Последното озборување за мене, беше дека по 5-ти пат умирам, споделува Игор Џамбазов за Приказна. Тој додава: Овој пат не ме заболе толку. Ме болеше додека беше жив мојот татко. Замислете го мојот татко, кој си направил тост во 19 часот да ги гледа омилените вести и долу на кајронот пишува, почина Игор Џамбазов. Тоа не е озборување, тоа е криминал, но почнало од едно најобично озборување. Тоа е расипан телефон.
Игор Џамбазов е човек енциклопедија. Зад себе има искуство со кое руши бариери. Тој е уметничко име кое низ годините се соочувало со разни озборувања. Во Дојран релаксирано, зборувавме за озборувањето со него.
Познавам луѓе на кои им има сериозно наштетено во нивните кариери, бракови. Не го поднесуваат сите така озборувањето како мене. Можеби имав среќа што сум популарен од 13 години. Ме озборуваа и како тинејџер, како гимназијалец, како студент, како млад актер. Секогаш имаат теми таквите луѓе за озборување. Во принцип тоа се нереализирани и исфрустрирани типови и нивната најголема желба во животот е да бидат како мене. Но, бидејќи не можат, што им преостанува освен да се пресметаат на тој подол начин со мене, раскажува Игор.
Влијаеле ли озборувањата на вашата репутација и успехот во кариерата низ годините?
Игор Имаше опасност да влијаат многу. Кога во младоста го правев сите будалаштини кои ги прави секој боем, претпоставувам дека да имале влијание. Јас смислив добар начин како да го решам тој проблем. Сите приказни за кои правеа разни верзии, ги објавив во моите книги. На тој начин им ги затворив устите на сите озборувачи. Повеќе од тоа што го пишува во моите книги, а сам сум го напишал за себе, ги остава нив со врзани раце односно залепени усни. Но, не го решиле сите тој проблем така како мене.
Познавам една моја пријателка од естрадата која 2 години посетуваше психијатар поради тоа што секој и најмал коментар за нејзината гардероба, а камо ли за начинот на пеење или изгледот, толку ја вознемируваше што таа почна да се преиспитува сама себе си дали воопшто е добра за оваа работа. Тоа е голем стрес. Во екот на твојата кариера да се запрашуваш дали си доволно добра, само затоа што некој Петре од Македонски Брод, кога се напил 3-4 ракии, зборува на Фејсбук работи кои не ги познава.
Озборувачите во мое време не беа и мразачи, беа кловнови, кажуваа смешни анегдоти. Сега се хејтери. Да мразиш некого што не го познаваш тоа не е маана, тоа е дијагноза. Тврдам дека за 10-20 години во медицината ќе се појави таков вид на нарушување кое ќе биде поврзано со оваа проблематика.
Некои истражувања велат дека мажите повеќе озборуваат од жените. Вистина ли е тоа?
Игор Вистина е. Имам пријатели такви озборувачи, па ги викам тетки, вујни, стрини. Јас потекнувам од една генерација кај која озборувањето беше на ниво на забава. Во мое време озборуваа најмногу комшивките, кого си донел, во колку си заминала таа, колкави штикли имала твојата женска, каква кола возиш. Тие беа безопасни. Тоа озборување од комшивките, со помош на денешната современа технологија прерасна во глобален феномен. Социјалните мрежи се идеално место за тоа.
Можам да кажам дека јас сум најозборуваниот човек од естрадата. Одамна ги имам прележано овие „болести“ но и ден денес ми се случува да ме погоди некој коментар.
Ве вознемирувале ли озборувањата за вас и како сте реагирале некогаш, а како сега?
Игор Тој што ќе каже дека не го погодува озборувањето ќе ве излаже, особено ако е некое измислено озборување. Сум имал такви примери многу. Не само што сум озборуван, туку знаат и да ме умрат понекогаш.
Дали во Дојран како помала средина се озборува помалку или повеќе?
Игор Да, од типот, дали тракторот го зел на 8 или 12 рати или колку се напил за Нова година. Тоа се видови озборувања како во мое време кои не можат да ти ја нарушат кариерата, бракот или недај боже ментално да се одразат. Не сум одговорил на ниту еден хејтер, но има едно копче блок се вика и прекрасно функционира. Многу пати сум се запрашал кога мене ме озборуваат толку, што ли им прават на младите актери, пејачи, композитори кои сега се искачуваат на сцената.
Тоа е една деформација на општеството, колку помалку проблеми имаат луѓето, толку помалку озборуваат. Кога не ти оди во животот, кога си сакал да бидеш од пилот до актер, а не си станал ништо, ти останува само да ги озборуваш пилотите и актерите кои станале тоа пред тебе. Просечниот македонски озборувач има 35 години, невработен е и мајка му и татко му сабајлето му оставаат 200 денари на маса за да има за интернет, бурек, јогурт и за цигари. Откако ќе го изеде бурекот и јогуртот, ќе ја запали првата цигара го отвора телефонот и ги решава проблемите на државата. Јас се борам за мојата држава на сосема поинаков начин.
Ване Маркоски