4.8 C
Skopje
Wednesday, November 30, 2022
spot_img

Постпородилна депресија ги погодува и татковците

Доаѓањето на новиот член во семејството, носи низа емоции кај двајцата родители. Од чувство на радост, среќа, возбуда, па сè до страв, анксиозност кои доколку траат долго, можат да преминат и во депресија. Честопати зборувајќи за постпородилната депресија која вообичаено се јавува кај мајката, го забораваме фактот дека неретко и на таткото му е потребна поддршка во целиот тој процес. Недостатокот на сон, грижа за обезбедување дополнителни средства во домот, нова одговорност или самата промена во врската, се ситуации кои може да доведат до појава на оваа состојба.

Постпородилната депресија кај татковците најчесто се појавува во првата година, односно во првите 3 до 6 месеци од доаѓањето на новиот член во семејството. Новите родители кои за прв пат се соочуваат со оваа улога се посебно ранливи. Слично како кај мајките, и кај татковците овој тип на депресија најчесто останува недијагностицирана. Хормонските промени кои настануваат, можат да ја зголемат веројатноста за постпородилна депресија кај татковците. Најчесто, овие промени се појавуваат во хормоните: тестостерон, естроген, кортизол, вазопресин и пролактин.

Честопати постпородилната депресија кај таткото е поверојатно да се случи кога таа се јавува и кај мајката. Според некои истражувања, татковците помлади од 25 години почесто поминуваат низ постпородилна депресија од повозрасните. Сепак, староста не претставува единствен фактор кој влијае на оваа состојба. Други фактори кои може да влијаат на оваа појава се претходна историја со депресија и анксиозност, финансиски притисок, чувство дека немаат поддршка од партнерот. Симптоми кои може да се појават се: страв, збунетост, беспомошност и неизвесност, повлекување од работа и социјални ситуации и активности, неодлучност, фрустрација, раздразливост, цинизам и бес, несоница, употреба на алкохол, негативно родителско однесување, како и физички симптоми кои вклучуваат лошо варење на храна, промена во апетитот, дијареја, главоболка и сл.

Доколку препознавате некои од симптомите кај себе или мислите дека се соочувате со оваа појава, најдобро е да се консултирате со стручни лица кои со терапија или разговор би ви помогнале да ја надминете оваа фаза. Партнерско советување исто така може да биде корисно. Најважно е да бидете искрени со себе и своите чувства. Поддршка и помош секогаш може да побарате.

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,818FansLike
1,514FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ