8.8 C
Skopje
Wednesday, October 5, 2022
spot_img

Мажи на породилно отсуство, можност која влијае врз женското лидерство

Прашањата за родот и различностите во организациите неразделно се разгледуваат. Истражувачите, практичарите и работодавците признаваат дека жените претставуваат поголем процент од работната сила. Уште поважно, овој раст постои на сите нивоа на организациската хиерархија.

Концептот на родова еднаквост е извонредно важен индикатор за општествениот напредок со кој може да се мери и оцени нивото на еманципација на едно општество, односот на тоа општество кон жените и нејзините родови улоги. Жените се помалку застапени на раководни позиции и ден денес родовата нееднаквост и нееднаквите можности помеѓу мажите и жените се глобални феномени, коишто не ги одминуваат ни најразвиените модерни демократски општества.

Мислам дека културолошките норми се една од водечките причини, но едноставно и начинот на којшто нашето општество ги прифаќа или третира жените кои се на лидерски позиции, смета Жаклина Гештаковска Алексовска, специјалистка за родова еднаквост во програмата за развој на УНДП. Според неа, во културолошките норми ги подразбираме и обврските коишто им припаѓаат на жените, можеби 73 проценти од целокупната неплатена работа во семејството и домот отпаѓа на жената и тоа е огромно време коешто жената мора да го посвети, бидејќи ако таа не го направи тоа, тие работи би останале незавршени. Многу е важно и споделувањето на родителското отсуство, кај нас има многу мал број мажи кои се одважиле да земат родителско отсуство и да бидат во домот заедно со сопругата или со партнерката.

Во глобални рамки, бројот на жените на работни места (женската партиципација во работната сила) е видно зголемен во последните четири децении. Сè повеќе жени успеваат да стигнат до позиции на управувачи и лидери. Сепак, и покрај законите во многу земји во насока на унапредување на правата на жените и овозможување на нивниот пробив кон врвот на компаниите, феноменот на „стаклениот плафон” продолжува. Сведоци сме дека во врвот на Европската Унија се токму женските лидери и тоа е предизвик не само за женскиот род, туку и за целокупната состојба.

Метафората на „стаклениот плафон” укажува на бариерите на предрасуди и дискриминација, што ги исклучува жените од високите лидерски позиции. Опишано од Меrchant (2012), стаклениот плафон покажува дека иако жените може да се пробијат преку влезната врата на управувачката хиерарxија, во одреден момент тие се спречени од невидливи бариери за да се движат на повисоки позиции.

Јазот во платите во нашата држава со последното истражување изнесува 17,9% на штета на жената. Сè уште се водиме според застарените принципи дека мажот треба да ја храни фамилијата и да носи средства дома, затоа се и помали платите кај жените на раководни позиции. Едноставно се смета дека жената ќе ја заврши добро работата и за помал надомест, затоа што таа е таа која се докажува, додека пак мажите се на позиција – докажани.

Споделувањето на обврските во домот, во семејството и воопшто во грижата, сето она што паѓа врз грбот на жената и нивното споделување и мерките и политиките коишто можат да придонесат тоа да биде позастапено е од клучно значење за да жените можат да се ангажираат и да бидат вклучени и да успеат на овие лидерски позиции, смета Гештаковска Алексовска.

Во Стратегијата за родова еднаквост 2020-2025 на ЕК се истакнува важноста на зголемувањето на учеството на жените на пазарот на трудот за целокупната економија и се препорачува имплементација на минимум стандарди за еднаква распределба на одговорностите во домот од Директивата за рамнотежа помеѓу домот и работата. Се препорачува имплементација на мерки за поттикнување на жените како инвеститорки и претприемачки и надминување на родовиот јаз во платите и пензиите.

Документарниот магазин Приказна, посветен на женското лидерство

Жените лидери ги надминуваат своите машки колеги, покажуваат бројни истражувања, при што односот  и комуникацијата со вработените се издвојуваат како вештина која на жените лидеи им лежи повеќе. Според најопсежното истражување направено од агенцјата Галуп, жените  лидери се одлични во односот и комуникацијата со вработените, што потоа резултира со поголеми перформанси.

Науката покажува дека жените имаат тенденција да бидат ефективни лидери. Истражувањата укажуваат дека очекувањата од жените лидери се поголеми споредбено со нивните машки колеги, но и задоволствата од постигнатите ефекти на жените лидери се поголеми.

За Приказна,

Бранка Чочкова

Ване Маркоски

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,651FansLike
1,466FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ