13.8 C
Skopje
Wednesday, December 18, 2024
spot_img

Гораст Цветковски: Државата сè уште не ја препознава гејминг индустријата

Ние сме едно проколнато парче земја, каде што за многу работи од постоењето се случуваат работи кои едноставно не можат да се пребродат. Во Македонија освен Крејзи Лаб, немаме голема компанија. Нема кој да го бустира тој сектор за развивање на игри. Многу е интересно дека свеста за гејминг во околните земји околу нас беше помала отколку кај нас. Кога го почнавме Глобал Гејмџејм со Магда, пред околу 10 години и неколку години по ред бевме меѓу топ пет државите по направени игри по глава на жител, што е огромен успех. Никој од околните држави немаше таков тип на разбирање. Кај нив институциите тоа го сфатија брзо и брзо се кренаа, нагласува во интервју за Приказна, Гораст Цветковски, претседателот на МАГДА.

Европратениците изгласаа резолуција со која бараат да се даде поддршка на ниво на ЕУ за стратегија за развивање на видеоигрите и тие да се сметаат за културно наследство. Ваш коментар?

Гораст Цветковски Огромен потег. Битна работа се случува сега. Во принцип, игрите секогаш биле голем креативен процес, само прашање на време беше кога тој процес ќе се стави во една рамка и кога тие ќе добијат некое позначајно ниво. Ова што го направија на европско ниво е за поздрав. Иако ние не сме уште официјално дел од Европа, претпоставувам дека ќе имаме многу голема корист во тоа. Сега моментално државата нема никаков однос во тој сегмент, иако носи многу пари и да донесе уште повеќе. Ова може да им биде сигнал дека и они треба нешто да преземат.

Често пати имаме погрешна перцепција за гејмер. Што значи гејмер?

Гораст Цветковски Гејмингот јас лично го делам на 3 сегменти. Едниот е развивање на игри. Тоа се оние кои ги прават игрите, коишто често сакаат да играат игри, но не мора да значи. Може да не сакаат да играат игри но да се во гејм индустријата, можеби во финансии, можеби во монетизација која работи во гејминг индустријата. Потоа, втор сегмент е е-спортот во којшто се заработува играјќи игри и тие луѓе играат една игра и се многу добри. Третиот сегмент се гејмери, односно луѓе коишто уживаат да играат игри, се интересираат, играат различни игри и чекаат нови игри.

Последниве години со постигнувањето на интернационални резултати на гејмери од Македонија се подигна вниманието за гејмерството. Какви се вашите импресии, каде е Македонија позиционирана на таа гејминг мапа од аспект на играњето?

Гораст Цветковски Поголеми успеси што се постигнаа беше освоеното второ место пред 4 години од страна на Мартин Саздов, потоа лани Блу Џејз победија на светскиот турнир во Кантер Страјк и годинава повторно Мартин победи во финале и ја донесе титулата, штитот во Македонија. Тоа се прилично битни работи на светско ниво. Тоа ја прави Македонија да е сериозен аларм во ловење на таленти и ловење на игри.

Многу е интересно дека има уште многу луѓе коишто котираат прилично високо на ранг-листите во светот во Дота, Кантер, но заради тоа што не се први, затоа не се познати. Тие се прилично битни бидејќи многу агенти ги бркаат и пратат и чекаат да видат како ќе се развиваат.

Од друга страна е-спортот е многу неблагодарен. Јас никогаш не би препорачал некој да биде е атлета освен ако не се знае дека ептен е талент, затоа што тоа е многу време потрошено за тренинг и механички, ментално и физички. Во прашање се најубавите години, и ако се киксне станува збор за комплетно изгубено време. Мислам дека за разлика од другите спортови, ризикот во е-спортот е три, четирипати поголем.

Јавноста никогаш немала никаков однос според е-спортот, поради тоа што тој е прилично нов спорт и малку луѓе се интересираа, затоа што не е фудбал, ракомет, нешто што може надвор да се игра. Ова треба малку повеќе опрема, инфраструктура, интернет, основни елементи за да може да се прави тоа. Ќе треба уште долги години за да стигне до едно сериозно ниво. Според мене ќе поминат 3-4 генерации. Заработувањето од играње игри е многу повисоко отколку што тоа беше пред 3 години.

Има бројни истражувања кои велат дека играњето видеоигри е лошо, а од друга страна има истражувања кои укажуваат дека играњето видеоигри може да поттикне развивање на одредени вештини. Каде е тука вистината?

Гораст Цветковски Јас секогаш давам пример дека и јадење благо прекумерно е лошо, ќе му се слоши на човек. Така да во принцип, сè што се прави прекумерно ќе доведе до лоши последици. Играњето игри ако се претера може да доведе до физички деформитет, може до изолација во однос на социјален живот, може да биде проблем во однос на едукацијата, во однос на работата. И други работи можат да бидат таков проблем.

Македонија неодамна го прифати е спортот како официјален, што тоа значи?

Гораст Цветковски На светско ниво постои е-спорт федерација, асоцијација, иако кај нас има македонска е-спорт федерација, во светот тоа сè уште е на ниво на приватни турнири, приватни организации. Заради тоа што игрите кои се користат за играње во турнирите се приватна сопственост. Тие игри еден ден може некој да рече веќе не смеете да ги играте на натпревар. Иако има организации во коишто македонската е спорт федерација е членка и претседателот на нашата федерација е член во интернационалната федерација, но на глобално ниво сè уште не е како ФИФА, НБА, така што мислам дека ќе помине уште некое време да се официјализира од сите земји на светско ниво.

Колкав е интересот кај нас за играње видеоигри? Која е најмалата, која е највозрасната старосна група којашто ги игра? Која видеоигра е најпопуларна во Македонија?

Гораст Цветковски Ако зборуваме со мобилни игри, ќе кажам од 8 до 88. Ако ги тргнеме тие игри, посериозни игри, луѓе кои си имаат ритуал да си седнат да си поиграат навечер, сабајле, луѓе кои играат со другари, пријатели, огромен е бројот и цело време расте, границата се спушта и се проширува на се повозрасни.

Децата од 5,6 години сериозно играат игри. Според статистиките во однос на луѓе коишто пратат играат, таа бројка би можела да биде 70-80.000. Ако зборуваме за луѓе кои играат, таа бројка би била милион. Скоро и да не постои човек кој не игра некоја игра.

Каков е соодносот помеѓу мажи и жени?

Гораст Цветковски Сè уште мажите се драстично инволвирани и позагреани од оваа тематика. Порано кога беше сè во живо, имаше логика, можеше да се случи силеџиство или ако дојде жена, мажите може да дофрлаат коментари, но сега кога стана се онлајн, повторно не се изедначуваат.

Докуменатрен магазин Приказна

Како да го поттикнеме пазарот за оние кои ја создаваат видеоиграта, веќе Србија, Бугарија, Хрватска го имаат развиено на повисоко ниво, како ние да направиме нешто?

Гораст Цветковски Ние сме едно проколнато парче земја, каде што за многу работи од постоењето се случуваат работи кои едноставно не можат да се пребродат. Во Македонија освен Крејзи Лаб, немаме голема компанија. Нема кој да го бустира тој сектор за развивање на игри.

Многу е интересно дека свеста за гејминг во околните земји околу нас беше помала отколку кај нас. Кога го почнавме Глобал Гејмџејм со Магда, пред околу 10 години и неколку години по ред бевме меѓу топ пет државите по направени игри по глава на жител, што е огромен успех. Никој од околните држави немаше таков тип на разбирање. Кај нив институциите тоа го сфатија брзо и брзо се кренаа.

Кога се случи рецесијата во Грција многу претставништва се преселија во Бугарија, така да ги кренаа двете држави. Кај нас за жал, ако државата ако не се вклучи во оваа гранка, многу тешко ќе се крене, затоа што нема доволно компании коишто можат да го одржуваат тоа.

Ни требаат ли политики во образованието? Многу земји посветуваат сериозно образование на овој сегмент

Гораст Цветковски Сметам дека програмирањето треба да се воведе уште од основно образование затоа што тоа е на ниво на логика. Децата треба логички да сфатат како функционираат машините. Кога ќе се создаде таква логика кај децата, многу полесно ќе им биде да работат и на компјутери и на друго ниво.

Неформалното образование не ги опфаќа сите сегменти како формалното. Европа прима академијата имаат една катедра којашто има голем дел од овие сегменти ставено во нејзе, но државен универзитет нема никаков абер.

На ФИНКИ имаат неколку предмети, но заедно треба да се направи, за некој ако рече јас сакам да учам како се прави игра, и да му предаваат како да се напише наратив за играта, и како се прави гејм дизајн. Кај нас кога ќе се каже гејм дизајнер, се размислува за човек кој седи и црта, моделира. Гејм дизајн не се занимава со програмирање, ни со глушец. Гејм дизајнер е на хартија, ја смислува играта и ја прави.

Има многу работа околу ова. Многу е едноставна, но со „брзината“ кај нас како се менуваат наставните програми, како се обучуваат професорите, немам ни желба да го почнам, бидејќи чувствувам дека ќе наиде на безброј попатни пречки.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,754FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ