16.8 C
Skopje
Saturday, October 5, 2024
spot_img

Интервју со проф. д-р Глигор Тофоски: Планирањето на децата е важно за здравјето на жената

Приказна Зошто е важно сексуалното и репродуктивно здравје?

Тофоски Сексуалното и репродуктивното здравје е еден сегмент од животот на човекот што за секој е многу важен, како за мажите, така и за жените. Она што е денес многу важно, и за коешто се залагаме како специјалисти гинеколози и акушери, тоа е дека треба да се сочува тоа сексуално и репродуктивно здравје во текот на целиот живот век. Тоа значи во младоста, младите да бидат сексуално образовани, да уживаат во сексуалните задоволства. Кога ќе посакаат и кога ќе се решат, да формираат семејство, да уживаат во семејството како една од придобивките од сексуалното и репродуктивното здравје. Во подоцнежните години, исто така да продолжат активен сексуален живот со нормално функционирање како индивидуи.

Приказна Што значи планирање на семејството?

Тофоски Планирање на семејство е целокупен феномен. Тоа не се однесува само на самиот чин да се заштитат да не остане жената бремена.

Растојанието помеѓу децата е од важно значење за здравјето на жената. Се остава еден период таа да може да се врати во нормалната физиолошка состојба, па одредено време да се посвети на детето заедно со мажот, и понатаму да продолжат со бројката на деца колку што сакаат. Од аспект на жената тоа е многу важен феномен, да не заборавиме, бременоста е нешто што се случува кај жената. Меѓутоа водењето сметка за контрацепција и планирањето на семејството, мора да е одлука која треба да се донесе од страна на двајцата партнери. Тука треба да се работи и на едукација и на машкиот партнер, отворено се разговара, тој да ја прифати методата за планирање на семејството којашто ќе ја одберат заедно со жената. Тука жената е клучна, кога таа ќе посака, тоа е еден феномен, да имаме што помалку несакани бремености и абортуси. Иако кај нас е доста легално регулирано, и жената има право да избере да прекине со бременоста и во подоцнежната гестациска недела.

Приказна Што значи безбедна бременост?

Тофоски Безбедна бременост всушност е бременост којашто е контролирана во којашто има 2 сегменти. Едниот е дека пациентката треба сама да знае кои се состојбите и симптомите коишто може да укажат на некаква проблематична бременост и исто така на време да ги пријави кај својот матичен гинеколог. Од друга страна подразбира здравствен систем кој ќе и овозможи на пациентката во секое време да отиде на контрола кај специјалист, кој ќе и ги направи оние рутински прегледи во текот на бременоста што треба да ги откријат ризичните состојби. Тоа се состојби на анемија, хипертензија, гестациски дијабет, инфективни состојби кои би можеле да влијаат на плодот. Сето тоа може навреме да се открие.

Постои една оптимална бројка на прегледи која пациентката треба да ја направи. Ние не можеме да направиме сите бремености да се добри, ќе има некоја од бременостите кои ќе завршат со лош исход на крај, но треба да се превенира што помалку од бременостите да бидат од таков тип.

Приказна Се чини дека во последно време почесто сме соочени со неплодност. Дали ова е тренд?

Тофоски Додека темата на неплодноста е да кажеме релативно стандардна, иако во денешно време неплодноста доминира. Во тек на својот сексуален и репродуктивен живот, приближно околу 10-15% од паровите имаат повремено проблем со забременување. Тоа не е дефинитивен проблем, туку повремен, каде може со одредена терапија, со одредени постапки да се направи тој пар да го оствари правото на дете, односно да пациентката остане бремена. Тоа може да бидат и едноставни постапки, ако се постапува по упатства, по одредени насоки од страна на гинекологот, во тој случај може да бидат од едноставни постапки и процедури па се до крајната процедура, ин витро фертилизација којашто е друго ниво, каде самите лекари и биолози манипулираат со човечките гамети и овозможуваат дел од препреките за да се оствари бременоста, се надминат на овој начин. Тоа како феномен предизвикува проблем кај една поголема популација, и за нив исто така е важно да во претходниот свој сексуален живот и репродуктивен живот, се води сметка на некој начин, се превенираат зарази како што е заразувањето со кламидија, која може да направи затнување на каналите кај жената или употребата на одредени средства кои можат да ги оштетат сперматозоидите, или нездравиот начин на живот, стресот, употреба на разни супстанции кои исто така можат негативно да влијаат.

Приказна Зошто е важна превенцијата која говориме за сексуалното и репродуктивно здравје?

Тофоски Превенцијата веројатно знаете секогаш е подобра, отколку лекувањето. Всушност и продолжувањето на животниот век кај човекот се должи во најголем дел на превенција, многу помал дел на лекување.

Лекувањето е малку покомплицирано затоа што тоа со себе си носи определени компликации, веќе имаме болест која ја лекуваме. Доколку употребуваме превентивни мерки, дали ќе бидат во сексуалното и репродуктивното здравје, како што е употребата на кондом за да се спречат сексуално преносливи болести, или употребата на контрацептиви, да се спречи несакана бременост, односно да се планира семејството кога сакаат партнерите, дали е тоа превенција, во смисла на вакцинација за ХПВ, дали е секундарна превенција во смисла на земање на ПАП брисови, или е редовен ултразвучен преглед, сето тоа придонесува болеста или се спречи или да се фати во многу ран стадиум кога фактички последиците од неа се минимални, односно со минимален третман пациентките понатаму продолжуваат да функционираат како здрави луѓе без било какви последици.

Документарен магазин Приказна посветен на телесната автономија

Приказна Која е процедурата за жртвите од сексуално насилство?

Тофоски Во нашата земја има неколку центри за жртви од сексуално насилство. Јас лично ги охрабрувам. Имаме и стандардна оперативна процедура којашто е усвоена од Владата на Македонија, во којашто е точно означено каде и кој треба да ги извршува овие испитувања и прегледи. Тука треба да се вмрежени професионалци од лекари, обучени инспектори, јавен обвинител и специјалист по судска медицина, за пациентката да ги добие сите медицински потреби, за да се заштити од сексуално преносливи зарази, од несакана бременост, од ХИВ вирусот, но во исто време да се обезбедат и докази доколку сака процедурата да се заврши по судски пат, односно да се казни сторителот.

Ги упатувам сите да се пријават, во склоп на Клиниката за гинекологија и акушерство има таков центар за упатување на жртви на сексуално насилство.

Автор Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,683FansLike
3,356FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ