21.8 C
Skopje
Thursday, September 3, 2026
spot_img

МОЖЕШ ЛИ ДА ГО СОПРЕШ КРУГОТ НА ОМРАЗАТА?

Пред четиринаесет години, на Први април, требаше да водам детски маскенбал. Се двоумев дали да го земам син ми со мене или да го оставам во градинка, да се дружи со своите другарчиња под маски. Го избрав второто. Денес знам дека би избрала поинаку.

Беше маскиран во тигар. Едно девојче почнало да го исмејува дека маската му била „женска“. Тој бегал од неа, а таа го бркала, го навредувала и не престанувала. Во еден момент, бегајќи од неа, си ја удрил главата во ѕид. Кога ми кажаа што сè се случило, ме болеше душата. Не затоа што е мое дете, ниту пак затоа што беше маскенбал. Туку затоа што едно дете било повредено од нешто што можеби на некој друг му изгледало како „само шега“. А не е.

Колку пати токму така го оправдуваме насилството? „Само се шегував.“ „Не мислев ништо лошо.“ „Децата се деца.“ „Ќе помине.“ Не, не секогаш поминува. Болката не е само физичка.

Насилството најчесто не почнува со удар. Понекогаш почнува со поглед. Со молчење. Со телефон што снима. Со коментар што се смее. Со едно „не е моја работа“. И можеби токму затоа толку тешко го запираме.

Кога зборуваме за насилство, најчесто ги бараме насилникот и жртвата, за да го лоцираме виновникот. Бараме кој почнал, кој удрил, кој навредил, кој објавил. За жал, многу ретко се прашуваме: Каде беа останатите? Кој гледаше? Кој снимаше? Кој се смееше? Кој сподели? Кој знаеше, а молчеше?

Токму во овие прашања се крие еден од најопасните механизми на насилството – публиката. Токму таа придонесува насилството да добие ефект на снежна топка која прераснува во моќна и опасна лавина. Во училишниот двор, низ ходниците, во автобус, на спортските терени, но и преку социјалните мрежи ТикТок, Фејсбук, Инстаграм, Вибер или која било друга дигитална платформа … Насекаде, насилството има потреба од публика, од погледи, реакции, лајкови, споделувања и коментари. Колку е поголема публиката, толку повеќе расте моќта на насилникот.

Може ли да одлучиме да не бидеме таа публика? Што ќе се случи ако наместо да го извадиме телефонот за да снимаме, се охрабриме гласно да кажеме: „Престани. Доста“

Може ли наместо да споделуваме снимка од нечија болка или траума, да укажеме и да споделиме порака дека насилството воопшто не е забава и може да има силни последици, понекогаш дури и опасни.

Можеме ли да го прекинеме кругот на насилството?

Факт е дека насилството не се победува само со казна. Неговото ширење најчесто се победува со култура на неприфаќање. Токму во тоа, особено децата не смеат да бидат оставени сами. Како родителите мора да разговараме со нив, и тоа не само кога ќе се случи проблем, туку и пред тој да се случи. Наставниците мора да имаат знаење и алатки да препознаат што се случува зад тишината, зошто децата се повлекуваат и стануваат молчаливи. Училиштата секогаш треба да бидат зони во кои безбедноста не е само правило на хартија, туку секојдневна практика.

Како насочувачи, треба да знаеме дека можеби најмоќната порака до едно дете не е „Биди храбро“, туку: „Не, не мораш сам/а. Ако видиш насилство, реагирај брзо. Побарај помош. Застани покрај оној што е повреден.“

Понекогаш она наше родителско, децата сами ќе решат, можеби не е најмудрото. Не можеме да го контролираме секој збор што ќе биде напишан на интернет. Не стигнуваме да бидеме до нашите деца во секој момент. Факт.

Но, можеме да создадеме генерација која знае дека насилството не е храброст, понижувањето не е забава, а молчењето не е неутралност. Токму тоа треба да ги учиме нашите деца.

Следниот пат кога ќе видиме некој кој е исмеан, понижен, навредуван или нападнат, имаме избор. Да гледаме, да снимаме, да споделуваме или да направиме нешто друго. Да застанеме, да спречиме, да побараме помош, да бидеме луѓе. Кругот на насилството не се прекинува само со насилникот. Се прекинува и со сите оние што ќе одлучат дека повеќе нема да бидат публика.

И да, денес дигиталниот простор не е одвоен од реалниот живот. Зборовите напишани зад екранот можат да болат исто како зборовите кажани лице в лице. Често и посилно. Една фотографија може да биде споделена илјада пати. Една навреда може да стигне до цело училиште. Едно дете може да се чувствува како целиот свет да му се смее. Засрамено, навредено, деградирано. Осамено. Тоа може да биде силна траума, преголем товар не само за децата, туку и за возрасен човек.

Ниту еден стандард, протокол или кампања нема да биде доволен ако ние како заедница не ја промениме најважната работа, нашата реакција. Пред да ставиме коментар со навреда, исмејување или друг тим на омраза, да размислиме. И ние и нашите деца може да се најдат во обратна ситуација. Затоа ни треба интернет без омраза, но и општество без рамнодушност. Да не бидеме само публика, туку причина поради која некој ќе се почувствува безбедно.

Скрши го кругот на насилството. Не биди публика. Да направивме место за свет без омраза!

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

Претходни вести

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

8,509FansLike
4,737FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ