4.8 C
Skopje
Wednesday, December 18, 2024
spot_img

Проф. д-р Нико Беќаровски: Децата се најранливи жртви во битката со злоупотреба на наркотици

Контролирајте што прават вашите деца на интернет затоа што денес дрогата е подостапна од кога и да е. Гледајте со кого се дружат. Не ги форсирајте премногу, зашто најчесто посегнуваат по психоактивни супстанции поради тоа што не можат да го издржат секојдневниот товар. Децата не се машини, многу активности не можат да издржат. Нека имаат детство, младост, што повеќе да шетаат, што повеќе да се разговара, апелира проф. д-р Нико Беќаровски – интернист, клинички токсиколог.

Што се случува со мозокот при злоупотреба на дрога?

Проф. Нико Беќаровски-Имаме краткотрајни последици кои се јавуваат во самиот момент на консумирање и долготрајни при хронична употреба. Краткотрајните се и причина поради која некој посегнува по каков било наркотик: доживување на претходно недоживеани искуства, слушни и видни халуцинации … Тоа зависи од типот на дрогата која како што се изразуваат младите „ги подигнува“, дава еуфорично расположение, насмеаност, храброст да се направат работи кои нормално не би се направиле итн. Меѓутоа, вистинскиот пекол настанува понатаму. После еднократно или двократно уживање, се јавува нагонот за повторно земање. Тоа е појава на јаки апстиненцијална кризи кои предизвикуваат барање на сè појаки дроги, нови дроги и поголеми количини.

Секој што видел зависник кој навлегува во криза ќе сфати колку е тоа мачно и колку е тешко да се излезе од тој затворен круг.

Ние ги слушаме најкористените: канабис (марихуана), кокаин, хероин, но постојат и други дроги.

Проф. Нико Беќаровски-Всушност тие старите класични дроги каде што би дошле марихуаната од растението канабис сатива, хероинот кој се произведува од опиум, кокаинот од растението кока … Со оглед на тоа дека цената на пазарот достигнува вртоглаво високи износи сè повеќе се создаваат нови синтетски дроги.

За жал има држави каде што тоа е масовна појава пред сè од Југоисточна Азија од каде што доаѓаат голем број дроги. Во моментов Европската асоцијација за контрола на дроги познава околу 500 супстанции, од нив 490 се синтетски дроги кои се произведени вештачки во лабораторија. Сите тие се стремат да го постигнат истиот ефект. Со таа разлика што нивната цена е драстично помала за да се овозможи што поголем пазар и поголем број луѓе да бидат внесени во кругот. Тоа е секогаш младата популација која најмногу посегнува по дроги.

Иако има појави како Канада на пример, пред една година го либерализира т.е. декриминализира канабисот за комплетна употреба. Се појави интересна тенденција, бројот на млади до 18 години кои го консумираат е паднат за 18%, додека кај повозрасната популација над 45 години за 25% е зголемен бројот. Не постои строго дефинирана граница. Повозрасните повеќе се плашат од законот, па видоа дека е дозволено и почнале да користат стимулативни средства. Кај младите секогаш забранетото е послатко и гледаат да најдат алтернативен пат.

Голем број од новите супстанции имаме проблем да ги детектираме. Фармацевтската индустрија од која главно произлегуваат овие, ќе смени еден радикал во јадрото и со постојните анализи ние не може да ги детектираме овие дроги. Голем дел од нив се легални за употреба, може да се нарачаат и преку интернет и да стигнат на домашна адреса. Убаво спакувани во вид на чоколади или бонбони, родителите не се сомневаат

Каков е протоколот за лекување?

Проф. Нико Беќаровски-Протоколите се различни во зависност од типот на дрога. Најголем проблем ни создаваат зависниците кои се на хероин. Тука за жал би го спомнал и метадонот кој примарно се смета за лек, меѓутоа многу често се злоупотребува и се случуваат многу тешки труења и со злоупотреба на метадонот.

Тука би напоменал и дека фентанил тоа е релативно понов тип опијат кој се користи во медицината за сузбивање постоперативни болки. Во Америка веќе три години по ред е причинител на најголем број смртни случаи кај возрасната група од 18 до 45 години.

Инаку еден од протоколите за третман што се користи кај нас е замена. Фактички немаме класичен тип на лекување, единствено што може е да направиме замена значи да ги задоволиме потребите на корисникот со нешто што сметаме дека е помалку штетно. За среќа последните 13 години има успешна приказна која е изведува на Клиниката за токсикологија, тоа е замена со бупренорфин кој постигнува дел од ефектите т.е. ги задоволува потребите на рецепторите во однос на појава на апстиненцијална криза, но не се појавуваат сите несакани ефекти.

Во моментов има околу 200 луѓе кои се лекуваат. Успехот не е сјаен. Но, има луѓе кои толку време се на оваа програма. Мал е бројот, некаде 20% е успешноста. Во други случаи имаме успешни периоди, но повторно лошо друштво и влегување во кругот.

Што вели Вашата пракса, која е најраната возраст на злоупотребата на дрога?

Проф. Нико Беќаровски-За жал кај нас има случаи и на седумгодишна возраст, пред сè во ромската популација, сигурно сте виделе по ќошиња како дуваат Неостик лепило. Марихуаната пробуваат на 12 – 13 години односно осмо, деветто одделение.

Ние нашите предавања кои ги правевме кај деца за запознавање со дрога порано ги држевме на седмо и осмо одделение, но последниве години гледаме дека знаат колку и ние, така што треба границата да ја ставиме многу порано.

Дали младите луѓе се таргет група или најголемите жртви кога зборуваме за наркотици?

Проф. Нико Беќаровски-За жал таа е најранлива група, во овие транзициски години ја изгубивме таа група. Лош образовен систем, лоши идоли кои ги гледаат на телевизија, лошото друштво секако, начинот да се докажат пред околината, тоа се причините поради кои се посегнува по дрога.

Документарен магазин Приказна

Дали е алармантен бројот на зависници кои злоупотребуваат дрога или се намалува бројот во последно време?

Проф. Нико Беќаровски-Како што знаете седум години канабисот е легализиран во Македонија за медицинска употреба. Има благ степен на опаѓање на тие што завршуваат на Клиниката за токсикологија. Тоа што нè изненадува е колку стануваме посиромашни, толку повеќе има кокаин, а порано се сметаше за дрога на богатите. Во Македонија има многу малку чист хероин, тоа се синтетски примеси, за жал се става лимонтуз, гипс, сме имале случаи при венска апликација да настанат смртоносни последици токму поради нечиста дрога.

На Токсикологија доаѓаат претежно лица кои при злоупотребата се предозирале?

Проф. Нико Беќаровски-Да, во последниве години откако некој ќе се предозира сите околу него бегаат, па случаен минувач ќе повика брза помош. Солидарност веќе нема.

Кога е во прашање полот, кој доминира?

Проф. Нико Беќаровски-Ако порано беа 90% машки сега соодносот е 60-40. Еманципацијата си го прави своето.

Дали постои спас од дрогата, или сепак е уништен еден живот, едно семејство, постои ли успешен случај на излекуван пациент?

Проф. Нико Беќаровски-Постои успешен случај, макар што ние сме секогаш многу претпазливи затоа што имало случаи кога по 20-ина години се чисти и потоа повторно посегнуваат по истиот порок.

Ние сè уште се држиме на терминот дека апстинира. Успешна приказна може да кажеме дека е ако доживотно т.е. почине од друга болест. Инаку тоа е пекол за фамилијата во секој поглед. Замислете дневните потреби се околу 100 €. Кој може тоа да си го дозволи без да влезе во светот низ криминал, проституција, продавање имот, уништени семејства …

Знаете, многу е тешко кога ќе дојде мајка која толку многу пропатила што ќе праша зошто сме го спасиле. Подобро да го исплачам еднаш, отколку секоја вечер да плачам.

Би сакал да упатам совет кон родителите и кон младите …

Контролирајте што прават вашите деца на интернет затоа што денес дрогата е подостапна од кога и да е. Гледајте со кого се дружат. Не ги форсирајте премногу, зашто најчесто посегнуваат по психоактивни супстанции поради тоа што не можат да го издржат секојдневниот товар. Децата не се машини, многу активности не можат да издржат. Нека имаат детство, младост, што повеќе да шетаат, што повеќе да се разговара …

А на децата им порачувам да си пронајдат вистински идоли во ова време на уништени вредности.

Наташа Јанкулоска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,754FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ