8.8 C
Skopje
Tuesday, October 22, 2024
spot_img

ИНТЕРВЈУ Надица Јовановска Бошковска: неопходен е пресврт во земјоделското осигурување

Земјоделството во најголем дел, зависи од временските услови. Работа, труд или знаење, не се доволни за да имаме успешно сезонско производство, бидејќи поради поплави, ветер, град и други временски неприлики, земјоделците за само неколку минути, можат да останат без своите приноси.

Ваквата ситуација влијае и на профитот на земјоделецот, особено заради фактот дека во вакви ситуации, вредноста на преостанатите производи тешко го покрива вложениот капитал. Ова е една од главните причини поради што земјоделците се советуваат да вложуваат во земјоделско осигурување и со тоа да се заштитат од загуби како резултат на природни или други катастрофи. И покрај тоа што скоро половина од територијата во Македонија е земјоделско земјиште, од каде најголем дел е растително производство, само 3% од регистрираните земјоделски стопанства се осигурани.

Согласно заклучоците од последната климатска конференција, планетата пред нашите очи се трансформира, што значи дека овие временски непогоди ќе бидат се почести, па така нашата финансиска поддршка, односно заштита на земјоделското производство е повеќе од неопходна, вели во интервју за „Приказна“, Надица Јовановска Бошковска – раководител на претставништвото на „Европа Ре“.

Во земјава во подготовка е закон за задолжително осигурување во земјоделството. Целта на законот е воведување на ефективен и ефикасен систем на осигурување преку Фонд за задолжително осигурување во земјоделството.

Нашата земја ги следи светските искуства и се стреми кон воспоставување на земјоделски осигурителен систем. Иницијативата е ставена на ЕНЕР ( единствен национален електронски регистар на прописи на РСМ ) на 30.11.2021, додека на 7.12 беше поставен и нацрт законот за задолжително земјоделско осигурување, вели Јовановска Бошковска.

Приказна: Зошто е важно осигурувањето во земјоделството?

Јовановска Бошковска: Земјоделството како стопанска дејност во земјава учествува со 11% во БДП на земјата. Скоро половина од територијата е земјоделско земјиште, од каде најголем дел е растително производство.

Оваа дејност навистина влијае врз економскиот развој на земјата, а воедно исто така ги обезбедува основните потреби на населението, храната. Од друга страна, климатските непогоди, се наметнуваат како сериозна закана за земјоделското производство во денешно време.

Се’ почесто земјоделците се соочуваат со временските непогоди кои влијаат врз нивниот принос, па оттука можам да кажам дека земјоделското осигурување претставува најважна финансиска заштита која ја зголемува отпорноста на земјоделецот и влијае врз потенцијалните, односно идните катастрофални финансиски загуби.

Приказна: Има ли потенцијал овој вид на осигурување кај нас?

Јовановска Бошковска: Земјоделците мораме да ги заштитиме финансиски од временските непогоди.

Согласно заклучоците од последната климатска конференција, планетата пред нашите очи се трансформира, што значи дека овие временски непогоди ќе бидат се почести, па така нашата финансиска поддршка, односно заштита на земјоделското производство е повеќе од неопходна.

Ние без храна не можеме да живееме, па оттука не можеме без земјоделското производство, па оттука доаѓа потребата да го заштитиме.

Приказна: Што најчесто осигуруваат земјоделците?

Јовановска Бошковска: Покрај тоа што има мерка од страна на владата за субвенционирање, односно за кофинансирање на 60% од премијата до 150.000 денари во апсолутна вредност, по земјоделско стопанство, сепак морам да кажам дека во моментов немаме воспоставена култура за земјоделско осигурување. Околу 3% од регистрирани земјоделски стопанства се осигурани. Најчесто тоа е растителното производство, а малку поретко е и сточарството.

Приказна: Какви се светските искуства?

Јовановска Бошковска: Светските искуства се различни, но можам да кажам дека едно е заедничко. Кога зборуваме за еден ваков сензитивен сектор, како најповолно решение кое ќе влијае врз заштитата, довербата и сигурноста на земјоделците е воспоставување на еден систем на здружување на ризици или т.н. земјоделски осигурителен „пул“. Такви примери има во Турција, кој успешно функционира од 2005 година, имаме пул во Азербејџан, Израел, Шпанија, Австрија.

Концептите се слични, кај некои се работи за задолжително земјоделско осигурување, кај некои не е, но целта е една, да се обезбеди финансиска заштита на земјоделското производство.

Приказна: Како да се развие пазарот со земјоделско осигурување во земјава?

Јовановска Бошковска: Земјоделско осигурително покритие се нуди долги години на македонскиот пазар. Имаме исто така и мерка од страна на држава која ја кофинансира премијата, но во моментов само 3% од регистрираните земјоделци се осигурани. Според ова, би рекла дека развојот го гледам во земјоделски осигурителен систем, односно „пул“, бидејќи сметам дека така ќе добиеме успешен систем од една страна и заштитени земјоделци од друга страна.

Приказна: Во Март 2021 година започна иницијативата за воспоставување систем на земјоделско осигурување. До каде е реализацијата?

Јовановска Бошковска: Реализацијата е во тек. Нашата земја ги следи светските искуства и се стреми кон воспоставување на земјоделски осигурителен систем. Иницијативата е ставена на ЕНЕР ( единствен национален електронски регистар на прописи на РСМ ) на 30.11 оваа година, додека на 7.12 беше поставен и нацрт законот за задолжително земјоделско осигурување.

Документарен магазин Приказна посветен на осигурувањето

За Приказна,

Вики Чадиковска

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,687FansLike
3,355FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ