19.8 C
Skopje
Friday, April 12, 2024
spot_img

Ирена Спирова Коваческа: Битката со ендометриоза, не е лесна

Ми беше тешко да одам на факултет, изостанував. Не можев да функционирам како претходно. Квалитетот на живот ми се промени. Една недела во месецот бев на таблети или прашоци против болки и повторно не можев да функционирам како што треба. Редовно и често одев на контроли. Ендометриозата не се дијагностицира лесно, ја сподели својата лична приказна, Ирена Спирова Коваческа – пациентка со ендометриоза.

Каква беше Вашата приказна, вашето искуство со ендометриоза?

Ирена Спирова Коваческа – Првично не бев свесна дека се соочувам со ендометриоза. Мислев дека имам нормални симптоми. На почетокот моите циклуси беа нормални, можев да тренирам, бев спортистка која не задоцнила на тренинг, а не пак да пропушти. Подоцна тренинзите почнаа да стануваат сè потешки.

Ми беше тешко да одам на факултет, изостанував. Не можев да функционирам како претходно. Квалитетот на живот ми се промени. Една недела во месецот бев на таблети или прашоци против болки и повторно не можев да функционирам како што треба. Редовно и често одев на контроли. Ендометриозата не се дијагностицира лесно.

Мислам дека две години не знаев што точно лекувам. Пиев хормонални таблети заради хормонален дисбаланс. Откако видоа дека веќе почнуваат да ми се појавуваат и цисти, тогаш ми предложија операција. Се сомневаа на ендометриоза, не сè уште не беа сигурни според параметрите на испитувањата …

Ја направивме првата операција, а после неколку месеци морав да направам уште една затоа што ендометриозата ми го зафатила и бубрежниот канал. Откако ја завршив втората операција квалитетот на живот многу ми се подобри. Втората операција беше потешка, подолго време се опоравував. Но, од тогаш наваму барем со таблети против болки како и многу девојки и жени можам да одам на работа, можам да си ги завршувам секојдневните обврски. Претходно т.е. пред да го решам оперативно тој проблем беше многу тешко во деновите кога имав месечен циклус.

Како се чувствувавте откако Ви ја поставија дијагнозата и како себеси си помогнавте со начин на исхрана и физичка активност?

Ирена Спирова Коваческа – Влијаат и физичката активност и исхраната, и начинот на живот. Потребно е да се зема терапијата која ја пропишал гинекологот.

Во мојот случај, малку доцнев зашто не знаевме со што точно се соочуваме. Малку подоцна откривме и веќе бев за оперативен зафат. Докторите објаснуваат дека не се знае ни зошто настанува ендометриозата, ниту зошто се повлекува. Кога ќе Ви дадат информација дека се соочувате со тоа и дека треба да Ве подготват за операција, никому не му е сеедно. Ако ставиме на вага, се исплати. После операција немав болки, мачнини, нагони за повраќање и сè што носи ендометриозата. Само првично е шок и разочарување, стресно е, но треба да го прифатите.

Документарен магазин Приказна

Ендометриозата не треба да биде табу-тема. Кој и да е здравствен проблем кога ќе го прифатиме, многу е полесно да се соочиме со него. И јас прифатив, се соочив со состојбата, ги поминав двете операции и оттогаш ми е многу подобро.

Порачувам секој што има здравствен проблем да не се плаши, да не одложува прегледи. Се работи за дваесетина дена кои ќе поминат, а потоа ќе се врати квалитетот на живот.

Кои се Вашите совети за оние што во овој период се соочуваат со поставување дијагноза?

Ирена Спирова Коваческа – Мене многу ми помогна што разговарав за мојот проблем. За мојата ситуација знаат и мои пријатели, колегите, всушност сите околу мене знаат за мојот проблем за да ме разберат во одредени ситуации. Доколку зборувате, Вашето искуство може да му помогне на некој друг и туѓото искуство може да Ви помогне Вам. Би препорачала да се внимава на исхраната, да се слушаат советите од лекарите, битна е и физичката активност, терапијата да се зема редовно и одговорно. Читајте, разгледувајте, имајте предвид и туѓо искуство и совети од доктори и ќе се подобрат симптомите кои ги носи ендометриозата т.е. ќе се намалат.

Дали животот со ендометриоза може да има нормален тек?

Ирена Спирова Коваческа – Јас во моментов функционирам како секоја друга девојка. Претходно навистина кога бев во болки не можев да функционирам, сега е сосема поинаку.

Наташа Јанкулоска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,229FansLike
2,744FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ