20.8 C
Skopje
Thursday, September 29, 2022
spot_img

Интервју Трајановска: Сајбер силеџиството кај децата води кон гнев, лутина, засраменост

Ако детето доживее сајбер малтретирање, пожелно е родителот веднаш да пружи поддршка и внимание. Во пракса добро се покажува кога родителот му споделува на детето некое слично искуство од неговото детство, може само да придонесе детето да се почувствува помалку осамено при вакво искуство. Добро би било и да му се укаже на детето дека не е тоа самото виновно за она што се случило, туку го карактеризира оној што се наоѓа од спротивната страна, а не и жртвата во случајот-изјави психологот Јасмина Трајановска во интервју за Приказна.

Приказна Дали пандемијата предизвикува дополнително чувство на вознемиреност, страв и влијае на менталното здравје?

Трајановска Вонредната состојба што се наметна, по прогласување на пандемија од Ковид-19, предизвика стрес кај луѓето и семејствата, воопшто. Социјалната изолација, стравовите, вознемиреноста што се јави кај луѓето, предизвика и бура од емоции, односно дополнително ги нагласи емоциите кај сите членови во семејството. Самата рутина што ја имаа членовите во рамките на едно семејство беше нарушена. Беше и сè уште е потребно време за воспоставување нови навики, практики и ритуали во семејството за да може секој да се приспособи на самата ситуација и да нема судири.

Приказна Како се справуваат семејствата со последиците кои ги наметнува пандемијата?

Трајановска Една од најтешките задачи на семејството е да направи организација на сите членови, на тој начин што сите членови ќе си ги задоволат потребите коишто ги имаат. Особено обврски како што се работата, едукацијата на децата со настава од домот, одржување на домот, играта која е потреба на секое дете. Како последица од сè тоа може да се појават и кавги во домот, односно ниското ниво на толеранција може да доведе до тие кавги како и недостатокот на време што го имаат самите за себе сите членови.

Приказна Како да се создаде организација, која ќе придонесе да врати хармонијата кај членовите на семејството?

Трајановска Потребно е да се направи во буквална смисла реорганизација на обврските каде што ќе се одговори на потребите што ги има секој член од семејството. Многу е важно оваа ситуација, да им се објасни на децата. Да се информираат, да се разговара со нив и да се објасни соодветно на нивната возраст.

Ако децата се на различна возраст, треба на секое да му се објасни на различен начин за да можат тоа да го разберат. Многу е важно на малите деца да им се овозможат активности кои ќе имаат континуитет, сè додека времето и просторот тоа го дозволуваат. Кај малку поголемите деца битно е да продолжат со комуникација со роднините, со пријателите. Покрај активностите што ги имаат за едукација, неминовно, сепак да се најде време и простор да имаат слободни активности како спорт, читање книги, гледање ТВ или кое било друго хоби.

На крајот, не смее да се занемари и родителот да си најде време сам за себе, да се опушти и да се одмори. Дали тоа ќе биде класично одморање, читање книга или гледање телевизија, но важно е да си обрне внимание самиот на себе. Нужно е да се спомене дека нивото на толеранција во вакви моменти треба да биде на повисоко ниво, да се разберат навиките на секој член поединечно во семејството и сите оние задачи и активности што ги имаат партнерите да се поделат подеднакво.

Приказна Како резултат на пандемијата, создадовме нови навики. Во нив, дигиталните алатки добија централно внимание. За жал, покрај продобивките од нив, за време на овие пандемски услови, имаме и многу непријатности. Сајбер силеџиството зачести. Дали родителите се свесни дека нивното дете е жртва на сајбер насилство?

Трајановска Насилството и малтретирањето постоеле отсекогаш и во минатото. Дигиталните платформи сега нудат еден поинаков начин за спроведување на таквото однесување од страна на тие групи или поединци. Прво треба да го дефинираме сајбер силеџиството – станува збор за намерна и повторена штета само од страна на компјутер, мобилни телефони или други електронски уреди. Тоа е доста различно од традиционалниот начин на малтретирање, меѓутоа не значи дека е помалку трауматичен.

Поради пандемијата од Ковид-19 се наметна потребата родителите да поминуваат повеќе време со своите деца во домот и на тој начин можат повеќе да следат што тие прават на интернет и како комуницираат на социјалните мрежи. Најдобар начин да се спречи сајбер силеџиството е да се подготви пред сè детето како да комуницира во онлајн светот. Тоа би можеле родителите да го направат кога би разговарале со децата околу стресот, околу емоциите, што тие доживуваат, што чувствуваат.

Да се разговара отворено со детето и да му се даде до знаење што претставува сајбер малтретирање, на тој начин до некаде детето би знаело како да се заштити и како да постапи ако му се случи тоа искуство. Успешно би било ако родителите вежбаат со децата во домашни услови комуницирање на социјални мрежи. Детето тоа би го искористило како пример, како да одговори на интернет. Сепак, и покрај овие подготовки, неизбежно е да се следат и каналите што ги користат децата на интернет. Родителот мора да знае кои апликации ги користи детето. Родителите мора да бидат надзор за тоа што прави детето на интернет.

Приказна Колку е важна комуникацијата во релацијата родител – дете?

Трајановска Многу е важна комуникацијата, затоа што децата често имаат и стравови за да споделат. И покрај тоа што сајбер силеџиството се случува на интернет, последиците од тоа може да се чувствуваат насекаде. Кај децата последиците можат да се задржат и подолго време и тие можат да бидат од емотивна и од ментална природа. Детето може да престане да сака ги прави активностите во кои претходно уживало. Може да чувствува гнев, лутина или засраменост. Може да има симптоми и од физичка природа, како умор – заради недоволно сон. Симптоми како што се главоболка или болки во стомакот не се исклучок.

Во многу екстремни ситуации, но сепак треба да се спомене, како последица од сајбер силеџиството, детето може да сака да посегне и по својот живот.

Ако детето доживее сајбер малтретирање, пожелно е родителот веднаш да пружи поддршка и внимание. Во пракса добро се покажува кога родителот му споделува на детето некое слично искуство од неговото детство, може само да придонесе детето да се почувствува помалку осамено при вакво искуство. Добро би било и да му се укаже на детето дека не е тоа самото виновно за она што се случило, туку го карактеризира оној што се наоѓа од спротивната страна, а не и жртвата во случајот. На крај, детето кое се решило да сподели една ваква стресна ситуација, треба да биде пофалено од страна на родителот. На тој начин ќе се охрабри детето да сподели и во иднина секогаш кога ќе се соочи со некој проблем од која било тема.

За Приказна,

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,649FansLike
1,468FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ