-1.2 C
Skopje
Wednesday, January 15, 2025
spot_img

Интервју Розалија Секуловска: стресот кај децата може да биде кочница за нивниот развој

Понекогаш знаеме да се заборавиме, па премногу да толерираме несвесно стрес, и оддеднаш да се случи крах на личноста, и тогаш велиме дека организмот нема потенцијал и капацитет да се носи со ова што до сега се носел. Говорот на телото е првиот знак: хроничните главоболки, нерасположението, викенд главоболките. Ние, луѓето многу сме свртени надвор, треба да се свртиме кон себе, и да го препознаеме говорот на телото, за да може да реагираме што е можно порано, вели во интервју за Приказна, Розалија Секуловска, магистер по развојна психологија.

Приказна: Од која возраст децата се соочуваат со стрес?

Розалија: Сите деца се под стрес. Почнувајќи од новороденчето, од првото сечење на папочната врвца, доењето, вдишувањето на воздухот, сето тоа е стрес. Понатаму во предучилишниот период ако детето е во градинка, се јавува сепарациона криза. Кај некој се случува криза при разделување во градинка. Овде е важно социо-емоционалното врзување помеѓу родителот и детето, и како ќе му се објасни на детето каде оди родителот и зошто го остава некој друг да се грижи за него. Овој стрес може да остави голема трага и да се манифестира и по 20-30 години, со панични напади, страв од зближување, страв да се биде интимен со некој.

Во мое време, образованието беше многу поинаку. Имавме време и за учење и за играње. Игрите беа различни. Немаше толку многу дразби, медиуми, социјални мрежи.

Приказна: Поради кои фактори децата се соочуваат со стрес?

Розалија: Од училишните деца многу се бара. Мене ми наликува како да е направен обид за полесен образовен систем, а направен е многу покомплициран, за детето да се фрустрира. Се внесуваат некои термини, кои детето когнитивно не е зрело, мозочно не е зрело да ги разбере.

Од друга страна тука се и родителите.Има секакви родители. Има амбициозни родители коишто тоа што не успеале да го направат во животот, бараат детето тоа да го постигне, и тоа несвесно го прават. Најчесто училишното дете, од 8 години до 14, не се прашува, но и да се прашува не се слуша дали тоа сака да го прави. Дали сака да оди на тие спортови, активности, дали сака да ги посетува тие курсеви, дали сака да биде математичар, информатичар.

Имаме и незаинтересирани родители, кои сами по себе се со незаинтересиран воспитен стил, односно децата како да се препуштени сами на себе. А од друга страна имаме родители кои маката ги натерала да се „незаинтересирани“ односно премногу работат, премногу се надвор од дома, а кога се дома се премногу уморни, нервозни, за да може да му посветат соодветно квалитетно внимание на детето. Потоа имаме и премногу негувачки родители. Овој тип на родители не му даваат цел на детето, туку тие наместо нив ја завршуваат работата. Војничкиот тип на родители даваат љубов, но има и контрола, односно бараат да се завршат одредени работи. Најчесто партнерите не се со ист стил воспитани. Затоа е многу важно ако не се усогласат што и како ќе дејствуваат со детето, во главата на детето ќе се создаде дополнителен хаос.

Приказна: Како родителите да препознаат дека нивното дете се соочува со стрес?

Розалија: Родителите најчесто на почеток не се ни свесни дека нешто се случува со детето. Без разлика дали е адолесцент или училишно дете, сметаат дека е период, нешто нормално и ќе помине. Но веќе кога ќе земе замав, и кога ќе забележат дека детето или адолесцентот кој пак поинаку реагира, се повлекува и помалку зборува, има проблеми со сонот, тој е краток, испрекинат, можни се појави на кошмари, во екстремни случаи може да станува навечер, да се буди и да не се сеќава што прави. Можно е детето да почне да се жали на болки во стомакот и главата. Тоа се тие соматски симптоматологии. Потоа можни се и болки во мускулите.

Родителите ќе го однесат детето на сите испитувања, медицинарите ќе речат се’ е во ред, детето е здраво, и ќе посоветуваат да се посети психолог, за да се открие проблемот. Дури тогаш, некои родители знаат да побараат помош. Првото прашање кое се поставува е што се случува во семејството? Честопати, родителите се суетни и знаат да се налутат, но сепак детето е симптом, односно последица на сè она што се случува во домот.

Приказна: Како родителите да се справат со стресот кај децата?

Розалија: Сите ние имаме психолошки имунитет, инаку не би преживеале. Еволуираме, и сега ќе видиме понатаму во што ќе евалуираме, но знаеме да имаме толеранција на стрес. Понекогаш знаеме да се заборавиме, па премногу да толерираме несвесно стрес, и оддеднаш да се случи крах на личноста, и тогаш велиме дека организмот нема потенцијал и капацитет да се носи со ова што до сега се носел. Говорот на телото е првиот знак: хроничните главоболки, нерасположението, викенд главоболките. Ние, луѓето многу сме свртени надвор, треба да се свртиме кон себе, и да го препознаеме говорот на телото, за да може да реагираме што е можно порано.

За Приказна

Ване Маркоски

Документарен магазин Приказна на тема стрес кај деца

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,794FansLike
3,381FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ