5.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Ана Дорник: Ценете го вашиот живот, затоа што ракот на дојка не пребира

Ана Дорник е српска хуманитарка и инфлуенсерка, хероина која победила во борбата со ракот на дојка. Таа добила и награда за исклучителен придонес во борбата против карциномот на дојка. Заедно со Марија Лакич го основаат здружението Жена уз жену, со цел да мотивираат и други жени кои се справуваат со сличен предизвик.

Јас дознав дека имам карцином во Октомври 2020. Секако тоа сознание не беше ни малку пријатно и само замислете, некој решил да ги демантира тие 35 години кои до тогаш сте ги живееле, затоа што јас дијагнозата ја добив на 35 години и прво што помислувате е дали ќе преживеете, дали ќе го дочекате утрото … навистина како на филм, целиот живот пред очи ви поминува во тие пет минути. Многу важен момент за борбата е прифаќањето на она што сте го добиле како дијагноза. Секако, да го прифати тоа, жената поминува низ бура емоции, зашто баш јас, како баш мене, како понатаму…

Кога сето тоа ќе помине, тој бес, таа лутина, сфаќате дека имате еден живот кој или може да го фрлите или да одлучите да останете инспирирани од вашиот живот, како што сте биле до сега или воопшто не сте биле. Ако јас да не бев инспирирана, очигледно таа битка не би ја добила. Она што е интересно е дека навистина од името на сите жени кои се борат со карцином на дојка, можам да кажам дека нивното мислење е како повторно да се родени. Денес, година и пол подоцна, можам да кажам дека јас сум добила дар од Бога и ново раѓање, споделува за Приказна, Ана Дорник

Оваа младе жена поминала низ мастектомија, а од превентивни причини, неодамна и се отстранети јајниците и матката.

После првичниот шок, Ана успева да се издигне над целата ситуација и носи одлука преку своето искуство да им помогне на сите жени кои поминуваат низ иста фаза во животот.

Јас ги известив најблиските членови на семејството, не затоа што мислев дека луѓето не треба да знаат, туку не ми беше важно, бидејќи сфатив дека само јас сум важна во таа борба и јас сум таа која морам да одам до крај. Но, кога сфатив дека сакам да се обратам на сите тие жени на мојот инстаграм профил, почнав да го испраќам профилот на сите познаници, на Вацап, Вибер, со молба да го заследат што повеќе луѓе, а тие не знаеја низ што поминувам … Кога почнаа со прашања дали сум добро, како си, јас одговарав дека сè е во ред, само заследи и сè е супер.

Поддршката во животот е многу важна. Сите ние сакаме да имаме некој каде можеме да ја потпреме главата. Но, додека ние не одлучиме да бидеме добро и додека самите не одлучиме дека сме победници и дека треба да преживееме, ништо нема да ни значи, ни сосед, ниту брат, сопруг … Никој нема да ни значи, ако ние не сме тие кои силно ќе ја раскажуваат приказната, вели Ана.

Ана со својата работа им помага на многу жени да се справат со борбата со ракот преку своето здружение и автобиографската книга „Ти си таа“.Се залага за поголема свесност за раната превенција, едукација и поддршка во лекувањето и секојдневните предизвици со кои се соочуваат жените кои се борат со оваа болест.

Ја оставив ако не целата, барем половина од мојата душа. Книгата настана кога бев сигурна дека можам да ја напишам, дека моите емоции се созреани и дека ќе можам целата таа животна приказна да ја раскажам од почеток. Книгата е автобиографска и за да ја напишам веродостојно, јас морав да го проживеам својот живот наназад 35 години. Настана така што посакав да мене да ми останат моите лекции, кои сигурно би заборавила. Знаете како кажуваат: Секое чудо за три дена …

Документарен магазин Приказна

Сите ние забораваме кога се удираме во нешто, стануваме и продолжуваме понатаму, а забораваме дека причината за нашиот пад била нашата невнимателност. Тоа е само пример. Но баш преку таа книга, сакав себеси да се потсетам, аха, Ана ти си поминала низ ова, не треба да ги повторуваш тие грешки, а и потоа сфатив дека книгата ќе биде добар прирачник за сите жени кои се борат. Навистина ја имам таа среќа да е препознаена како психолошка поддршка, како психолошки водич, која е донирана на институтите за онкологија ширум Србија, но и регионот, додава Дорник.

Борба за поголема свесност за раната превенција, едукација и поддршка во лекувањето и секојдневните предизвици со кои се соочуваат жените кои се борат со оваа болест е суштината на целата мисија на Дворник.

Јас тоа не го сфаќам како одговорност, го сфаќам тоа, баш како што кажавте, дека тоа го живеам и да е одговорност, некаде би се чувствувала некомотно, а вака јас почувствував дека е тоа што јас треба да бидам. Многу е индивидуално. На некои жени им е тешко и тешко поминуваат низ таа борба и тоа е во ред, некои жени поминуваат полесно. Мојата мисија низ овие промоции на книгите е да оставам малку простор да размислуваат колку вреди животот, да се искористи како што треба и ако сум успеала во тоа, јас сум навистина среќна. Јас сум најсреќна кога ќе се сретнам со тие жени, преку промоциите на книгата во Србија и регионот. Убаво е да ги запознаеш тие жени, кои чекаат да им упатите некој збор за поддршка, споделува Ана.

За крај Ана Дворник со порака до сите жени зошто се важни превентивните прегледи.

Затоа што ракот на дојката не бира, односно не одредува, затоа што треба да ја покажеме сопствената генијалност, генијалноста на една жена. Посебност на една жена, силата на една жена, бидејќи силата е женски род, бидејќи жената е инспирација. Прво самата на себе, а треба да биде и на другите и затоа што е важно да зборуваме за жените кои преживеале, бидејќи кога пребарувате на гугл, прво гледате статистика колку жени починале, но што е со жените кои преживеале? Јас тоа го менувам преку овие свои мотивациски говори и промоции. Зборуваме малку за тоа дека е во ред да зборуваш со својата другарка за тоа кога последен пат си била на превентивен преглед, дека е во ред една со друга да се поддржуваме за тоа и дека е во ред да кажам дека имам рак на дојка, но тоа е само состојба, додава Ана Дорник.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ