13.8 C
Skopje
Thursday, April 18, 2024
spot_img

Севда: Направив кафе и почнав да го будам, но, тој не се разбуди!

Севда Захаринова го живее најлошиот живот што една мајка може да го доживее. На свои 67 години, наместо да прави свадби, да добие снаа и да шета внучиња, таа завиена во темно и на себе и во себе, сама ги минува деновите. Од мирниот и спокоен живот со семејството, и останале само ѕидовите од домот, кои се ладни и темни. Исто, како и нејзината душа. Несреќите се нижеле една по една. Прво сопругот останува без работа, потоа, полицијата го наоѓа удавен во Вардар, а пред година и половина, без никаков знак и причина, на спиење вечно си заминува и нејзиното чедо Дејан.

Севда имала убави замисли и визии во животот. Татко и бил силен човек, кој освен за синот, направил куќа и за неа. Убави моменти живее со семејството, сè додека не почнат да се редат несреќи и да внесуваат црна боја во нивното секојдневие.

– Татко ми не сакаше да ме двои, и како што му направи куќа на брат ми, така и на мене ми направи куќа. Откако се омажив, во 1981 година, се вселивме тука со сопругот. Бидејќи мајка му и сестра му немаа каде да живеат, а куќата беше голема, дојдоа тука сите. Ми се роди синот. Бев многу среќна и исполнета. Сепак, таа среќа не траеше долго. Свекрва ми и золва ми многу ми се мешаа во бракот, и успеаја да ме разведат од сопругот. Ме оставија со мало дете сама. Сепак, тој после пет години се врати назад, а јас се обидов да му простам. Потоа, сами живеевме мирен и спокоен живот, но, за жал тој мир кратко траеше-започнува да раскажува за „Срце на дланка“ оваа скршена од болка жена.

Стресниот и неубав живот носи уште повеќе немир во животот на Севда. Сопругот никогаш нема да се помири дека останал без работа, и како глава на семејството не може да ја гледа фамилијата. Еден ден таа ќе добие повик од полицијата, во кој дознава дека маж и е пронајден мртов, удавен во водите на Вардар.

– Сопругот го прогласија за технолошки вишок и остана без работа. Немавме никаков приход. Сè повеќе немир од ден на ден влегуваше во нашите животи. Лут беше тој, лут беше синот зашто немаше нормално детство како и сите деца, па, често ме прашуваше зашто нема ручек, зашто немам пари за облека. Која мајка не сака да му даде на свое дете ако има. Па, сопругот толку се разочара што излезе и не се врати повеќе. Следниот ден, полицијата ми соопшти дека нашле тело во водите на Вардар. За жал, тоа беше телото на мојот сопруг. Таткото на мојот син Дејан. Оттогаш веќе ништо не беше исто во нашите животи-вели Севда.

Како да е малку да се остане без столб во куќата, па, еден ден Севда добива нов удар. Пред година и половина, наместо да се радува на снаа и внуци, таа, за жал, нема да успее да го разбуди синот од сон. Останува сама и без најмилото.

– Една вечер гледавме со Дејан филм, и јас му реков дека ми се спие, а, тој ми кажа дека ќе погледа уште малку телевизија и ќе си легне. Не ни претпоставив дека тоа е нашиот последен разговор. Нашето последно гледање. Да знаев, немаше никогаш да го оставам. Утрото, направив кафе и почнав да го будам, но, тој не ме слушаше. Ме напушти засекогаш-со скршена душа се присеќава на тој кобен ден, Севда.

Севда некогаш била вработена, а денес зема минимална инвалидска пензија, од која кога ќе оддели за долгови и сметки, и остануваат само 3000 денари со кои не може да го преживее месецот. Беспарицата и тешкиот живот, ќе и донесат и многу дијагнози со кои ниту може, ниту знае како да се справи.

– Работев во „Македонија стакло“ како изработувач на рамки за гоблени. Кога дојде времето за пензија, зедов минимална пензија од 10900 денари. Морав да подигнам два кредита. Со едниот за да платам за приклучок за струја и за останати долгови. Со другиот купив бела техника, фрижидер и шпорет. Сега месечно живеам само со 3000 денари. Некогаш и со помалку. Не ми останува ниту за храна, а, камо ли да фатам да поправам нешто во куќава. И онака е ладна без најмилите. Ѕидовите и да се бели, мене без сопругот и без синот ми се темни и ладни. Повеќе од 15 години не сум ги обелила ѕидовите. Шпоретот ми чади, а јас се задушувам. Не знам дали повеќе од тешкотиите или од чадот. Не успеав ниту паркет да ставам, на подот има само картони и теписон. Во зима не можам да се згреам. Со денови од кревет не можам да станам, за да не измрзнам. Таа тешкотија ми донесе и многу болести. Секој ден се борам со вртоглавици, срцебиење, а во последно време не гледам и со очите. Но, немам пари ниту за на доктор. Не барам многу, ова малку од животот што ми останува, да го проживеам како човек. Ми треба облека, по можност црна, зашто вечно ќе жалам по синот, и малку барем да ми се помогне да го средам домот. Барем да излезам од кредитите за да можам со пензијата да не гладувам во месецот-завршува Севда.

Секој човек без оглед на се, заслужува да биде горд и достоинствен што е човек, па, Севда иако, без волја и желба за живот, мора да се справува со тешкотиите, и преостанува само да се надева дека сепак има добри луѓе кои ќе и обезбедат подобро да го мине остатокот од животот.

Сите што сакате да и помогнете на Севда Захариева, можете да ја исконтактирате на телефонскиот број 071/728327 или финансиски да и помогнете на следнава жиро-сметка:300007030496210

Автор Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,275FansLike
2,908FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ