33.8 C
Skopje
Tuesday, June 28, 2022
spot_img

Билјана Петковска: Новинарките во онлајн просторот се изложени на сексизам и сексуално вознемирување

Медиумите имаат законска обврска да внимаваат портретирањето и на мажите и на жените да биде на начин којшто нема да омаловажува и да дискриминира, но сепак во пракса работите не се такви. Јас би рекла дека до израз доаѓа елементот на презентацијата на рекламите коишто се емитуваат особено во ударни термини и афирмираат некакви стереотипизирања во коишто жените најчесто се претставени во улога на домаќинки, хигиеничарки и тоа не е во ред и треба да се менува.Она што мене најмногу мене ме загрижува е односот кон жените новинарки, особено новинарките коишто работат истражувачко новинарство, коишто имаат критички пристап во опсервацијата во работата на моќниците, на центрите на моќ во општеството. Многу често, за жал, се соочени со онлајн малтретирање, сексистички закани, омаловажувања, дискредитации, вели во интревју за Приказна, директорката на МИМ, Билјана Петковска

Приказна: Се грижат ли медиумите за родовата застапеност?

Билјана Петковска: Ова е едно исклучително важно прашање во нашето општество на кое за жал не се посветува доволно внимание, секогаш има многу поважни и поприоритетни теми. Сепак родовата еднаквост е одраз на човековите права и слободата, одраз на нивото кое се почитуваат демократските вредности на едно општество.

Медиумите знаеме дека имаат една важна и одговорна улога во градењето на јавното мислење, и оттука тие се еден многу важен фактор во промоцијата на родовата еднаквост, во справувањето со дискриминацијата базирана на родова основа, во истакнување на проблемите и барање на решение во случај на родово базирано семејно насилство, во трговијата со млади жени итн.

Во нашето законодавство генерално гледано, ние имаме усвоено сите меѓународни препораки, акти, кои се однесуваат на оваа тематика, но истражувањата покажуваат дека многу малку од сето тоа е применливо во пракса, па оттука и медиумската сфера не е изоставена. И овде во пракса имаме низа предизвици и проблеми со кои мораме да се справуваме.

Приказна: Кој ги прави вестите и колкава е застапеноста на жените во поглед на презентирање на важни информации како експертско мислење?

Билјана Петковска Во принцип, новинарството е женска професија, затоа што најголем број од вработените во медиумите се жени. Но, факт е дека тие обично се на пониски позиции во рамките на таа организациска хиерархија.

На повисоките одлучувачки позиции, најчесто директорските и управувачките во најголем дел од медиумите, жените речиси воопшто не се застапени. Иако во моментов имаме едно подобрување споредбено со периодот претходно на неколку уредувачки позиции како главен и одговорен уредник на влијателни медиуми, особено на телевизии кај нас, имаме жени главни уреднички. Една од нив е директорка.

Погледнато од аспект на вкупната структура на вработени сè уште бројот на жени на вакви одлучувачки позиции е мал. Од аспект на застапеноста на жените во медиумските содржини што е исто така важно прашање, анализите и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои изработуваат годишни извештаи и го анализираат родовиот аспект во медиумите, сепак бројот на жени коишто се застапени во медиумските содржини како соговорнички, експертки, политичарки е исклучително мал. Исто така и бројот на теми кои се новинарски одработени а се однесуваат на родовите прашања е навистина мал, особено кај радиодифузерите.

На интернет може да се каже дека има некое благо придвижување, но генерално ситуацијата треба да се подобрува.

Приказна: На порталите сведочиме на еден тренд според кој жените се портретираат само од забавен аспект преку сексистички моменти. Колку тоа е погрешно и дали луѓето кои работат во овие редакции се свесни дека тоа е сериозен проблем?

Билјана Петковска Медиумите имаат законска обврска да внимаваат портретирањето и на мажите и на жените да биде на начин којшто нема да омаловажува и да дискриминира, но сепак во пракса работите не се такви. Јас би рекла дека до израз доаѓа елементот на презентацијата на рекламите коишто се емитуваат особено во ударни термини и афирмираат некакви стереотипизирања во коишто жените најчесто се претставени во улога на домаќинки, хигиеничарки и тоа не е во ред и треба да се менува.

Она што мене најмногу мене ме загрижува е односот кон жените новинарки, особено новинарките коишто работат истражувачко новинарство, коишто имаат критички пристап во опсервацијата во работата на моќниците, на центрите на моќ во општеството. Многу често, за жал, се соочени со онлајн малтретирање, сексистички закани, омаловажувања, дискредитации.

Во принцип новинарството е една небезбедна професија. Тоа е и кај мажите, затоа што работата од терен, известувањето од специфични настани каде што има и насилство, ја прави таа професија небезбедна. Еден пример се настаните од т.н. крвав четврток од 27 април 2017 година. 90% од репортерките кои известуваа за тој настан беа жени. Сведоци бевме дека дел од нив херојски се „бореа“ и направија се случувањата во Собранието каде што имаше насилство врз политичари да го доловат до граѓаните преку вклучување во живо. Тие беа изложени на неверојатен стрес. Дел од нив правдата сега ја бараат на суд, но она што го забележуваме како одговор од институциите и правобранителството е дека тие требало да бидат опремени со панцири. А замислете, никој не најави дека ќе има насилство. Сето ова повторно упатува на општеството дека се нема сенс кон овие теми.

Документарен магазин Приказна на тема жени во медиуми

Приказна: Во делот на онлајн медиумите и мажите и жените се еднакво изложени, но се чини дека сексистичкиот момент повеќе е упатен кон жените.

Билјана Петковска Во истражувањата кои ние ги работиме, од интервјуа, директно со новинарки, сведочиме на бројни примери во кои новинарките биле изложени на сексизам, на сексуално вознемирување, и тоа онлајн, во директна комуникација, и во најголем дел неможноста да се спротивставите со аргументи на одреден критички осврт од страна на одредена новинарка, најчесто како реакција од различни поединци, се посега по сексуалниот аспект, сексизмот, навреда на сексуална основа, закани. За многу колешки новинарки тоа е траорно. Државата има об врска да постапува по вакви случаи. Тие секогаш ги пријавуваат овие случувања и закани во Министерството за внатрешни работи, но за жал она што е како податок е дека многу ретко, речиси никогаш, сторителите се изведени пред лицето на правдата.

Приказна: Со оглед дека нема правно разрешување на случаите, новинарките се приклонуваат кон самоцензурира, со цел да се заштитат. Како да се смени оваа состојба?

Билјана Петковска Да, навистина имаме неколку храбри новинарки коишто успеваат да се одвојат од тој тек, поради зачувување на душевниот мир, на спокојството, затоа што овие ситуации можат да доведат до навистина тешки психолошки нарушувања. Сепак имаме примери на храбри новинарки коишто успеваат да се спротивстават на тоа, но многу често, ако се соочите со таква ситуација, се приклонувате на самоцензура, во којшто се ограничувате да не чепкате таму каде што може да наидете на реакција и да се потсетите на малтретирањата на коишто сте биле изложени претходно.

Проблемите од аспект на родовата нееднаквост на сите нивоа се одраз на индивидуалниот аспект, колку жените се подготвени да вложуваат во себе, со цел да можат да се носат со обврските на повисоките уредувачки позиции. Проблемите се организациски. Колку системот дали тоа е медиум или поголема издавачка куќа итн., ја препознава важноста на ова прашање. Меѓутоа, проблемите се и културолошки и социолошки.

Нашето општество во принцип е патријархално општество. Мора да работиме многу, и преку медиумите да ја афирмираме потребата на родова еднаквост на сите нивоа во општеството, бидејќи проблемите не се само во медиумската сфера. Според податоците на синдикатот на новинари, досега нема ниту една пријава за уценување на новинарка од страна на раководните структури во одреден медиум, но јавна тајна е дека тоа се случува.

Автор Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,476FansLike
1,414FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ