9.8 C
Skopje
Thursday, December 8, 2022
spot_img

Инспиративната приказна на Александра Димова: Животот надвор од градот, придобивка за целото семејство

Како човек којшто работи на заштита на животната средина, едноставно се трудам тоа што го работам и го живеам. Ние дома живееме на еден поздрав начин, се трудиме да бидеме поврзани со природата. Кога ќе кажам дека се трудиме да живееме на поздрав начин, мислам на тоа дека кога ќе засадиме нешто, не ја силуваме природата и не ја тераме да ни роди големи количини, или да ги роди најубавите јаболка и домати, ја раскажува својата инспиративна, градинарска приказна, Александра Димова, инженерка за заштита на животна средина.

Приказна Последниве години сме сведоци на еден убав тренд, многу луѓе почнуваат да одгледуваат градинарски култури сами, дома. Што беше пресудно за вас да ја развиете ваквата приказна?

Александра Димова Долго време размислувавме што треба и каде треба да се вложува, дали да се земе поголем стан затоа што се прошируваме, или треба да направиме некоја куќичка … Пресудно беше тоа што загадувањето на воздухот во Скопје пред 10 години беше особено изразено, а со мали деца, имавме проблеми. Тогаш одлучивме, ќе одиме некаде во близина на Скопје и така го започнавме тој живот.

Приказна Од каде наоѓавте информации како да почнете да ја реализирате идејата?

Александра Димова Со градинарство не започнав веднаш. Мислам требаше некое време да се убедам јас самата дека тоа е тоа што сакам и во тоа ќе уживам.

На разни социјални мрежи и канали, забележав дека кога ќе стигнам до некое такво видео, го задржуваше моето внимание и почнав самата да ги барам таквите информации. Видов дека нема ништо сложено, дека е интересно. Ќе додадам дека јас како професионалец работам на заштита на животната средина. Едноставно здравиот начин на живот е тоа што сакам да го работам, но и сакам да и го живееме.

По некој период на проучување, едноставно се решив дека и јас сакам да го правам тоа. Направивме неколку боксови со семејството и пријателите, ги засадивме првите производи и градинарски култури … Салатата излезе одлична. И тогаш рековме дека секоја година ќе си садиме разни производи и ќе уживаме во сите тие процеси.

Приказна Кои се лекциите кои се учат од година во година? Што се убедувате да унапредите веќе следната година?

Александра Димова Како човек којшто работи на заштита на животната средина, едноставно се трудам тоа што го работам и го живеам. Ние дома живееме на еден поздрав начин, се трудиме да бидеме поврзани со природата. Кога ќе кажам дека се трудиме да живееме на поздрав начин, мислам на тоа дека кога ќе засадиме нешто, не ја силуваме природата и не ја тераме да ни роди големи количини, или да ги роди најубавите јаболка и домати.

Едноставно ја оставаме да си го направи своето. Имавме посадено и компир. Разликата од компирот во маркет и засадениот дома, е навистина голема. Едноставно се трудам тоа што го растам, да расте на здрав начин со природен компост, со ѓубрива од овчи измет итн.

Приказна Како реагираа децата? Како целото семејство се вклопи? Дали веднаш ја прифатија идејата или имаше отпор?

Александра Димова Не ја прифатија. На почетокот дома и со сопругот зборувавме, најверојатно имавме идеја за поразличен начин на кој треба да живееме. Меѓутоа јас инсистирав дека треба да имаме куќа на село, дека треба да имаме градина и дека дел од времето треба да го поминуваме таму.

Во одреден момент, пред две години кога се случи кризата со пандемијата, неколку пати си потврдивме дека тоа ни било одлична одлука. Децата како деца, и тие сакаат да си бидат со другарчиња. На почетокот имаа отпор, да се подготвиме сите да отидеме.

Со тек на време, сфаќаш дека сè повеќе луѓе се доселуваат и сè повеќе фамилии има во близина и навистина има шанси да се дружат со децата од соседството. Децата имаат различен интерес, но кога е во прашање играње со земја, сите имаат љубов кон земјата, особено помалите деца. Па така, кога ќе ни дојдат гости, ние цело време сме со лопатките, греблата, семето, што се сади, кога се сади. Го гледаш оној едукативен момент и интерес кај децата, да се поврзат со природата.

Приказна Како се снаоѓате со семиња? Дали сама чувате од производите кои ги одгледувате?

Александра Димова Имаме брз начин на живеење. Ова го работам и од хоби, не е некое масовно производство каде што можеш да се посветиш, и ти треба механизација. Мојот начин на живот, не дозволува во голема мера професионално да се занимавам со градинарството. Па така, семиња купувам најчесто од аптеките или расадот знам да го земам од соседите, од селаните што се во близина. Си разменуваме искуства, добри идеи и совети и на таков начин, локално се поддржуваме.

Приказна Она што се забележува како тренд е напоредно со градинарските култури ги вметнуваат и цвеќињата. Дали вие сте се обиделе и тоа да го искористите како идеја?

Александра Димова Тоа е еден природен начин на заштита на растенијата од тоа да ти ги изедат инсекти, бубачки, да ги фати одреден тип на болест. Да, има одредени растенија и зачини коишто е добро едноставно да ги вметнеш помеѓу 3 реда од еден вид на култура. На пример да ставиш босилек, нане, лаванда, па да засадиш друг вид на култура. Да, го практикувам и јас тоа. И тоа е еден од природните начини, за кој викам да ги оставиме растенијата да го дадат својот плод.

Приказна Колку е ова добро за менталното здравје?

Александра Димова Животот којшто го живееме навистина е стресен. Достапни сме во секое време, на сите. Со телефоните, компјутерите по дома. Навистина е неопходно да побегнеме и барем за време на викенд да се „исклучиме“ и да поминеме време надвор, во градина, на прошетка, во природа, било како.

Кога имаш куќа, пријателите ти се јавуваат и ти велат, јас ќе поминам на кафе. Куќата е направена за да биде полна со луѓе Ние максимално го користиме тој момент, постојано да бидеме со луѓе. Викендот е време за пријатели, за надвор, за прошетка во околината. Во околината каде што сме лоцирани, има убава шума, диви животни. Убава средина е во која можеш да изградиш убав однос со природата и сè што е околу тебе.

Документарен магазин Приказна на тема градинарство и хортикултура

Автор Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,820FansLike
1,515FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ