33.8 C
Skopje
Tuesday, June 28, 2022
spot_img

Денови на занаетчиство: Сите може да помогнеме, занаетчиството да не изумре

Убавината на занаетите е во нивната уникатност. Секој производ се изработува рачно, поради што е автентичен. Историја покажува дека занаетчиите во минатото биле почитувани заради занаетчиски вештини, но и поради знаењето. Тие успеале поради тоа што имале вешти раце и способност да ги изработуваат занаетчиските производи.

Стилистот Борјан Стојков вели: Отсекогаш сум имал афинитет кон уметноста. Можноста да ја употребам својата креативност и способности со процена според изгледот и стилот на клиентот, со цел да создадам уникатно и автентично дело, но најбитно од се клиентите да бидат задоволни од мојата работа, додава тој.

Во чест и обележје на Деновите на занаетчиство, во Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски ќе биде отворена изложбата „Жени во занаетчиство“ чијшто покровител е сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска. Изложбата ќе се отвори во 16:30 часот. На отворањето свои обраќања ќе имаат сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Кејт Мери Брнз, извршната директорка на Центарот за управување со промени, Неда Малеска Сачмароска и директорката на Занаетчиската Комора, Скопје, Анета Атанасовска.

Според Даниел Николовски, фризер и шминкер, ова е креативна професија. Ако успеваш да твориш нешто поразлично од другите, тоа ќе те издвои на самиот пазар. Јас сум некој кој никогаш немал конфузија околу тоа што сака да биде кога ќе порасне. Ова како талент го имам наследено од мојата мајка. Секогаш сум знаел дека тоа е насоката во која ќе одам понатаму, ќе се развивам и творам и ќе биде мојата професија. Од сè што ќе одберете како професија на крајот од денот треба да живеете. Од нашата професија, ако работиш добро се заработува и добро се живее, додава Николовски.

Занаетчиските активности во Република Македонија имаат богата традиција уште од најстари времиња.

Овде во чаршијата сум од 6 години, вели за Приказна Илија Трајковски, шапкар. Тој додава: Сега имам 55 години. Овој занает е од мојот родител. Од 1953 година сме во овој дуќан. Порано беше подруго, бидејќи центарот на целото занаетчиство и трговија беше во чаршија. Тука, до самата чаршија беше меѓуградската автобуска станица која нас многу ни користеше. Тука беше и железничката станица. Од кога ги одвоија овие работи, чаршијата изгуби голем имиџ. Од порано до сега има огромна разлика. Во сегашноста, Македонците не знаат што е рачна изработка. Нас нè ценат повеќето странци. Овие 4-5 години, пред пандемијата, имавме странци од цел свет. Кога ме гледаа како работам, ќе ме снимаат и ќе купат. Старите занаетчии умреа. Како ќе научиме занает, кога го нема самиот мајстор, прашува Трајковски.

Во минатото, чаршијата била место каде на едно место се собирале различните занаетчии и купувачите. Практично, чаршијата овозможила развој на повеќе занаети, а паралелно со тоа, влијаела и на развојот на трговијата. Многу од занаетите биле надалеку познати.

Старата скопска чаршија е букет од разни рози во којшто се ќе видиш, Македонец, Албанец, Турчин, Бошњак, вели крзнарот Јове Кочов.

И Илија Трајковски се согласува. Тој вели: Јас сум кажал, ако не знаете што е соживот, дали било Албанец, Турчин, Бошњак или Влав дојдете прво во чаршија да видите како сите ние заеднички пиеме кафе или чај. Досега јас немам слушнато да сме се степале, а шеги колку сакаш има, на сечија сметка.

Постојат историски докази кои го докажуваат постоењето на некои занаетчиски активности, како што се златарство, мелничарство, и сл. Занаетчиските активности започнале да се развиваат за време на Отоманската Империја, поточно, кон крајот на 14 век. Во текот на тој период била основана првата форма на официјално здружување на занаетчии во скопскиот регион – таканаречени еснаф организации. Главната цел на еснафот била да го заштити имиџот на занаетите и да ги здружи интересите за подобро справување со конкуренцијата од други земји.

Документарен магазин Приказна посветен на занаетчиството

Со тек на времето, технолошкиот напредок и индустриската револуција му наштетија на уметничкото и традиционално занаетчиство.

Последниве години постојат занаети кои се во фаза на изумирање.  На листата на изумирање се најдоа ковачите, лимарите, шапкарите и часовничарите – овие занаети сè помалку се регистрираат како дејност и нивната бројка во изминатите неколку години континуирано се намалува. Во цела Македонија се останати по само неколку стари мајстори кои се борат со новото време и не можат да најдат наследници. Тие причините ги лоцираат на повеќе места – недостатокот на конкретна државна помош, самиот процес на индустријализација, евтиниот увоз од Турција, Индија, Кина

Економската криза како што доаѓаше, почна да опаѓа побарувачката, а згасна и чаршијата во којашто го немаше повеќе чагорот, она убавото чукање на мајсторите, ги немаше оние кондураџии, шнајдери, смета Јове Кочов. Сега повеќе има кафулиња, да има бавча, тераса, да пиеш кафе, да бидеш виден итн. Тоа е една од работите поради која ни опадна прометот, а и народот е финансиски немоќен, материјалите се скапи, подолго цреме работиш колку да се покриеш. Во овие моменти тешко е веќе да се издржува, не можеш да вработуваш, не можеш да се шириш, пазарот е мал а прилив има од секаде, додава Кочов.

За време на индустриската револуција па сè до денес, технолошкиот напредок води до методи за масовно производство и произведување голем број стандардизирани производи. Индустријата го прифати масовното производство, што придонесува до намалување на занаетчиската индустрија. За среќа, Македонија има задржано многу од занаетчиските дејности, иако многу занаети се изложени на ризик од исчезнување.

Но, 21 век носи нови можности за занаетчиите. Новите начини за комуникација и продавање, дигитално креираат нови пазари и нови видови на поврзување помеѓу занаетчиите и потрошувачите и ширум светот, но и кај нас.

Употребата на социјалните мрежи односно алатки драстично ја олеснува работата со тоа што ни овозможува полесен контакт со клиенти, полесна реклама, консултации, закажувања. Овој занает секогаш ќе има новитети. Никогаш нема да изумре. Секогаш ќе има нови моди, трендови, смета стилистот Борјан Стојков.

Се чини дека и за дел од традиционалните занаети како да има светла иднина – бројот на чевлари е во пораст иако тие само поправаат, но не изработуваат обувки; а кај некои покрај модернизацијата на начинот на работа се менуваат и имињата на дејностите – кројачите стануваат дизајнери, берберите стануваат стилисти. Некои занаети изминативе години доживуваат вистинска ренесанса. Најчесто тоа се оние кои работат со злато, сребро, филигран им оди подобро. Тоа не излегува од мода и не губи на вредност. Помеѓу сите занаетчиски  дејности, идентификувани во официјалната класификација, најчести занаетчиски активности се фризери, козметичари, пекари, сервисери за автомобили и друго.

За Приказна

Бранка Чочковска

Ване Маркоски

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,476FansLike
1,414FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ