8.8 C
Skopje
Tuesday, October 22, 2024
spot_img

Елена Бубало Михајловска: Со трпение, посветеност и правилна храна, наместо хемија, се постигнуваат резултати при вежбање

Сите сакаме брзи резултати. Кога би биле малку поистрајни, потрпеливи, ако посветено го следиме процесот на здрава исхрана и програми за вежбање, несомнено е дека ќе ни треба повеќе време за убаво тело, но сето ова е многу подобар и логичен избор ако размислуваме за целокупното наше здравје. Некои луѓе сакајќи сето тоа да го скратат, посегнуваат по препарати кои после некое време го земаат својот данок. За оваа тема, разговараме со Елена Бубало Михајловска

Приказна Зошто меѓу младите постои верување дека со употреба на стероиди може да постигнат формирање на мускулна маса за кратко време?

Елена Бубало Михајловска Не е до верување работата, сите сакаме брзи резултати. Кога би биле малку поистрајни, потрпеливи, кога би оделе со процесот на здрава, правилна исхрана, добра програма за вежбање, кога би знаеле кој ќе нè води, тогаш процесот ќе биде подолг. Ние сакаме тоа да го скратиме, за жал.

Многу е распространето, многу е достапно, имаме компетентни личности што тоа го овозможуваат и ако кажеме ќе бидеш како мене, нели јас сум здрав, прав, можеш слободно за месец, два, ти ќе имаш резултат …

Сè е до брзината на резултатите, без да помислиме на последиците кои ќе настанат од употреба на хемија, наместо со поголема трпеливост и програма тоа да биде поистрајно и да добиеме подобар резултат без да употребуваме хемија.

Приказна Дали досега сте се соочувале со прашања од вежбачи околу оваа тема, кои биле вашите совети и како ги убедувате да внимаваат?

Елена Бубало Михајловска За ова прашање немам проблем. Затоа што од старт кога ќе дојдат, ние на поинаков начин се поставуваме. Се претставуваме кои сме, зошто сме тука и дека нашата најглавна цел е да им предложиме како да си го подобрат квалитетот на живот на правилен начин.

Затоа на некој начин, ние поставуваме граница. Мене не ми се случило некој да ми каже јас сакам да земам нешто. Не им даваме лажна надеж за некаков резултат. Секако, се случува ако им кажеме дека за месец, два, нема да можат да го постигнат резултатот, тие воопшто и да не почнат на вежбаат.

Советите ги даваме на посебен начин. Не е само вежбањето туку и исхраната. Ние цело време ги надополнуваме со знаење, информации и правила, секако онаму до каде што ние сме едуцирани.

Приказна Секоја суплементација и додаток во исхраната треба да се даде ако постои медицинска причина за тоа. Колку кај нас се почитува тоа во фитнес центрите и која е цената ако се земе на своја рака?

Елена Бубало Михајловска Мора да ги поделиме суплементација и суплементација. Имаме добра и лоша. Не дека секоја суплементација подложи на медицина. Од друга страна, мора да знаеме на кое ниво нас ни е примарното здравство.

Секако постои суплементација која зависи и од тоа како ние се храниме, каков живот живееме, дали професионално тренираме. Знаете како, ако некои луѓе рекреативно тренираат петпати во неделата, тоа значи силно трошење на телото, се трошат витамини, минерали со самото потење.

Ако малку залутаме со исхраната заради брзиот начин на живот, ние веднаш имаме дефицит на одредена состојба, која не мора да подлегне на медицинска помош. Кога станува збор за индивидуален пристап, за натпревари, за хиповитаминози, тогаш веќе се консултираме со доктор.

Тука неукоста е во прашање, неправилната информација или пренатрупаноста од информации. Мора за вакви работи да се знае, дали ќе праша нутриционист, професионален тренер кој е едуциран или матичниот лекар. Многу е важно кои извори ги користиме за да донесеме правилна одлука.

Приказна Колку со исхраната може да се постигнат резултати за брза маса?

Елена Бубало Михајловска Постојат два типа на луѓе. Едниот што сака да ослабне и друг што сака да качи мускулна маса. Ако тој што сака да ослабне е супер дисциплиниран, ќе постигне побрзо резултат, отколку тој што сака да качи мускулна маса.

За секој резултат, потребно е време, трпение, соодветна исхрана, но би сакала да ја споменам и генетската предиспозиција, која е многу важна. Ние некогаш сме контрадикторни, но во овој случај многу е важна генетската предиспозиција и може да се постигнат резултати. Многу е важно да разликуваме дали говориме за реална мускулатура која може моето тело да ја истрпи, или говориме за нереална мускулна маса.

Приказна Колку се свесни луѓето дека кога употребуваат стероиди, кога ќе прекинат и ќе прекинат со спортски активности, брзо ги губат и постигнатите резултати?

Елена Бубало Михајловска Би сакала уште еднаш да потенцирам дека разговараме за нешто дали ќе ни биде стил на живот или ќе биде нешто еднократно. За да добиеме брз резултат, ако тоа значи суплементирање со стероди, со што по извесно време не продолжиме, ќе има и брзо слабеење односно губење на она што се постигнало.

Доколку тоа го правиме споро и во континуитет, тоа преминува во тој стил на живот, каде што телото знае веќе што му се случува, сме го научиле на паметен начин. Мора да сме свесни за сево ова.

Знаете како, веќе стана натпревар на секој еден како му изгледа телото, а тоа според мене, води кон лош пат. Мора да сме свесни зошто го правиме тоа. Ако не ни е професија, ние не можеме да го правиме тоа секој ден.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,687FansLike
3,355FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ