20.8 C
Skopje
Thursday, September 29, 2022
spot_img

Инспиративната приказна на Кристина Коколанска: Љубовта кон уметноста го создаде мојот занает

Кристина Коколанска потекнува од фамилија каде креативноста и уметноста се изразувала на најразлични начини. По професија е дипломиран професор по македонски јазик и македонска книжевност.

Љубовта кон уметноста ја препознав кај себе уште од училишна возраст. Во текот на наставата јас криев лист хартија на која цртав модели со девојки, споделува Кристина за Приказна. Подоцна се роди во мене и љубовта кон професионалната шминка со која се занимавав извесен период. И во таа област доста се едуцирав и можам да кажам дека и во шминкањето сум еднакво успешна како и со плетењето. Јас сум мајка на две малолетни ќеркички кои се мојата најголема поддршка и инспирација во животот заедно со сопругот. Можам да кажам дека ми е многу драго што моите деца растат и живеат со уметноста. Таа љубов можам да им ја доближам и пренесам, споделува Кристина за Приказна. Секогаш се радуваат на моите детски изработки и сакаат да ги задржат за себе. Најубавиот дел од денот ми е кога го пијам моето утринско кафе и секогаш слушам музика која ме опушта и ме инспирира. Тогаш го земам конецот во рака и ја започнувам својата изработка. Моите изработки се огледало на мојата душа, ги изработувам со посебно внимание и љубов.

Приказна Како се роди вашата приказна?

Кристина Минатата година почнав да изработувам чанти и ранци за деца со нивните омилени ликови. Ранците и чантите се исто така преубави и многу впечатливи и верувам дека се омилено парче од стајлингот на секој што ги поседува. Со плетење на капчиња и шалчиња, започнав првенствено за моите внуци, а сите тие изработки премногу им се допаднаа на моите пријатели, па тоа ме поттикна да започнам да размислувам да плетам и за други. 

Идејата за хеклани чанти за возрасни и други додатоци се роди откако заврши сезоната за плетени капчиња и шалчиња. Размислував со што да продолжам и бидејќи веќе имав искуство со детските изработки решив да се обидам со хеклани торби за возрасни кои многу набрзо станаа мојата втора љубов.

Приказна Што ве инспирира?

Кристина Кога се работи со љубов, се создаваат прекрасни изработки. Инспирирана од високата мода и од други девојки ширум светот кои изработуваат прекрасни торби, во мене се разбуди креативната природа. Моделите се едноставни, модерни, тренди кои лесно можат да се комбинираат со секој стајлинг. Убавината е во едноставноста, затоа и луѓето ги сакаат моите изработки.

Нема достапен опис

Приказна Кој ви помогна да ја совладате оваа вештина?

Кристина  Хеклањето го научив сосем сама. Страста, желбата, љубовта кон плетењето ме мотивира да учам и да се трудам да се усовршувам. Модерната технологија и достапноста до видео материјали на техники на изработки во денешно време е на тацна. Со малку повеќе упорност и желба може да се научат многу работи.

Ни сама не знам колку многу туторијали за плетење имам изгледано. Секоја вечер откако ќе ги заспијам децата го користам за пребарување и учење на нови техники. За плетењето можам да кажам дека е бунар без дно, нема граници каде може да застанете, едноставно ве влече и секогаш има нешто ново што може да се научи.

Постојано учам и се усовршувам и се трудам да пласирам максимално добро изработен производ. Овде морам да ја споменам и мојата многу драга пријателка Билјана – македонка која живее во Словенија, одличен креативец на многу полиња. Од неа добивам огромна поддршка и мотивација. Секогаш е тука за мене и ми помага со предлози, совети, идеи и во усовршувањето на нови техники. И благодарам бескрајно многу.

Нема достапен опис

Приказна Рачната изработка е предизвик да понудите уникатност. Што ги прави вашите производи привлечни?

Кристина Со хеклање активно се занимавам веќе две години. Стекнав искуство, знаење, научив многу техники на изработка и се трудам да пласирам одличен производ за продажба. Постојано работам на квалитет и добра услуга.

Сите мои изработки моите клиенти ги добиваат во оригинална кеса или убава кутија со машна доколку им се за подарок, а на секоја моја изработка го има моето лого. Се трудам секој мој производ да биде спакуван најдобро што може, бидејќи првиот впечаток кај тие што купуваат е најважен. И секако тој што купува треба да го добие најдоброто.

Приказна Како ги бирате моделите?

Кристина Моделите кои ги изработувам ги избирам според тоа што мене првенствено ми се допаѓа и што јас би го носела како модел. Но, многу често се советувам и со мојата сестра околу моделите. Таа ми е неизмерна поддршка во оваа работа. Некогаш знам да ги прашам и другарките за одреден модел како би сакале да биде изработен и во која боја би сакале да го видат. Секако мора да се задоволат и останатите вкусови.

Нема достапен опис

Приказна Вашата понуда вклучува и други производи. Што сакат потрошувачите?

Кристина Рачната работа е голем предизвик и се трудам пред се да понудам уникатни производи. Освен чанти за возрасни во мојот асортиман на производи може да се најдат капчиња, шалчиња, детски траки, ташнички и ранчиња. Детските изработки со ликови ми даваат голема слобода во нивно креирање и преку нив можам да ја изразам својата креативност и уметност.

Изработувам оригинални капчиња со секој лик од цртаните филмови што децата ќе го посакаат. Најмногу ми ги бараат ликовите со Minnie Mouse, Little pony, Paw Patrol, бувчиња итн. За детските изработки од клиентите многу често добивам комплименти од типот дека се уметничко дело, како да не се допрени со рака што многу ме мотивира да продолжам да ги изработувам и понатаму.

Приказна Колку време е потребно за да ја изработите една ташна?

Кристина Изработката на една чанта зависи од моделот, големината и техниката на изработка. Некои модели ги изработувам за два до три дена, за некои ми е потребно и повеќе време, а тоа најчесто е кога изработувам и нови модели, но секогаш си оставам дополнителен простор за изработка.

Приказна Колку дигиталните алатки ви користат да комуницирате со своите потенцијални потрошувачи, но и да следите на глобалниот пазар лица кои изработуваат ваков тип ташни?

Кристина Без дигиталните алатки не би можеле да стасаме до потенцијалните потрошувачи. Тие ни овозможуваат на брз и лесен начин да го видат производот и да се уверат во услугата што ја нудиме. Секако и јас имам свои идоли на девојки ширум светот кои изработуваат производи кои ги следам, од кои учам и на кои им се воодушевувам. Од нив се трудам да земам пример да ги подобрам техниките на изработки и да користам таканаречени „магични трикови’’кои се стекнуваат во текот на работата низ годините.

Нема достапен опис

Приказна Каде можат да се најдат вашите изработки?

Кристина  Моите изработки може да се најдат на моите профили на facebook – KSK handmade и instagram – ksk4handmade.

Откако ќе изработам некој производ се трудам да го презентирам најдобро што можам, правам фотографии, снимам видео материјал итн. На моите страни може да се види дека ниедна фотографија не е преземена од интернет и потпишана како своја изработка, туку напротив се трудам да работам професионално и да бидам пример за оние кои допрва почнуваат со оваа работа. Сите фотогорафии со изработки се исклучиво мои изработки.

Мојата визија за во иднина е мојата работа да прерасне во нешто поголемо, во препознатлив бренд на рачни изработки познат по својот квалитет. Сакам да дадам една нова дефиниција на уникатни, модерни додатоци кои ќе го красат и надополнуваат стајлингот на секоја жена. Се трудам и ќе се трудам и понатаму да работам.

Автор Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,649FansLike
1,468FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ