15.8 C
Skopje
Thursday, May 26, 2022
spot_img

Интервју Учета Дузлевска: жените во пандемијата брзо, одлучно и успешно креираат политики

Жената како жена е предефинирана да биде посветена на семејниот живот, на растење на децата, на грижа за домот и тие стереотипи сè уште постојат и сè уште се прифатени. Она што радува во последно време е дека жената ја добива својата соодветна улога во економскиот живот, стопанството и општествениот свет. Потребен е оној баланс кој се очекува од жената и како клучна улога во развивање на семејниот свет, вели во интервју за Приказна, Вилма Учета Дузлевска – извршна директорка на осигурителната компанија Триглав

Приказна Во светски рамки женското лидерство е во подем, но сепак, податоците кај нас, укажуваат дека мал број жени се наоѓаат на лидерски позиции. Каде е проблемот?

Учета Дузлевска Ова прашање има малку подлабоки корени и би требало да го погледнеме и од аспект на културолошкото опкружување, за да се сменат некакви корени потребно е време, потребна е волја и секако оние чекори кои се прават во целокупното опкружување. Определени законски измени кои им даваат поголеми можности на жените за вклучување во економскиот живот се добри чекори, но сепак уште еднаш би рекла дека е потребно време да се сменат одредени стари навики, сфаќања за местото и улогата на жената и во економскиот живот, но и во семејниот свет.

Приказна Според истражувањето на Галуп кое е најобемно од аспект на испитаниците, жените лидери многу успешно се справуваат комуникикацијата и поврзувањето со вработените за разлика од нивните машки колеги. Емотивноста се издвојува како карактеристика која оди во прилог на ова истражување. Колку сметате дека емотивноста придонесува жените како лидери да се справуваат во односите и комуникацијата со вработените?

Учета Дузлевска Јас лидерот не би го издвоила како посебно машка или посебно женска улога иако знаеме дека лидер или е роден или е стекнат, никако таа улога не би ја ставила како привилегија на полот. Емотивноста е важна карактеристика, но од моето искуство, од опкружувањето кое јас го гледам – жените лидери не носат емотивни одлуки, баш спротивно – носат силни, мудри, стабилни одлуки кои не се засновани на емоционални одлуки, туку пред сè би рекла на рационално размислување, поволност да се донесе некаква одлука и секако право време да се реагира.

Приказна Сметате ли дека емотивноста злоупотребена од оние што сметаат дека жените не можат да бидат лидери?

Учета Дузлевска Повторно би се вратиле на тој културолошки пристап. Жената како жена е предефинирана да биде посветена на семејниот живот, на растење на децата, на грижа за домот и тие стереотипи сè уште постојат и сè уште се прифатени. Она што радува во последно време е дека жената ја добива својата соодветна улога во економскиот живот, стопанството и општествениот свет. Потребен е оној баланс кој се очекува од жената и како клучна улога во развивање на семејниот свет.

Приказна Колку сме подготвени да имаме жена лидер, какво е вашето лично искуство, дали тоа Ви било пречка, Ве прифакале ли полесно?

Учета Дузлевска Има еден, за мене поразителен податок, којшто покажува дека од сите компании во Македонија коишто котираат на берза, жени на челна позиција се безмалку 4 проценти. Тоа е податок на којшто како општество треба дополнително да работиме ако сакаме да се доближиме до просеците на Европската Унија.

Јас лично, од моето искуство, не сум почувствувала каков било стереотип да се одрази врз развојот на мојата кариера, на моето работно опкружување, но секако знам примери каде успешни жени се поистоветуваат со агресивност, со занемарливост на семејниот свет. Тоа е еден „стаклен баланс“ којшто е потребно ние како жени да го пробиеме. Постои она уверување дека ние жените многу тешко се искачуваме до последното скалило во хиерархијата, меѓутоа сè повеќе гледаме примери на жени поставени на челни позиции во компаниите и тоа е факт што радува. Потребно е да се сменат неколку генерации за да може ние жените да се ставиме на пиедесталот којшто го заслужуваме и од аспект на жени во бизнисот, но и од аспект на семејниот живот.

Приказна Во светот, жените лидери се еднакви со мажите лидери или барем се прават такви настојувања, при што се прават закони кои овозможуваат жените и во семејниот живот да немаат бариери со кои се соочуваат. Таткото да биде рамноправен партнер во тој однос. Еве и кај нас има такви настојувања со закон тоа да се стимулира, но како е реално?

Учета Дузлевска Самите бројки кои претходно ги споменав многу зборуваат во тој поглед, и самите рековте дека во ЕУ со помош на закони и нормативи е уредено учеството на жената во високи хиерархиски структури во деловното опкружување. Во ЕУ ние можеме да зборуваме за некакви процеси од 30-40 проценти, но, тука знаеме дека се движат од околу 4-5 отсто.

Мислам дека имаме доста работа во тој домен, а секако законските решенија се добредојдени, меѓутоа не гледаме доволно често нивна примена. Зошто?! Мое мислење дека една од причините за тоа е дека жените треба да бидат повеќе охрабрени и во кругот на своето семејство и во рамки на општеството, да бидат похрабри, да преземаат похрабри чекори и од претприемачки аспект и од аспект на прифаќање на сите тие можности кои ќе им се создадат за да заземат некои клучни позиции во бизнис светот.

Вилма Учета Дузлевска – извршна директорка на осигурителната компанија Триглав

Приказна Вмрежувањето и менторирањето се во подем, особено во ЕУ, сè со цел да се поттикне женското претприемништво и женското лидерство. Кај нас не успеав да пронајдам менторски практики преку кои би се вмрежило знаењето и би се пренесувало кај жените лидери. Зошто?

Учета Дузлевска Целосно се сложувам со вас и за жал кај нас немаме сретнато добри примери на менторство во тој дел, а она што го знаеме од литературата и од начин на поставеност на големи корпорации во нивните хиерархиски структури, дека стигнувањето до тие највисоки позиции, секако претходно бара определено менторско водење, знаење и искуство. Како пракса ова го поддржувам многу, секако во тие чекори и аспирации ние како земја во иднина би го правеле, сите тие практики на менторство, на водење, на учење се добри и добредојдени и максимално поддржувам нивна примена.

Приказна Какво е вашето искуство, како Вие се снајдовте со пандемијата како жена – лидер. Што Ви беше посебен предизвик – како да им излезете во пресрет на вработените?

Учета Дузлевска Мислам дека светот се соочи со еден голем предизвик којшто на сите нас ни создаде едно ново опкружување, една нова непозната средина и се бараше доста голема умешност за секој од нас да се справи со тоа. Би се сложила дека особено во деловниот свет се појавија предизвици кои не беа лесно да се надминат.

Предизвикот од тоа дали вработените треба да доаѓаат на работа, како ќе се организира работата од дома, како ќе се организира семејниот живот дома, затоа што и училиштата беа затворени. Сето тоа беа определени делови, кои беа тешки да се изменаџираат. Меѓутоа, по самата природа, жените се оние кои носат поодлучни одлуки и во таа констелација јас би ја поврзала и Вашата констатација – дека релативно добро успеавме да се снајдеме и во деловното опкружување, во носење на добри деловни резултати, меѓутоа и сето она што подразбираше продолжување на еден живот во новото нормално.

Документарен магазин Приказна посветен на женското лидерство

Приказна Каква е родовата еднаквост од аспект на плати во Вашиот сектор, дали постои еднаквост или постои одреден јаз?

Учета Дузлевска Во поглед на платите, мажите и жените во нашето општество не се изедначени. Тука имаме еден јаз од 20-30 проценти којшто е обратнопропорционален на степенот на образование. Ние на возраст од 29-49 години имаме повеќе високообразовани жени од мажи, но кога тие податоци би ги ставиле во корелација со платите, гледаме дека ситуацијата е обратна. Ова е уште еден знак дека мораме да работиме на поставување на жената подлабоко во структурата на економскиот живот, на давање поголеми шанси за развој за добивање на менаџерски позиции.

За осигурителниот сектор би рекол дека има добра пропорција за поставување жени на челните позиции и би кажала дека можеби е еден од ретките каде што дури 30 проценти од челните позиции ги имаат жени. Меѓутоа би го ставила тоа во корелација со сите оние бранши каде што учеството на жените во хиерархиската поставеност е подобра, односно во финансискиот свет, во информатичката технологија и би кажала дека сите оние бизниси кои даваат шанса на жените да самостојно ги развиваат, тука би ги вклучила и семејните бизниси, каде што имаат повеќе шанса да се искачат на челните позиции.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,391FansLike
1,403FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ