16.8 C
Skopje
Saturday, October 5, 2024
spot_img

Габриела Илиевска: Искрено и со љубов, без грам „лична математика“

Габриела Илиевска е носител на листата на „Поинаку“ за советот во Битола, една од ретките жени која на политичката сцена во земјава настапува искрено, храбро, без задршка. За себе вели дека не трпи неправди, а се препознава во љубовта, искреноста и посветеноста. „Гине“ за поубава Битола, за политика во која ќе се врати моралот, чесноста, човечноста, емпатијата.

Разговорот со Илиевска е дел од серијалот интервјуа што Приказна ги прави со жените политичарки.

Приказна Како ќе се опишете себеси?

Илиевска Човек најдобро може да се опише според она што го прави. Колку и да звучи излитено, ама навистина е тешко е да се опишам самата себе. Затоа само ќе кажам дека луѓето со кои сум секојдневно опкружена, оние кои најдобро ме знаат, често ми велат дека сум: Упорна, борбена, силна, но исто така и паничарка (што би се рекло по битолски) и голема тремаџивка. За мене голема вредност има човек кој не трпи неправди и се обидувам да се однесувам според тој принцип. Еден од најголемите комплименти кои ги добивам е дека сум храбра. Можеби тоа е она кое ме тера да не се двоумам пред каков било предизвик, приватен или професионален. Како Габриела, во приватниот живот, најголем предизвик ми бил кога сум се борела за сопственото здравје, а пак во јавната сфера сум успеала, само заради силната волја, да направам промени во градот каде што живеам.

Приказна Кои се вредностите во кои се препознавате?

Илиевска Љубов, искреност и посветеност! Тоа се нештата кои ме водат во секој нов ден, тоа се трите работи кои ми поминаа низ главата кога го прочитав прашањето, можеби и затоа што сметам дека тоа се основните принципи за функционирање на секое поле. Сè она што еден човек го прави искрено и со љубов, не може да не успее. Јас она што го работам за мојот град е со чиста љубов и без никаква „лична математика“.

Приказна Дали тие вредности се присутни денес во светот на политиката?

Илиевска Не … жалосно, ама не. На пат сме целосно да ги изгубиме – сите вредности во сите сфери на општественото живеење! Во светот на политиката веќе одамна немаат значење ниту моралот, чесноста, ниту доблеста, човечноста, емпатијата. Во Битола велат дека политичарите немаа ни намуз ни исав, ниту пак имаат наситка, ни знаат кога е доста! Во политиката сега е време на лажни профили, изгубени идеологии и немање политичка култура. За жал тоа е ликот на денешната политичка сцена во Битола па и во Македонија.

Приказна Велите дека сè уште има луѓе кои нема да дозволат Битола да потоне како Титаник. Ве има ли доволно?

Илиевска Секако дека има луѓе кои вистински, без оглед на сè и без двоумење – си ја сакаат Битола! Ги има многу. Верувам дека отсекогаш ги имало, но во последно време радува фактот што стануваат сè побројни и погласни. И сакам да верувам дека ќе ги има уште повеќе и секој на свој начин, во своето поле на приоритети ќе придонесе за да го спасиме нашиот град. Пред четири години таквите битолчани, мене и на моите соработници, ни дадоа шанса и ветар во грб. Денес уште повеќе верувам во нив.

Приказна Жените и покрај сите залагања да бидат еднакви, сепак се недоволно застапени. Како ќе ја смените таа перцепција?

Илиевска Пред сè треба да ја смениме перцепцијата дека не сме доволно застапени, затоа што мислам дека жените се застапени толку колку што сакаат да бидат застапени. Да не бидам погрешно сфатена, треба и можеме да бидеме во уште поголем број, не е тоа тешко остварливо, треба само да се сака. Тежок е патот една жена да успее, но не е неостварлив. Мора како жени да покажеме дека со поддршка пред сè од семејството, тој успех е загарантиран. Мојата најголема поддршка се мојата ќерка и сопругот.

Приказна– Вие сте здравствен работник, поточно медицинско лабораториски аналитичар. Што и недостасува на Битола во ова време на пандемија?

Илиевска Емпатија. Политиката ги направи луѓето дури и во време на пандемија да не сочувствуваат едни со други, да не сфаќаат дека пред болеста сите сме исти. Лицемерието остана и во ова тешко време, а политиката продолжи да се меша онаму каде директно беа засегнати човечки животи. Кога општеството се соочува со нешто вакво, низ кое поминуваме втора година, не треба да има место за партиски обвинувања, ниту пак за пофалби. Едноставно, секој треба да ја вложи цела сила, сиот капацитет и да работи заедно со сите други, за да спаси човечки животи.

Приказна Во каква Битола сакате да живеете? Каква е Битола од вашите соништа? И дали ќе успеете сонот да го претворите во јаве за битолчани?

Илиевска Едноставно е: Сакам да живеам во ПОИНАКВА Битола. Поинаква од она што била во изминатите триесеттина години, нормална, со здрава животна средина, без отпад, каде ќе има здрави и безбедни улици, многу зеленило и паркови, патеки, сали и спортски терени, каде ќе има културни настани за сите вкусови и генерации. Во таква Битола институциите и јавните претпријатија ќе си ја работат својата работа, ќе им служат на граѓаните. Битола во која ќе има можност за развој на економијата и туризмот. Дали ќе успееме? Зависи од сите нас, но можам да ветам дека ќе останам доследна на она што го работевме и ќе се борам како и досега.

Приказна Кои се трите области кои како приоритет ќе добијат важност во првата година?

Илиевска Чиста животна средина, добра инфраструктура и зголемен економски развој се основата за сè понатаму. Тоа се приоритети на граѓаните и затоа се приоритети и во нашата програма како кандидати за членови на Советот на Општина Битола.

За Приказна,

Вики Ч.

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,683FansLike
3,356FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ