33.8 C
Skopje
Tuesday, June 28, 2022
spot_img

Бојан Кордалов: Младите сакаат квалитетно и современо образование

Едно истражување кое го правевме неодамна, во земјите од отворен Балкан: Македонија, Албанија и Србија, покажа дека 70% од учениците не се за онлајн настава, меѓутоа што беше суштината на тоа? Не се за неквалитетна онлајн настава, но втората точка беше дека бараат осовременување и дигитализацијата на образовниот систем. Решението тука може и мора да биде избор. Давање простор учениците и ученичките да имаат можност да учат и дигитално, меѓутоа секако да биде тоа нивни избор и досегашните методи и практики да бидат оставени на располагање, вели Бојан Кордалов за Приказна.

Приказна: Колку нашата земја ги следи трендовите во поглед на дигиталната трансформација?

Бојан Кордалов: Се трудиме да ги менуваме работите, особено после корона кризата која ни покажа дека дигитализацијата не е луксуз, туку потреба која ни го олеснува животот. Многу од навиките како луѓе ги држиме и денес, дали се тоа состаноци или можности за онлајн комуникација со администрацијата, но за жал некако како да не се вложува доволно брзо во овој процес на трансформација.

Јас не сметам дека општеството треба да стане дигитално, но мислам дека ако дадеме дигитални можности за вадење на документи, услуги, користење на услуги, комуникација со административните служби, ќе заштедиме многу време за себе. Ќе можеме подобро и поквалитетно да живееме. Вака, дигиталната трансформација ја пропуштаме, а кога треба да комуницираме седиме на мобилните телефони, наместо да разговараме едни со други.

Приказна: Колку социјалните медиуми креира нови навики и дали поттикнаа нови работни позиции?

Бојан: Дефинитивно, процесот на менување на работни места се случува, а дигитализацијата влијае на менувањето на работните места. Добрата вест е што платите се повисоки. Секое работно место коешто е базирано на новите вештини, има плати коишто се неколку многукратно повисоки од просечните и многукратно повисоки од минималните. Така што освен што се бара постојано да ги учиме новите вештини, добрата вест е што младите генерации, можат да не зависат како нас од ризикот дали ќе можат да имаат добра егзистенција или дали ќе можат да преживеат, како за жал многу генерации претходно.

Приказна: Што сакаат младите најмногу да учат?

Бојан: Младите, од она искуство што го имам јас, се многу љубопитни за многу вештини, а живеат во време во коешто им е достапно многу и што е најважно од сè, можат да видат кои се трендовите, кои се практиките и добрите можности кои ги нуди светот и да го споредат и спроведат тоа тука. Тоа е многу голема предност, не само што ја користат, туку да ја користат во многу поголем дел.

Главниот акцент мора да биде ставен на повозрасните односно на работодавците. Мора да разбереме дека очекувањата, навиките, потребите на младите луѓе под влијание на дигитализацијата се менуваат. Знаете, ако вие денес, еден мејл може да го пратите средноќ, или можете некоја работа да ја завршите средноќ, чудно е на денешните генерации да им објасните дека мора да имаат фиксно работно време.

Со пандемијата, а и многу претходно, требаше да ни биде покажано дека работата може да се заврши и од парк и од канцеларија. Тешко е на овие генерации да им објасните дека треба да бидат врзани на одредено работно место, кога навистина важно е работата да се заврши. Денес под влијание на дигитализацијата станува јасно како, кога и што ќе се направи, отколку формата каде и во кое време.

Приказна: Зошто е потребна дигитализација во образованието?

Бојан: Дигитализацијата во образованието е потребна заради тоа што овие генерации денес се раѓаат, живеат, учат и работат во дигитално време. Едноставно онаа наша емотивна врска со кредата и таблата кај нив се губи заради тоа што нивната прва средба е со таблетот, мобилниот телефон и интернетот, и нормално е да очекуваат повеќе дигитализирано образование.

Едно истражување кое го правевме од неодамна во земјите од отворен Балкан: Македонија, Албанија и Србија, покажа дека 70% од учениците не се за онлајн настава, меѓутоа што беше суштината на тоа? Не се за неквалитетна онлајн настава, но втората точка беше дека бараат осовременување и дигитализацијата на образовниот систем. Решението тука може и мора да биде избор. Давање простор учениците и ученичките да имаат можност да учат и дигитално, меѓутоа секако да биде тоа нивни избор и досегашните методи и практики да бидат оставени на располагање.

Документарен магазин Приказна на тема дигитална трансформација

Приказна: Кои се придобивките на дигитализацијата?

Бојан: Кога зборуваме за придобивки на дигитализацијата, најчесто ги групирам во неколку едноставни целини: заштедуваме многу пари и време, имаме многу повеќе можности и слобода, и многу повеќе избор.

Наједноставниот пример вели дека ако денес треба часови да поминеме на шалтер или часови во некоја бирократска процедура, а наместо тоа, го правиме за една минута, нас ќе ни остане сето тоа време да си го посветиме на себе, дали ќе одмараме, дали ќе бидеме со нашите блиски, дали ќе работиме нешто друго, едноставно изборот е наш. Во спротивно нас не води процесот, не води бирократијата, и непотребното изгубено време. Тоа значи дека многу често не разбираме како денес немаме време за ништо, а тоа е затоа што не можеме да се организираме и практично да поминеме.

Приказна: Како се надополнуваат формалното и неформалното образование во ова време во коешто живееме?

Бојан: Кај нас сè уште постои сериозен јаз помеѓу формалното и неформалното образование во делот на дигитализацијата. Сè што е неформално, па дури би кажал сè што приватно образование, многу полесно се адаптира и приспособува на новите потреби.

Ако се завртите кон САД или Западна Европа, ќе видите дека одамна има курикулуми коишто се достапни онлајн, и коишто се со сериозни кредити па дури и завршени степени на образование за секој човек.

Дигитализацијата во 21 век е потреба, нужност и нешто коешто дава многу можности. Ако ја негираме, ако продолжиме да сметаме дека само еден начин, традиционалниот е добар, нема да постигнеме и нема да ги стигнеме особено младите и нивните врсници од светот. Токму затоа апелирам овој јаз што се создава кај нас да се надмине, со наједноставен метод. Дајте им на луѓето право на избор. Не наметнувајте ниту дигитализација, ниту традиционален начин. Дадете ги двете можности, којшто ќе избере така нека биде. Многу посреќно општество, многу подостапно општество за сите ќе имаме.

Документарен магазин Приказна на тема дигитализација во образованието

Приказна: Како да станеме дигитално писмени и одговорни во поглед на користењето на дигиталните алатки?

Бојан: Дефинитивно за да зборуваме за некаква писменост мора да вложуваме во себе. Тоа е едно од клучните работи. Мора да го следиме случувањата. Тоа не се трендови, туку новитети во интернет просторот. Секоја дигитална алатка нуди многу придобивки, но дава и обврски. Секоја злоупотреба може да донесе несакани ефекти.

Прво и клучно е едукацијата. Да разбереме дека мора да знаеме што се случува таму. Второ е да ја градиме емпатијата, нешто што го имаме во себе, односно секогаш кога сакаме да пишеме нешто на дигиталните алатки, да се запрашаме како би ни било некој нас да ни го напише тоа. Значи градење емпатија, а не расфрлање со пцости, клевети, навреди, омаловажувања, озборувања итн. Едноставно јасно насочување кон придобивките од интернет просторот.

Последната работа е секако улогата на институциите коишто мора многу повеќе да прават простор, законодавство, па дури и каде што треба и казнувања, за да не се создаде негативност во интернет просторот, особено кај младите и децата. Иако никој не е имун, меѓутоа во детскиот развој, ваквите негативни појави можат да бидат сериозен проблем.

Приказна: Како да ги научиме децата дека дигиталните алатки се користат за вештини и знаење, не само за игри?

Бојан: Кога говориме за децата и како правилно да го користат интернетот, би дал еден пример. Кои се оние апликации кои во нашиот мобилен телефон ги има е основата како нашето дете ќе се развива и гради во интернет просторот. Ако во нашиот мобилен телефон, утре и нивниот, има апликации коишто се само игра коишто се само видеа, тогаш ќе фати еден правец, но ако има апликации коишто нудат развивање на мозокот, нудат учење на вештини, математика, естетика, учење на разни други придобивки кои ги даваат овие апликации, така нашите дека ќе бидат многу поразвиени и поправилно да го користат интернет просторот.

Како и сè останато, и интернетот има свои позитивни и негативни страни. Што едно дете ќе поседува повеќе, зависи каков пат ќе му поставиме на почетокот. Како и на сообраќајна лента, и на пешачки премин, ако го научиме детето како сè поминува пешачкиот премин, тоа е едукација за цел живот. Исто се случува и тука. Едукацијата дадена во најрана возраст е едукација за цел живот.

Приказна: Како дигиталната трансформација може да ги унапреди бизнисите?

Бојан: Дигиталната трансформација веќе ги унапредува бизнисите, веќе долго време. Би рекол дека дигиталната трансформација многу порано започна во бизнис секторот од едноставна причина што сметководствените системи, транспортот, логистиката и многу други процеси се автоматизираат со цел полесна работа и многу поголем профит.Така што, тука има простор да се работи, но за да може да го следи бизнисот, треба јавната администрација да биде таа што ќе нуди многу повеќе јавни услуги и ќе нуди многу повеќе комуникација и добри дигитални услуги на приватниот сектор, со цел да можеме да го фатиме чекорот со западните земји.

Автор Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,476FansLike
1,413FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ