12.8 C
Skopje
Thursday, September 29, 2022
spot_img

Магијата на храната води до вашето срце

Валентина Вања Тодоровска цели 25 години работи како новинар. Вања има свој портал „7дена.мк“ каде доминираат темите поврзани со храната за душата, ама и за телото. Таа беше дел од проектот Слоу Фуд гостилници, каде е автор на текстовите од прирачникот.

Нема достапен опис
Прирачник Слоу Фуд гостилници

„Доколку сите тргнеме од приказната дека го сакаме она што е наше, а го сакаме и ако се потсетиме колку нашата храна е бренд и амбасадор на земјата, се разбира дека треба да продолжиме да ги истражуваме традиционалните вкусови, само може повеќе да бидеме отворени за тие нови вкусови, вели во интервју за „Приказна“, Вања Тодоровска.

Приказна: Како почнува вашата заедничка приказна со храната, со која и денес имате блиска врска?

Тодоровоска: Приказната со храна почна од „Утрински весник“, каде седум години пишував рецензии за храна, одев по ресторани за да оценувам вкус и гостопримство. Тоа беше нешто што ме раздвижи и сфатив дека живееме во време кога храната станува тренд. Се’ повеќе се грижиме за храната, станува естетика, социјалните мрежи за тоа придонесоа доста. Јас така чекор по чекор, почнав да навлегувам малку посериозно, во меѓувреме станав член на „Слоу Фуд“, а таму се пронајдов себеси, бидејќи „Слоу Фуд“ значи, не само „Слоу Фуд“ храна, која настанала како спротивставување на она што значи брза храна, туку дека и јас сум „Слоу Фуд“ по раѓање, значи сакам да готвам, тоа да е споро, да ги собирам луѓето на маса, таа софра да создава убави приказни.

Приказна: Кои кујни имаат силно влијание врз нашата македонска кујна?

Тодоровска: Македонската кујна е шарена и интересна. Тука се вкрстуваат сите балкански земји, ама и благо кокетирање со запад. Како преку храната се среќава Балканот, така западот се вљубува во тоа, па секој којшто доаѓа во Македонија секогаш заминува со нешто поврзано со храна. Еве да речеме кисела зелка. Тоа е приказна поврзана со сите поранешни „ЈУ“ простори. Мислам дека во декември и јануари цела Македонија мириса на сарми. Најмногу влијание имаме од Отоманската кујна и тука се сите тие работи коишто те тераат на хедонизам, почнувајќи од благите работи, па до солените, меѓутоа ние си внесовме наш белег во сето тоа. Имаме рецепти коишто во денешно време, секоја девојка наместо чеиз, треба да си ги земе во една тетратка од баба и.

ПРИКАЗНА – ЕП.16 – Македонска традиционална кујна

Приказна: Дали македонската гастрономска сцена доживува подем?

Тодоровска: И тоа каков…Оваа сцена доживува ренесанса. 2019 на пример се случуваше 4-то издание на Гастромак, каде се здружија 150 земји, со исто толку натпреварувачи кои ги презентираа кујните на своите татковини, а ние бевме домаќини и со тоа Македонија се најде на гастрономската мапа на светот. Тоа што е сега важно и убаво е приказната поврзана со „Слоу Фуд“, приказна да се зачува традицијата, сето тоа да се спакува на современ начин, да ги најдеме старите рецепти, да им ја тргнеме пајажината, да ги светнеме и да биде тоа за секаде каде што би оделе, тоа е нешто наше, нашиот бренд.

Приказна: Кои македонски традиционални рецепти паѓаат во заборав?

Тодоровска: Ако почнеме да истражуваме низ Македонија, во секој град, сигурна сум дека има јадење кое паѓа во заборав. Еве сега ми падна на ум, во Кочани има едно интересно јадење се вика „Лапа“, комбинација на ориз и афион. Тоа е нешто пресовршено. Кога идеме во Охрид јадеме „Џомлезе“. Во Битола јадеме „Џкембе чорба“, „Буковец“ е од Кратово, „Орасниците“ потекнуваат од овој регион. Треба да сакаме да го искористиме времето за да секој патува и да истражува јадења. Секаде има приказна со храната која ќе ве натера повторно да отидете.

Приказна: Може ли да се помогне во Македонија да се негуваат традиционалните рецепти?

Тодоровска: Доколку сите тргнеме од приказната дека го сакаме она што е наше, а го сакаме и ако се потсетиме колку нашата храна е бренд и амбасадор на земјата, се разбира дека треба да продолжиме да ги истражуваме традиционалните вкусови, само може повеќе да бидеме отворени за тие нови вкусови.

Можно е да е слика од 2 луѓе, вклучително Vanja Todorovska и книга
Од промоцијата на Слоу фуд гостилници во кафе книжарницата „Литература“

Вања е дел од тимот кој го изготви првиот водич на Слоу фуд Македонија, прирачник за добра и автентична храна во интересни гурмански објекти кај нас насловен како „Слоу Фуд гостилници“. Овој проект ја пресликува традицијата и ги применува принципите на современата кујна, го почитува старото што се сервира во новото, правејќи вкусна симбиоза од минатото и иднината. Водичот го претставува гурманското богатство на 17 интересни гостилници во нашата земја, што ја промовираат регионалната кујна, локалните вкусови и нашиот гастрономски идентитет.

Знак на распознавање е црвеното полжавче што се наоѓа на вратите на локалите а тоа потврдува дека потеклото на храната е локално, високо квалитетно и произведено од малите фармери и занаетчии. Полжавчето ќе ви биде патоказ кон местата каде добро се јаде и пие, дека токму таму има мени-репрезент на локалната кујна што обезбедува одличен квалитет и фер цени во менито.

За Приказна,

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,649FansLike
1,468FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ