16.8 C
Skopje
Sunday, May 29, 2022
spot_img

Интервју Марина Тунева: Промедиа ѝ служи на јавноста да ги разликува професионалните од непрофесионалните онлајн медиуми

Говорот на омраза, непримерната комуникација со јавноста и низа други појави, како што се дискриминаторни однесување, тоа не е дел од слободата на изразување и не смее тоа да биде слобода, таквото обраќање. Мора многу да се води сметка, бидејќи последиците од тоа, може да бидат енормно големи и да предизвикаат големи штети.

Постојат правила кои медиумот мора да ги почитува, за да се биде дел од регистарот Промедиа.мк. Овој регистар служи, јавноста да прави дистинкција меѓу оние кои се професионални и кредибилни онлајн медиуми, наспроти оние кои дејствуваат на непрофесионален начин, вели во интервју за Приказна, Марина Тунева – извршен директор на Советот за етика во медиумите.

Нема достапен опис
Марина Тунева – извршен директор на Советот за етика во медиумите

Приказна: Јазикот ни е средство за комуникација, а комуникацијата ни е многу важна, кога комуницираме на што треба да обратиме внимание?!

Тунева Пред сè би рекла дека треба да имаме култура на обраќање, на примерна комуникација со јавноста. Ова го велам од причина што имаме бројни примери кои укажуваат токму на спротивното, дека таа комуникација не се одвива како што треба. Понатаму е важна аргументираноста, зборувањето низ призма на факти, бројки, статистика, потврдена реалност, потврдени околности за коишто станува збор. И секако, пренесување на начин кој е разбирлив за јавноста со која се доаѓа во допир.

Приказна: Комуникацијата вклучува права и одговорности иако често пати јавноста има впечаток дека сè е слобода и дека во слободата е дозволено да се каже сè. Каде е таа линија кој е невидлив граничник?

Тунева Кога тоа ќе премине во штетни појави, од типот говор на омраза, повторно непримерна комуникација со јавноста и низа други појави, како што се дискриминаторни однесување. Тоа не е дел од слободата на изразување и не смее тоа да биде слобода, таквото обраќање. Мора многу да се води сметка, бидејќи последиците од тоа, може да бидат енормно големи и да предизвикаат големи штети.

Инаку, се прават истражувања и во оваа насока, неодамна дојдов до една информација од едно глобално истражување кое е спроведено од професор на Универзитетот Џон Вашингтон во САД и се анализирало кои се работите коишто се практично најсвојствени во комуникацијата, особено на социјалните мрежи. Тука се наведува комуникацијата поврзана со политичките случувања особено.

Да не го изоставиме ни сајбер малтретирањето. Имаме појава во која има заканувачки коментари, говор на омраза, говорење низ призма на јазикот на говор на омраза, потценување, понижување – врз основа на некоја афилијација, припадност или размислување.

Овие појави се сè поприсутни со масовното користење на социјалните мрежи. Што значи една лоша комуникација, која не се заснова на правилата на едно примарно комуницирање со граѓаните и комуницирање низ јазикот на аргументите и вистината.

Нема достапен опис

Приказна: Дел од онлајн медиумите, не ги почитуваат професионалните новинарски стандарди и го користат овој непристоен начин на комуницирање, со цел да стигнат д поголем број на следбеници, кликови и реакции. На тој начин, тој јазик го прават активен, а потоа се пресликува на социјалните мрежи и имаме една дополнителна појава на силна агресија во општеството. Како да се разбере дека новинарството е сепак една сериозна професија која бара одговорност, почитување на стандардите, етичноста, бидејќи на тој начин се влијае врз јавноста?

Тунева Јас би се согласила со тоа дека овој проблем е позабележителен во делот на известувањето на онлајн медиумите бидејќи тука често се случува преземање на содржините од социјалните мрежи. Меѓудругото, тоа го откриваат пријавите, односно реакциите на граѓаните до телото за саморегулација, односно до Советот за етика во медиумите каде се забележува една поголема бројка на жалби, во однос на онлајн медиумите за разлика од традиционалните медиуми.

Меѓутоа, морам да напоменам дека практично на некој начин, медиумите во денешно време се мешаат. Знаеме дека и традиционалните медиуми имаат свои веб страни, па и таму ќе се забележат ако не друго – коментари. Јас сум поборник, а и правилата велат дека коментарите под некоја вест на онлајм медиумите или социјалните мрежи, треба да бидат контролирани, во смисла ако има дисперзија говор на омраза, дискриминаторен говор и слично, тоа медиумот треба да го контролира и да не дозволува на своите платформи тоа да се шири.

Што се однесува до она што се случува кај онлајн медиумите, професионалната медиумска заедница е поборник да нема дополнителна регулатива, бидејќи веќе има доволно закони, само да се имплементираат. Ако има говор на омраза, за тоа има одредби во Кривичниот законик, ако има дискриминација треба да се стави во функција Законот за спречување и заштита од дискриминација. Тој простор треба да се заштити во однос на слободата на изразување. На некој начин треба и засилено да се саморегулира и оттука во професионалната медиумска заедница произлезе иницијатива за формирање на Регистар за професионални онлајн медиуми Промедиа.мк, којашто наиде на поддршка и заинтересираност за вклучување, меѓутоа тоа се работи кои ќе дадат резултатите на подолг рок.

Постојат правила кои медиумот мора да ги почитува, за да се биде дел од регистарот Промедиа.мк. Овој регистар служи, јавноста да прави дистинкција меѓу оние кои се професионални и кредибилни онлајн медиуми, наспроти оние кои дејствуваат на непрофесионален начин. Ако ги почитуваат правилата – ќе влезат во регистарот, па понатаму тој регистар може да го афирмира бизнис заедницата, така како што беше иницијално замислено и бизнисот да се рекламира во оние портали коишто се професионални. Регистарот може да го афирмира и високото образование, на идните комуниколози, студенти, новинари, сите коишто ги интересира како функционираат медиумите, да им се укаже и помогне, а и тие да ги разликуваат професионалните од непрофесионалните медиуми.

Особено младите се таргет на информациите кои произлегуваат од онлајн медиумите. Информациите тука кога ќе се преземат, се пренесуваат без еден критички осврт, без да се направи обид да се верификува потеклото на одредена информација, од каде произлегува нешто, дали тоа е навистина точно. Дали на пример е точно дека навистина вакцините не функционираат против Ковид 19, кога тоа ќе се прелее и во медиум, освен на социјалните мрежи, тогаш ефектите се далеку поголеми и далеку поштетни, секогаш кога станува збор за информација со сомнително потекло.

Документарен магазин Приказна на тема култура во комуникација

Приказна Колку јавноста треба да е свесна дека говорот на омраза, некултурата во говорот во дигиталните мрежи треба да се пријави?

Тунева Апсолутно, треба да се реагира на таквите појави, се согласувам дека граѓаните треба да бидат запознаени дека се работи на медиумската писменост, да се работи на начините на коишто граѓаните можат да ги препознаат таквите информации и да реагираат. Има механизми за реакција, да поднесат претставка за непрофесионалност и неетичко однесување до Советот за етика во медиумите или до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни комуникации.

Секако треба да се работи со граѓаните, но имаме и доста добар одзив кај јавноста во смисла дека сè повеќе и повеќе, се препознаваат таквите негативни тенденции. Дали тие ќе одлучат да реагираат или не, тоа е друго прашање, меѓутоа има сигнали коишто велат дека граѓаните се сè посвесни за овие појави. Потребни се повеќе заложби за да се постигне ефект на подолг рок.

За Приказна

Вики Чадиковска

Бранка Чочковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,398FansLike
1,404FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ