Илија Петрески е апстинент, кој пред 21 година почнува да се лекува од алкохолизам. Своето животно искуство го сподели со нас.
Многу луѓе ме прашуваат, особено оние кои имаат проблеми предизвикани од алкохолот, што беше пресудно да го оставам алкохолот. Додека пиев едноставно бев изгубен во време и простор. Живеев во една длабока заблуда. Многу ретко размислував за себе, за целта на човековиот живот, каде ме води сето тоа … Дотогаш често го оставав алкохолот, но многу кратко. Многу е важно да напоменам дека речиси после секое мое пијанство, наутро се каев. Понекогаш и удирав глава од ѕид кога ќе сфатев дека сите пари сум ги потрошил. Се разбира, тогаш ми беше многу тешко во организмот, тешко во душата за направените глупости … Едноставно имав голема грижа на совест, вели Илија.
Се прашував зошто за пари купувам болест. Едно саботно утро се разбудив и првата мисла ми беше да одам под воз да се фрлам. Меѓутоа, надвладеа разумот и отидов во нервното одделение за да побарам помош, додава Петрески.
Човекот најлесно ќе излезе од алкохолниот пекол ако сфати и прифати дека има проблеми и дека му е потребна помош. Значи, лекувањето почнува со тропнувањето на болничката врата. Таму ќе биде пречекан од тим лекари и тие ќе работат со него додека е во болница. Нивната задача е да го соочат алкохоличарот со себеси. Самиот да увиди какви грозотии носи во домот, заради што страдаат најмилите. Лекарите преку совети го подготвуваат за посета на клуб на лекувани алкохоличари, споделува Илија.
Неговото лично искуство, веќе две децении го користи за да им помогне на лицата кои се справуваат со сличниот проблем.
Откако дефинитивно го оставив алкохолот бидејќи е важно човекот не само да не пие, туку и да не размислува т.е. да го отстрани алкохолот од своите мисли. Едноставно кога го оставив алкохолот почувствував дека сум должен кон своето семејство кое најмногу го измачував, должен сум кон луѓето околу мене кои трпеливо го поднесувале моето неподносливо однесување, должен сум кон Бога кој ме извади од пеколот. Одлучив животот што ми преостанува да го посветам исклучиво на помагање на луѓето полесно да го најдат патот за излез од алкохолизмот. Не е лесно да се зборува за својот живот, секогаш човекот мисли дека можел да даде што повеќе од себе. Јас напишав три книги за оваа проблематика и им советувам на луѓето да ги прочитаат. Таму ќе најдат одговори речиси за сите прашања. Не само оние што имаат проблеми предизвикани од алкохолот, туку и секој родител кој е загрижен за иднината на своето дете пожелно е да ги прочита, вели Петрески.
Седам на Фејсбук по десетина саати на ден за да дојдам во контакт со луѓе кои имаат проблеми предизвикани од алкохолот и кои не знаат каде да се обратат и бараат помош. Тие контакти почнуваат наивно. Се јавува мајката, сопругата, сестрата, понекогаш и децата, а ретко кога ќе се јават алкохоличарите. Со тек на време доаѓаме во контакт, прво по телефон, а потоа комуницираме и ќе се видиме. Така се создава блискост, доверба и емпатија. Така почнува лекувањето. Треба да се нагласи дека лек за алкохолот во класична смисла не постои никаде во светот. Лекувањето оди преку совет. Алкохоличарот самиот да сфати и да признае дека така не може повеќе. Цели 22 години јас немам консумирано алкохол. Можам да им бидам пример на другите дека сум здрав, жив, ништо не ми фали, се може без алкохол, додава Илија.
Петрески е автор на неколку книги кои ја обработуваат оваа проблематика.
Борбата со алкохолизмот не е личен проблем, туку на целиот систем, смета Илија. Денес алкохолот е толку навлезен во животот на луѓето, така што тоа е загрижувачка состојба, додава тој. Без семејната љубов нема успех. На оние кои ми се јавуваат им советувам да применат блага варијанта, бидејќи таму каде што има алкохоличар станува збор за дисфункционални семејства. Таму комуникацијата меѓу членовите е доведена до наредничко однесување, навреди … Затоа советувам нивните љубов и трпение да ги вратат на највисоко ниво. Да му се приближат на алкохоличарот со надеж дека и тој ќе возврати барем на некое ниво. Последиците од алкохолизмот не се само семеен проблем, тоа е системски проблем. Сите институции кои имаат каков било контакт треба да си го одработат својот дел. Иако советот доаѓа од еден поранешен пијаница, ако е добар молам во дело нека го спроведат. Не знам зошто досега речиси сите ме игнорираат.
Како можат да помогнат институциите?
– Пред сè треба да се донесат добри, применливи закони. Типичен пример е семејното насилство. Еден алкохоличар ноќе ја брка жената од домот. Обично соседите ќе пријават во полиција. Потоа ќе дојдат полицајците, ќе го земат алкохоличарот, ќе го однесат во нервно одделение, таму ќе му стават еден систем и до утрото тој ќе се отрезни. Потоа ќе си замине дома и ќе ја натепа жената поради тоа што го пријавиле. Со добри закони алкохоличарот ќе биде задржан на лекување, барем извесно време. Токму затоа на овој проблем треба да се посвети големо внимание. Во Македонија има регистрирани околу 60 000 до 80 000 алкохоличари. Тоа значи дека околу 300 000 луѓе секојдневно трпат страшни последици. Прво да се прашаме колку чини една невина детска солза. Не смееме работите да ги оставиме такви какви што се затоа што сами нема да се решат. Должни сме на нашите деца да им оставиме подобар живот за живеење, смета Петрески.
Во Македонија состојбата со алкохолизмот е далеку од тоа што треба да биде. Во Словенија, која по површина и население приближно е колку Македонија, постојат 70 клубови и невладини здруженија коишто работат исклучиво со алкохолизмот. Во Македонија има само пет. Најголемите стручњаци кои ги трасирале тие правила за борба со алкохолизмот велат дека на секои 25 000 жители потребен е еден клуб на лекувани алкохоличари. Тоа значи дека во Македонија треба да има најмалку 50. Мене ми се јавуваат луѓе од Источна Македонија, најблизок клуб за нив е или во Скопје или во Неготино. Мора да се отвори и алкохолошка школа во државата. Немаме и алкохолози. Недостасува кадар.
Обично луѓето не помагаат зашто мислат дека не можеме на сите да им помогнеме. Тоа е погрешен пристап. Секој треба да помогне онолку колку што може. Не е важно да се бројат колку алкохоличари има, битно е барем на еден да му се помогне. Тоа како бран треба да ги зафати сите луѓе. Јас сум разочаран што во Македонија младите луѓе се ставени во незавидна ситуација, на секој агол се наоѓа кафеана, места каде што се пие, алкохолот е лесно достапен и насекаде присутен. Во Прилеп дури има и Пивофест, па стана хит. Или просто кажано, се отвори фабрика за нови алкохоличари. Можеби грешам што не правам голема разлика помеѓу алкохоличари и оние умерени пијачи. Меѓутоа поради алкохолот не се знае како ќе реагира човекот во дадена ситуација. Алкохолот се остава засекогаш. Не може да речеме ’малку пијам‘, тоа е исто како за некоја жена да речеме дека е малку трудна. Или пиеш или не пиеш. Алкохоличарите имаат склоност кон алкохолот и откако ќе го остават. Тие го носат во својата глава. Бидејќи и самата помисла на алкохолот е криза во некоја смисла. Оние коишто почнале да апстинираат мислат дека после неколку месеци апстиненција ќе можат да пијат по малку. Не може така. Тој е алкохоличарски карактер. Јас 22 години една чашка алкохол не сум се напил. Не сум ни помислил што ќе биде ако се напијам. Знам што ќе биде една чаша ќе побара втора, па втората ќе посака трета … И полека ќе се вратам на онаа ситуација пред да го оставам алкохолот, вели тој.
Би сакал да испратам порака до младите луѓе, од самата помисла на алкохолот ќе напукне оклопот што ги штити вашите доблести и ќе ја изгубите неговата заштита во моментот кога ќе ви биде најпотребно. Пронајдете смисла за вашиот живот и потоа времето, трудот и енергијата вложете ги во тоа да ги остварите своите цели. Поставете си цел во животот. Алкохолот е последното нешто на што треба да помислувате, апелира Петрески.
Наташа Јанкулоска Торевска