Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) апелира граѓаните кои се позитивни на Ковид 19, да не прифаќаат лекување во домашни услови, ако за тоа не се изјасни матичниот лекар и задолжително да побараат пишан документ за терапијата и начинот на лекување.
Според директорката на инспекторатот д-р. Ирина Бухова, апелот го упатуваат со цел да ги заштитат граѓаните и нивното здравје.
Инспекторатот известува дека добиле претставка од здравствен работник, за починато лице инфицирано со Ковид 19, кое по утврдената дијагноза од матичен лекар, по 14 дена од инфекцијата, дошло во Ковид центар, во многу лоша здравствена состојба и починало неколку часа по приемот.
Блиски родини на починатото лице, откриле дека починатото лице било лекувано седум дена во домашни услови со инфузиона терапија, наведувајќи ги точните називи на лековите кои биле давани. Овие податоци ги потврдил во писмен допис и здравствениот работник кој извршил прием на пациентката каде починала.
Според сите законски прописи, испекторите од ДСЗИ, веднаш по преставката на здравствениот работник, излегле на терен и утврдиле дека матичниот лекар на пациентката и препишал само таблетарна антибиотска терапија. Пациентката потоа не побарала преглед или совет од матичниот лекар, а не е познато кој и дал терапија без притоа да остави некаков пишан документ или извештај, на сега веќе починатата.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат случајот го пријави во Министерството за внатрешни работи.