26.8 C
Skopje
Saturday, April 13, 2024
spot_img

Маја Атанасова: Во страв да не ја изгубат работата, вработените остануват жртви на мобинг

Како Законот за работни односи го дефинира поимот мобинг?

Маја Атанасова Законот за работни односи опфаќа неколку члена во кои го разработува мобингот или вознемирувањето на работно место. Точно е објаснето дека вознемирувањето може да биде психичко и полово. Овој закон предвидува дека вознемирувањето на работно место претставува дискриминација, но проблемот со дефиницијата е што таа е преконкретна односно кажува дека вознемирувањето треба да се случува во еден период од најмалку 6 месеци.

Ова не е случај со Законот за заштита од вознемирување на работно место, кој е посебен закон во кој целосно се опфаќа целата постапка за заштита од вознемирување, се опишуваат видовите на вознемирување и постапката која лицето кое се чувствува вознемирено, треба да ја спроведе.

Вознемирувањето само по себе содржи неколку елементи. Станува збор за непријатно, непосакувано однесување од друго лице кое може да биде психичко, вербално, невербално, физичко, односно однесување кое на различни начини прави лицето да се чувствува непријатно, да се чувствува загрозено, неговиот углед да биде загрозен, лицето да чувствува страв за работното место, а целта е покрај сето ова е лицето да се откаже од своето работно место или да поднесе отказ.

Што е мобингот како може да се препознае?

Маја Атанасова За нас како обични луѓе веројатно е многу чудо како да препознаеме дека некој толку многу ни влијае за ние да се почувствуваме повредени. Можеби во еден дел е и личен пораз кога треба да признаеме дека нешто вакво ни се случува. Но, за жал чести се ситуациите во кои мобингот се случува.

Ние како општество можеби сме малку повеќе склони кон тоа да подвикнеме, да се осудуваме и самите себе и таквиот начин да го пренесеме во секојдневната комуникација, но мобингот има често негативни влијанија врз психо – физичкото здравје на работникот и важно е да се препознае. Одредбата дека вознемирувањето треба да се случува во еден период од најмалку 6 месеци, во Законот за заштита од вознемирување ја нема.

Во овој момент се изготвува нов закон за заштита од вознемирување на работно место, каде што повторно ваквата дефиниција нема да ја има. Мобингот се очекува да биде некакво систематско дејство ќе значи тенденциозно внимание врз човекот, но, не мора да значи дека мора да биде 6 месеци. Може да биде и пократок временски рок, но интензитетот да е доволно силен да токму тоа е причината зошто некој напуштил работно место.

Законот не се однесува само на лица кои се вработени. Тука се вклучени и волонтерите, лицата кои се ангажирани со други договори, практиканти. Сите лица кои се наоѓаат во работната средина може да бидат жртви на мобинг. Треба да ги пријавуваат овие работи, треба да ги забележат и треба да ги побараат своите права согласно постапката која следува.

Колку работниците кај нас се охрабруваат да пријават мобинг?

Маја Атанасова Сè повеќе го препознаваат. Сè повеќе знаат да се јават и да прашаат дали е ова мобинг што ми се случува. За жал, не многу често постапката продолжува до крај. Тие се јавуваат, им објаснуваме дека станува збор за елементи на мобинг, процедурата е доколку не станува збор за директорот на компанијата, туку е некој кој е на ваше ниво или едно ниво над вас, има постапка која секоја компанија треба да ја следи. Таа постапка е дека јас како работник можам да поднесам до лицето коешто е назначено во компанијата барање за посредување при решавање на проблем со вознемирување на работното место.

Се назначува едно лице кое е медијатор и се пробува да се реши проблемот помеѓу нас. Доколку не сме задоволни од исходот или доколку работодавецот одбие да ја спроведе оваа постапка, одиме на суд. Кај нас ретко луѓето прифаќаат да ја поведат оваа постапка. Претпоставуваме дека ова е така затоа што луѓето се плашат дека таквата одлука би значела дека тие ќе загубат работно место, се плашат дека може ќе имаат други последици од страна на работодавецот.

Ги охрабрувам сите дека законот за заштита од вознемирување на работно место и законот за работни односи ги штитат луѓето во вакви ситуации и не смеат да бидат жртви на натамошни дејствија само поради тоа што повеле ваква постапка.

Дали вработените во приватните сектори помалку се осмелуваат да пријават мобинг?

Маја Атанасова Кај нас повеќе се јавуваат луѓе од приватниот сектор. Ние немаме многу контакт со луѓето кои работат во јавниот сектор. Она што може да кажеме е дека луѓето ја препознаваат состојбата, но тешко се охрабруваат да одат понатаму.

Зошто толку тешко се докажува мобингот на работно место?

Маја Атанасова Битката со новиот закон е да се направи постапка која ќе биде лесна и прифатлива за сите, нема да биде опфатена со многу докази, нема да биде со администрација која ќе биде претешка за еден работник да ја спроведе самиот. Мора да имаме начин како ќе се докаже сето тоа.

Она што го бараме е институциите и телата во системот да сфатат дека не е обврска на работникот да докаже дека мобингот се случил, туку веќе кога сметам дека сум жртва на мобинг, обврската на другото лице е да докаже дека не правело мобинг врз мене. Таа е битката која сакаме да ја извојуваме. Ова сметаме дека ќе биде добар чекор за сите бидејќи не ослободува од позицијата да се правдаме за тоа што не се чувствуваме добро.

Многу е битно работниците да пријавуваат, бидејќи колку повеќе пријавуваат ние може да работиме со работодавците да ја сфатат улогата во системот и да изградат механизми за ефективна заштита на своите вработени. Во прилог на работодавецот е да има среќни и задоволни вработени.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,231FansLike
2,800FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ