Дома Инспирација Животната борба на Мирослав Величковски, татко на деца со попреченост: Ништо не...

Животната борба на Мирослав Величковски, татко на деца со попреченост: Ништо не сакам за мене, само Кико и Никола да бидат добри

Мирослав Величковски животот го минал во Пелинце, Куманово. Домот оставен од родителите е многу стар и пред распаѓање, па, тој со големи планови, започнал да прави нова куќа свесен дека старата веќе нема да биде соодветна за толку големо семејството. Пред повеќе од 20 години се жени со Слаѓана, со која ќе имаат убави планови за иднината. Но, плановите ќе му ги попречи најголемото дете Кристијан, кој за жал се раѓа со попреченост, па секој тешко заработен денар, Мирослав ќе го вложи само детето да биде подобро. Куќата останува иста како во 2003-та кога започнал да ја гради. Само таа стои гордо како паметник и ги чува тајните и желбите на ова скромно семејство.

– Како и секој млад човек и јас со многу планови влегов во бракот со Слаѓана. Од дете работам и сакав да направам нова куќа за моето семејство. Но, како се роди Кристијан со попреченост, сите планови падна во вода. Каде не го однесов на доктор. Каде слушнав, секаде. И последните пари ги давав за да биде подобро. Но, нема подобрување. Сега тој е опасен и агресивен. Не разбира. Многу му е лоша состојбата. Неговата ситуација не попречи во сè. Ниту жената не може да работи, го чува, ниту пари стасаа за да ја доправиме куќата – започнува да раскажува со солзи во очите Мирослав за емисијата „Срце на дланка“.

Мирослав е многу вреден. Работи во фабрика за конзервирање на зеленчук, а секој слободен миг го користи да работи кај соседите, само да заработи екстра пари. Зашто минималната плата што ја заработува, вели тој, не е доволна ниту за лекови ниту за пелени, а камоли за храна, или па во неговиот случај, за градење нов дом.

– Преку недела работам во фабрика, а после работа или за викенди, кој ќе ме викне, секаде одам. Само да донесам храна дома. Сам се грижам за сè. Но, тоа не е доволно за куќата. Старата куќа од дедо-прадедо е веќе уништена, па сега во карабината што ја започнав во 2003 година во една соба, живееме шест луѓе-додава Мирослав.

И вториот син на Мирослав и Слаѓана, малиот Никола, се раѓа со попреченост. За среќа со помали оштетувања. Но, доволни за да го срушат и онака веќе урнатиот свет на овие родители. Со тоа тие уште повеќе се разочаруваат и губат желба за живот, но, мораат да се борат, зашто сепак создале фамилија и мора да ја изведат на прав пат.

– И вториот син се роди со попреченост. Но, малку е подобро од Кристијан. Од девојчињата сум презадоволен. Еве ќерката е матурантка. Сака како и сите на нејзина возраст да појде на матура, да се дотера, сака да полага за кола, да се запише на факултет. Но, како да и овозможам кажете ми?! Кога едвај се прехрануваме. И јас сакам да не се двои од другите, ама нема-вели Мирослав.

Ангела, помалата ќерка на Мирослав најмногу им помага на родителите. Ги чува и братчињата. Па, од сите желби наместо да посака нешто за себе, вели дека сè што сака е да и оздрават братчињата.

– Ништо не сакам за мене, само Кико и Никола да бидат добри. Не сакам да бидат болни. Некогаш им читам, им ги кажувам буквите, им давам лепче и ајварче за да бидат среќни-плачејќи вели малата Ангела.

Луѓето кои ја изгубиле надежта, навистина не веруваат повеќе во среќата. Таков е случајот со Мирослав. Не верува ниту во чуда, ниту во среќа.

Не удира гром во коприва. Ниту сум имал среќа, ниту верувам дека некогаш ќе бидам среќен. Барем куќа да им направам на децата, да не ги поклопи старата-завршува Мирослав.

Сите што сакате да му помогнете на ова семејство тоа можете да го направите на телефонскиот контакт на Мирослав 077/940222 или на следната жиро-сметка 250-0070011403-02 Шпаркасе банка

Автор

Оливера Петрушевска

Exit mobile version