За менталното здравје, за свесноста и важноста за него, разговараме со психологот Иван Христов.
Зошто е важна свесноста за менталното здравје?
Иван Христов Менталното здравје е исклучително значајно исто како физичкото здравје. Спаѓа во оној дел на генерално здравје, на општо здравје за нас. Од значење е да се зборува и размислува за него затоа што значи многу за нас како луѓе, за тоа како ќе се однесуваме, како ќе функционираме, како ќе воспоставуваме релации со другите луѓе. Кога ние се чувствуваме добро, правиме и другите да се чувствуваат добро.
Се чини дека ковид пандемијата ја зголеми свесноста за менталното здравје?
Иван Христов За жал, многу теми ги отвораме откако ќе се случи некој проблем. Така се случи и со менталното здравје. За општата популација почна повеќе да се зборува по ковидот затоа што многу се изолиравме, многу луѓе ги загубија своите блиски, постоеше стравот од зараза и од сите последици кои може да дојдат со тоа. Се промени како го гледаме менталното здравје и колку тоа е значајно и колку влијае на сите нас.
На што влијае нарушеното ментално здравје?
Иван Христов Нарушеното ментално здравје влијае на целокупното наше однесување. Кога е нарушено менталното здравје, нарушен е сонот, нарушени ни се односите со другите луѓе, имаме нарушување во исхраната и телесни нарушувања, болки во стомак, болки во различни делови од телото, проблеми со дишење, срцеви проблеми. Многу физички проблеми се всушност поврзани со менталното здравје на човекот.
Доколку зборуваме за нарушено функционирање на генералната наша психологија, многу се разликува од само нарушено ментално здравје затоа што сите ние во даден момент имаме нарушено ментално здравје, но тоа не значи дека стануваме невротични и психотични. Менталното здравје може да се гледа како еден начин на функционирање на секојдневието и буквално сите оние мали случувања кои може да ни го нарушат нашето однесување и ментално здравје влијаат на тоа, а не влијаат на нашето психотично или невротично однесување.
Кои се факторите кои влијаат врз менталното здравје?
Иван Христов Буквално сите фактори кои не опкружуваат, односите со другите луѓе, односите со семејството, постигнувањата кои ги имаме во училиште, на работа, спиењето, исхраната.
Во која животна фаза треба да посветиме најголемо внимание на менталното здравје?
Иван Христов Велат детето е родител на човекот, па така во детството треба исклучително да се внимава на менталното здравје. Тие работи кои се случуваат како трауми, некакви нарушувања, продолжуваат понатаму. Јас сум од генерација којашто многу доцна дознав како треба да се погрижам за тоа. Денес многу повеќе постои свесност каде деца, тинејџери, возрасни се грижат на каков било начин, без разлика дали е тоа преку активности, припаѓање на некоја група, посета на психотерапија.
Секоја возраст треба да работи на своето ментално здравје, само методите се различни. Кај децата може да бидат симптоми како нарушен сон, пелтечење, болки во стомак, кај тинејџерите е асоцијално однесување, анксиозност.
Кои се првите знаци на нарушено ментално здравје?
Иван Христов И малку кога некој се чувствува дека не е во ред или е нервозен, тоа може да крие поголема заднина. Многу често е нарушување во исхрана, може да биде генерална анксиозност, стрес на работа, незадоволство од тоа што ни се случува во животот, депресијата, проблеми со сонот, избегнување на контакти, изолирање, немање желба да се излезе од дома.
Како социјалните медиуми влијаат на менталното здравје?
Иван Христов Колку повеќе имаме контакт со социјалните медиуми, а тие имаат задача да не привлечат, па многу повеќе удираат на сензационализам. Тука има многу негативни вести. Денес сме бомбардирани од вести што се случува во светот, се користи еден јазик кој е доста силен со цел да се привлечат повеќе читатели. Социјалните медиуми влијаат и на сликата за себе, а таа пак е многу тесно поврзана со менталното здравје. Ако јас гледам како сите живеат одличен, богат, интересен живот, мојот живот ќе изгледа досаден и дури не вредам за некои категории на луѓе.
Социјалните медиуми се многу важни, но и можат да ни помогнат. Има многу значајни работи кои може да се прочитаат. Има веб страни и инфлуенсери кои зборуваат за менталното здравје. Не е важно дали постојат, туку колку и за што ќе ги користиме социјалните медиуми.
Може ли употребата на лекови на своја рака, без консултација со стручно лице, да биде штетна?
Иван Христов Да, тоа е лошо од секој аспект. За сите лекарства постои дозирање. Јас сум психолог, но можам на клиентот да му препорачам да оди на психијатар кој е стручен за тоа. Треба да им се верува на стручните лица и секако препорачувам и второ мислење од медицинско лице за консумирање на кој било лек, затоа што може да се направи дисбаланс кој подоцна и со прави терапии може да се вратат работите во нормала.
Ване Маркоски