4.8 C
Skopje
Saturday, December 21, 2024
spot_img

Баба Вида: лежам цел ден замотана во јамболија, не требаше да се родам!

Вида Стојанова е жена со несреќна судбина. Потекнува од Штип. До шеесеттите години од минатиот век, живее под кирија со родителите. Пред пет децении доаѓа во центарот на Штип,каде нејзините родители купуваат куќа, која ќе стане нивни семеен дом. Дом кој денес ќе и предизвикува само стресови и проблеми.

Таа во Штип завршила основно и средно образование, но желбата да напредува, да ги оствари своите соништа ќе ја донесат во Скопје, каде се запишува на Земјоделскиот факултет и станува дипломиран инженер агроном.

„Студирањето во Скопје ми беше само уште една од низата трауми што ги имав во младоста. Животот по интернати воопшто не беше лесен. Спиење во лоши соби, ладно во зима, слаба прехрана прават почесто да бидам болна отколку здрава. Но, некако издржав и дипломирав-“раскажува баба Вида.

Откако се враќа во родниот крај, Вида се вработува во неколку претпријатија каде доживува различни перипетии. Откако последната фирма во која работела оди во стечај, таа станува технолошки вишок, но и социјален случај.

„Работите се влошија кога почина татко ми. Откако останав сама со мајка ми, бев социјален случај. Се случуваше да јадеме и во народни кујни, за да преживееме“-се присетува Вида.

Тешкиот и макотрпен живот ќе направи таа никогаш да не добие шанса за брак. Подоцна кога успева да добие минимална пензија, ја губи и мајка си. Оваа несреќна жена останува сама, без никој свој.

Откако се присети за тој период од животот, баба Вида започна со раскажување на проблемите во куќата.

„Сите работи што ги гледате се донации. Сè е старо и дотрајано. Од фрижидерот вратата е откачена, машината за перење не пере, расипан ми е бојлерот, казанчето, шпоретот не ми работи, но, најголем проблем ми е покривот што тече. Горе има цевки со струја. Може да се запали при првиот дожд, па да изгори со куќата.“

„Целата куќа е само од кал. Кога има невреме, мислам дека ќе ме поклопи. Воопшто не ми е сигурен животот во неа. Земам само 8700 денари месечно, а секој месец по нешто морам да сменам, да купам. Нема,не стигнува. Што попрво со тие пари!?-споделува баба Вида.

Еве, пред некое време морам и сто евра да дадам за прозорчето, зашто ќе одлеташе со ветерот. Морав, многу дуваше од стариот прозорец. Уште го отплаќам на рати. Го отплаќам и телевизорот. Стариот се расипа, морав да купам нов преку еден братучед, па секој месец и за тоа одвојувам по илјада денари. Кога тоа ќе ги додадам и сметките во месецот, не останува ништо за храна. Од нервозите добив чир на желудник, ослабев триесет килограми, и не смеам да јадам секаква храна. Јас немам за никаква, па не избрана. Некогаш сум принудена да намачкам колку да се рече маргарин на лепчето и малку чај. Тоа јадам секој ден. Јадам колку да преживеам. Докторот ми рече дека за да ми се подобри ситуацијата, треба да примам инјекции. Една инекција чини седум илјади. Тие пари можам само да ги сонувам. Е па, ќе ја трпам болката-низ солзи раскажува оваа несреќна жена.

„Ништо убаво не ми се случува во животот, ништо. Имам роднини, но, денес кој те гледа. Секој си ја гледа својата работа-со солзи ни кажува баба Вида.

„Бев во пензиското да прашам ако имаат една соба, колку за мене да ме приберат. Таму барем ќе ми биде потопло и ќе имам оброк. Ми рекоа има една опожарена која пред неколку години изгорела заедно со сопственикот на истата, па ако сакам да ја користам треба да вложам три-четири илјади евра за да приспособам за живот. Од каде да ги најдам тие пари. Бев и во станбеното, ама и од таму сите креваат раменици.“

„Тажна и бесна сум. Не можам повеќе да издржам. Додека лежам цел ден замотана во јамболија, си мислам дека не требаше да се родам.“

„Да имав поголема пензија, немаше да седам ни минута тука. Се чувствувам како куче врзано за синџир. Да имав можност веднаш ќе одев во дом. Веднаш!“-плачејќи искрено споделува баба Вида.

На баба Вида навистина и е потребна помош. Доколку сакате да и помогнете на оваа беспомошна жена, тоа можте да го направите на трансакциската сметка 320500027164928

076615428 Контакт телефон Вида.

Автор

Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,762FansLike
3,388FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ