Што се случува со мозокот при употребување на опијати и дрога?

Проф. Д-р Лилјана Игњатова Болеста на зависност е болест на мозокот. Во мозокот настануваат и структурни промени, се менува структурата но и функционални промени, неговата функција не е иста.

Како за секоја друга хронична болест каде што имаме етиолошки причинител, ќе влезе причинителот во органот засегнат и ќе предизвика болест и тоа може да биде вирус, бактерија или нешто друго и ќе предизвика патолошка состојба. Овде кога влегува дрогата таа е агенсот, мозокот е органот кој заболува, односно дрогата ќе предизвика промени на мозокот.

Важно е да се каже дека не секоја еднократна употреба на некоја супстанција, ќе предизвика болест. Тоа се случува кај луѓе кои се ранливи, детерминирани, предодредени да развијат зависност од разни причини, или ако долготрајно се употребува дрогата, но кај оние што се ранливи и при првата и втората употреба мозокот памти што му чини добро и го повторува да го прави.

Како дрогата стигнува до децата?

Проф. Д-р Лилјана Игњатова Терминологијата дрога кај нас се препознава како нешто што е илегално. За нас како здравствени работници важно е што предизвикува штета, дали тоа е легално или илегално не ни е толку важно. Со тоа се занимава царината и полицијата, кои се грижат за намалување на понудата. Ние се занимаваме со намалување на побарувачката.

Кога зборуваме за намалување на побарувачка, може да зборуваме за илегални дроги, но и за легални дроги, што значи секоја супстанција што може да предизвика зависност е проблем. Тоа може да се кај децата цигари, алкохол, таблети, лекови кои се даваат без рецепти. За децата сето тоа е достапно.

На 16 години кај децата, достапноста како за легални, така и за илегални супстанци, не е тешка. Конвенцијата за заштита на децата вели дека ние мора да ги преземеме сите мерки и активности за да ги заштитиме децата од употреба на супстанција. За жал, тоа не функционира 100 посто.

Во некои земји поголем процент функционира, во нашата земја за жал не функционира така добро. Среќаваме и на улиците деца кои пушат цигари, консумираат алкохолот иако има некои превентивни мерки да не се продава под 18 години … Сепак е достапно тоа. Ако отидете во нашиот парк, ќе видите дека е достапно тоа.

Колку во таа насока е важна превенцијата и едукацијата? Како родителите да постапуваат? Треба ли да развијат младите да развијат вештини како да кажат не?

Проф. Д-р Лилјана Игњатова Родителите постапуваат онака како што најдобро умеат и како што знаат. Превенцијата е многу важна. Ние сите тоа го знаеме.

Кај нас немаме системска превенција, немаме стандарди за превенција. Тоа не е тешко да се изработи, за жал не го изработуваме. На хартија немаме лоша стратегија. Акцискиот план не е лош. Таму стојат прашањата дека треба во системот на образование да се вклучи министерство за образование, Агенција за млади и спорт, здравството. Но, за жал, во стратегијата за образование, не се ни споменува вакво нешто. Во стратегијата за спорт и млади се вели дека треба да се заштитат од ризично однесување, па во заграда подразбира тутун, алкохол, дрога и насилничко однесување во училиштето.

Кај нас често се прави превенцијата да е како некој замислува или што тој мисли. На ваков начин се прави повеќе штета отколку корист. Не само затоа што се трошат парите и ресурсите, туку затоа што тие ресурси нема да дадат никаков превентивен одговор, односно и затоа што може да направат поголема штета.

Ние во извештаите рапортираме дека се случуваат едукации на учениците за оваа тема. Цел свет знае дека информацијата сама за себе, не прави превенција. Во светот ги евалуирале програмите.

Знаете како, таквите програми воопшто не даваат резултат, ако вие им давате само информација на децата. Децата имаат некогаш повеќе информации и од оние кои предавачите им ги кажуваат. За да правите превенција и таа да биде ефикасна, треба да правите не само информација и едукација, треба да работите со нивните ставови, во мали групи. Треба да имате вештина за групна работа.

Превенција е посебна наука и треба да се вложува во неа. Децата и родителите треба да имаат одредени вештини. Како да се одбие, како да се каже не. Многупати дрогата, раното сексуално искуство, почнале заради тоа бидејќи децата не знаат да кажат не, особено кога децата цел живот ги учат да не викаат не, послушај го тој е возрасен, треба да бидеш умен.

Потоа ќе дојде во адолесценција, па ќе му викаат сега ќе кажеш не, а е воспитуван и учен дека треба да е покорен и послушен, не сме да каже не, благодарам.

Притисокот од врсниците е сериозен предизвик. Да ве прифатат врсниците значи дека вие добивате награда. Тоа е задоволство и среќа во мозокот, затоа што врсниците ве прифатиле, ќе бидете спремни да прифатите сè за да припаѓате во групата. 55% од децата соопштуваат дека првото искуство било поради притисок од врсниците.

Родителите исто така треба да имаат комуникација со децата. Многу од физичките симптомите се преклопуваат со симптомите на адолесцентите, не мора да значи. Родителите не треба да бидат полицајци, треба да ги надгледуваат децата. Треба да ги следат, но следењето треба да оди преку разговор. Да не го осудува и да го разбере. Родителот треба да го знае друштвото, да ги покани дома, да се дружи со младите.

Колку на лицата коишто се зависници, стигмата и стереотипите им го отежнуваат и решавањето на проблемот и живеењето на животот?

Проф. Д-р Лилјана Игњатова Стигмата придонесува, превенира од барање помош. Превенира од барање работа. Стигмата кај нас и во светот е доста присутна.

При едукација на факултетите каде што треба за тоа да се предава, учи, испитува, кај нас ги избегнуваат комисиите каде што има диктолог за да не биде испрашуван односно за да не ја научи таа лекција или проблематика. Еве јас сум во комисија за специјализанти, оние што треба да специјализираат психијатрија, со години таа комисија не паѓа. Специјализантите велат ако ве видиме вас во комисија, тоа значи дека треба да го учиме тоа, ако вас ве нема, ние тоа не го учиме. И тоа е стигматизација, тој дел од науката не треба да се знае, ќе ја избегнеме комисијата, нема да учиме.

Документарен магазин Приказна

Во здравство и психијатриските одделенија каде зависноста треба да се третира ние имаме стигматизација. Градска општа болница има напишано доколку лицето зема терапија за лекување на зависност од хероин, не може да биде примено на психијатриско одделение. Прават разни бариери за тие лица. Во Градската општа болница не може да се лекуваат лица од други општини. Сите болести може да се лекуваат, на сите граѓани од овој град од што и да е болен, но ако е зависник таму не може, па дури и неговата оппштина да е на еден/два километри поблиску до таа болница, отколку до Кисела Вода, каде на пример од Сарај треба да помине покрај Градска болница и да оди во Кисела Вода. Со тоа се превенира да дојдат пациенти кои се можеби со попроблематично однесување, понизок стандард, криминално досие.

Некои од специјализантите ја поистоветуваат зависноста со хомосексуалноста, па велат тоа не е болест. Тоа е болест на мозокот. Кога тој што треба да го учи го кажува тоа, што ќе произведеме, каков кадар ќе произведеме? Ние немаме терцијарна служба за оваа проблематика. Примарна не сака да се вклучи, терцирајална не сака, секундарна се на една рака кои работат со оваа проблематика. Сите штети од проблематичната употреба се шират и на другата популација, па и таа не може да остане имуна.

Криминалот е последица на употребата на супстанција, на неправењето превенција и третман. Ние направивме трансплантација на срце во државава, но со програмите за зависности, останавме од 79-80 година од минатиот век. Не се поместивме.

Немаме програми за зависничко однесување, за видеоигри, за коцка, немаме за кокаин. Приказната на супстанцата е брза, ако не ја следите, немате добро јавно здравје. Имате висок криминал, полни затвори со лица кои употребуваат супстанција, повторно се жртви на наркомафијата, а тие се лишени од слобода. Ако едно дете кое употребува супстанца не се лекува, тоа ќе произведе со својот притисок 4 нови лица.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,513FansLike
3,140FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ