15.8 C
Skopje
Friday, September 30, 2022
spot_img

Интервју Бајрактаров: Без сон, човекот не може да живее

Луѓето со неквалитетен сон имаат голем ризик по нивното здравје. Мораме да му дозволиме на организмот да се одмори. Еден ден во неделата треба телото да земе здив, што би се рекло, во контекст на полемиките околу тоа дали е добро или не денот недела да биде неработен ден. Модерниот стил на живеење е поврзан со многу ноќна работа, но истражувањата велат дека сонот има влијание и врз нашето психичко и врз нашето физичко здравје. Освен тоа што можеме да бидеме нефункционални, со недостиг на концентрација, нервозни или неисполнителни, неефикасни на работа – тоа е голем ризик фактор за срцеви заболувања, заболувања поврзани со гастроинтестинален тракт, дијабет и друго. Сево ова не се претпоставки, туку факти потврдени преку истражувања, вели во интервју за Приказна, доц. д-р Стојан Бајрактаров, директор на Универзитетската клиника за психијатрија, член на главен борд и претставник на централна Европа на светска психијатриска организација.

Приказна Зошто е важен сонот за сите нас?

Бајрактаров Сонот е важен за човекот, но и за сиот животински свет, затоа што така функционираат живите суштества – мора да имаме еден период во кој ќе одмориме и ќе ја обновиме нашата енергија и во кој ќе се овозможи реституција на целиот наш организам. Сонот е важен за човекот за да може нормално да функционира и да ги употреби сите свои капацитети соодветно ги користи когнитивните способности, емоционални афинитети. Без сон, човекот не може соодветно да функционира и да живее.

Приказна Научните сознанија укажуваат дека како старееме – толку помалку часови сон ни се потребни. Има ли некоја вистина во ова?

Бајрактаров Секако, најмногу спијат бебињата до тримесечна возраст, можат да имаат сон од 17-18 часа во едно деноноќие. Како растат, остануваат сè повеќе будни и покажуваат интерес за надворешниот свет. Меѓутоа и на децата и на тинејџерите им е потребен доста сон, до адолесцентна возраст тој број на часови се намалува до 9 часа сон на ден.

Како старее човекот, така му се потребни помалку часови спиење, тоа е поврзано со целокупното наше функционирање, но и други фактори поврзани со модерното општество. Еден факт кој постојано го споменуваме е дека во последниот век, век и половина, драстично е намалено времето на спиење. Ако до пред сто години таа просечна вредност била 9 часа спиење, сега тоа е намалено на седум до седум и пол часови. Тоа сигурно многу влијае на тоа како се чувствуваме и како функционираме.

Нема достапен опис

Приказна Дали времетраењето на спиењето го одредува квалитетот на сонот?

Бајрактаров Апсолутно. Сега како да е модерно или како по навика се вели немам време, многу обврски, имам одредени рокови и сето тоа оди на штета на сонот. Сите се обидуваме тоа да го надоместиме, а го кратиме времето за спиење, се намалуваат фазите на сонот и се намалува тоа време кое ни е потребно за реституција на нашиот организам.

Потребите на човечкиот организам се создавани можеби со милиони години, а ние сега на еден вештачки начин го нарушуваме тоа и не му даваме време да закрепне.

Приказна Колку стресот може да влијае врз спиењето, колку она што ни се случува секојдневно влијае врз квалитетот на спиењето?

Бајрактаров Тоа е општопознат факт дека влијае многу. Кога човек е под голем стрес не може да заспие, често се буди, има неквалитетен сон – тоа се знаци дека е под стрес. Ако пак има некакво посттрауматско растројство исто така се јавува недостаток на сон или неквалитетен сон, проследен со чести будења, ноќни кошмари кои пак оставаат последици врз нашето функционирање во текот на следниот ден. Но, да не заборавиме и на обратната ситуација, недостатокот на сон исто така предизвикува стрес. Често знаеме да слушнеме, некој колега на пример, кога ќе дојде на работа да каже дека не спиел добро и дека не може концентрирано да работи. Сонот многу влијае на нашето однесување и на емоциите.

Приказна Колку сонот и спиењето влијаат врз здравјето? Некои истражувања укажуваат дека влијаат врз развој на здебеленост, на дијабет и на други здравствени проблеми.

Бајрактаров Луѓето со неквалитетен сон имаат голем ризик по нивното здравје. Мораме да му дозволиме на организмот да се одмори. Еден ден во неделата треба телото да земе здив, што би се рекло, во контекст на полемиките околу тоа дали е добро или не денот недела да биде неработен ден. Модерниот стил на живеење е поврзан со многу ноќна работа, но истражувањата велат дека сонот има влијание и врз нашето психичко и врз нашето физичко здравје. Освен тоа што можеме да бидеме нефункционални, со недостиг на концентрација, нервозни или неисполнителни, неефикасни на работа – тоа е голем ризик фактор за срцеви заболувања, заболувања поврзани со гастроинтестинален тракт, дијабет и друго. Сево ова не се претпоставки, туку факти потврдени преку истражувања.

Приказна Колку се важни сонот и спиењето кај децата, дали и кај нив влијаат врз развојот?

Бајрактаров Секако да, особено ноќниот сон. Хормонот на раст се лачи најмногу навечер, додека децата спијат. Човечкиот организам е и така направен да имаме еден дневно-ноќен ритам, едни хормони се лачат во текот на денот, други во текот на ноќта. Особено е значаен сонот кај децата во тек на нивниот раст. Овој факт е поткрепен со тоа што и науката и медицинатаму придаваат големо значење. Пред некоја година за утврдување на дневно-ноќниот ритам, тројца научници добија Нобелова награда. Под дејство на дневната светлина се лачи кортизол кој овозможува нормално функционирање на телото.

Документарен магазин Приказна на тема колку сон ни е доволно

Приказна Колку сината светлина од дигиталните уреди го менуваат редоследот и навиките за спиење кај децата?

Бајрактаров Влијае доста, би можел да кажам. Користењето на интернет предизвикува зависност и го менува стилот на живеење, но најмногу на спиењето. Многу ризик фактори влијаат врз менталното и соматското здравје, посебно кај децата. Познато е дека таа светлина влијае негативно. Затоа сите подобри производители на такви уреди имаат опција да ја спречат таа светлина. Но, зависноста останува и се препорачува и за младите и за возрасните да се оставаат тие уреди навечер.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,649FansLike
1,467FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ