-1.2 C
Skopje
Thursday, December 19, 2024
spot_img

Психологот Елизабета Ивановиќ: Ние треба да ги насочуваме децата

За еден тинејџер мозолчето што ќе излезе на лице е страшно. Ако се здебелат, исто е страшно. Кога ќе ја изместат сликата за себе тогаш е многу тешко и напорно да се врати назад. Сликата за себе носи многу работи: самодоверба, депресивност, тага, нерасположеност. Стануваат премногу сензитивни на околината, или пак агресивни. Ние треба полека да ги насочуваме децата. Но, не можат само психолозите и педагозите. Мора заедно како општество да си дадеме поддршка едни на други.

Учиме многу и по модел. На нашите тинејџери им требаат вистински модели на кои ќе се угледаат. Тука ќе го спомнам Тоше Проески кој за нив беше модел на хуман човек, личност со правилни вредности, која можеше многу да понесе … Навистина треба да им дадеме на децата многу добри модели, за да можеме да го поткрепиме сето она што го зборуваме и го правиме, вели во интервју за Приказна, Елизабета Ивановиќ – психолог

Во периодот на адолесценција се случуваат многу промени, кои се тие?

Елизабета Ивановиќ – Морам да кажам дека тоа е еден многу бурен период, овие промени се на неколку различни нивоа. Најнапред се случуваат големи биолошки промени, хормоните многу работат, пред сè физичките и физиолошките промени се во прв план. Веднаш потоа се и психолошките промени кои најмногу се одразуваат во емотивниот дел и понатаму во бунтовност преку ставовите, размислувањата, предрасудите … Сето тоа кај нашиот адолесцент во ова немирно време создава една голема револуција во која се бориме сите заедно да им помогнеме. Треба и родителите добро да ги обучиме како да им пријдат. На тинејџерите пред сè им треба доверба, поддршка, им треба и критика, но не како што ние милуваме и умееме да ја дадеме.

Што се случува со психата во адолесцентниот период?

Елизабета Ивановиќ – Се случуваат најразлични промени т.е. тие емоции честопати се во таа голема револуција во организмот. Мора да бидеме многу внимателни кон децата и да ги почитуваме тие промени. Им се случува да бидат бурни поради сите тие реакции, кои не можат да ги контролираат. Ова е периодот кога се ставаат границите. До осумнаесетта година треба да им помогнеме да ги контролираат чувствата, импулсивноста …

Често ми се обраќаат, велејќи дека без посебна причина им се плаче. Ова е период во кој се мешаат емоциите. Ние треба да ги поставиме во подобар колосек, со поддршка, со правилно насочување и со големо внимание над нив и кога ќе направат некоја грешка.

Учиме многу и по модел. На нашите тинејџери им требаат вистински модели на кои ќе се угледаат. Тука ќе го спомнам Тоше Проески кој за нив беше модел на хуман човек, личност со правилни вредности, која можеше многу да понесе …

Навистина треба да им дадеме на децата многу добри модели, за да можеме да го поткрепиме сето она што го зборуваме и го правиме.

Како психолог разговарате со адолесцентите како да управуваат со таа бура од емоции. На кој начин им помагате?

Елизабета Ивановиќ – Честопати правиме работилници. Сакам да разговарам со децата, но и со наставниците и родителите за овој премин од дете кон девојче/ момче, и потоа кон возрасни луѓе. Всушност, ги освестуваме за сето ова што им се случува. Тие се збунети.

За еден тинејџер мозолчето што ќе излезе на лице е страшно. Ако се здебелат, исто е страшно. Кога ќе ја изместат сликата за себе тогаш е многу тешко и напорно да се врати назад.

Сликата за себе носи многу работи: самодоверба, депресивност, тага, нерасположеност. Стануваат премногу сензитивни на околината, или пак агресивни. Ние треба полека да ги насочуваме децата. Но, не можат само психолозите и педагозите. Мора заедно како општество да си дадеме поддршка едни на други.

Родителите исто така се многу важни. Да си дадеме поддршка и само така може да успееме да им помогнеме на нашите деца правилно да се разберат што им се случува во овој период. Тинејџерите чезнеат за некој што ќе ги почитува, но и враќаат со почит. Кога ќе им поставите граници, знаат до каде им е границата. Ние како родители калкулираме, попуштаме … Не постои формула за идеален родител, ниту тинејџер. Бидејќи тоа е време на превирање, кога сите се испитуваме. Таа комуникација мора да ја направиме подоверлива. Да се договараме, а не да преговараме и да уценуваме. И секогаш да им ги предочуваме последиците од некои постапки.

Често се случуваат конфликти меѓу адолесцентите. Како ги решавате овие ситуации?

Елизабета Ивановиќ – За одредени внатрешни конфликти не дознаваме веднаш, но секогаш ги решаваме заедно двете страни. Во училиштето сите заедно како тим ги повикуваме на разговор за да дознаеме што точно се случило и колку тоа трае. Не е важно дали се случило во училиште или надвор од него или пак на социјални мрежи, сеедно, нас ни се важни нашите ученици. Ги информираме родителите и правиме стратегија. Како да му се помогне на детето што во моментот е жртва и детето што можеби направило погрешна постапка. Со булингот треба многу да се внимава, да се пријавува, а се уште сме општество кое го дозволува тоа. Тука треба да ставиме поригорозни граници.

Како делуваат социјалните мрежи на психата на адолесцентите?

Елизабета Ивановиќ – Многу лошо, за жал, морам да кажам. Тие предизвици што ги гледаат. Ние се вклучуваме на тие мрежи. Кога ќе им кажете дека знаете како функционира таа мрежа, тие поинаку ве резонираат. Ние како училиште имаме правилник за користење мобилни уреди, имаме организери. Барем на часовите во училиште колку можеме, но тоа што се работи надвор се пренесува. Ние активно работиме и со родителите колку што можеме.

Истражувањата покажуваат дека тинејџерите играат видео игри до доцна, остануваат на интернет многу време, не одат на спиење навреме, недостатокот на сон носи проблеми со учењето, промени во расположението, анксиозност, депресија … Како родителите да ги научат на здрави навики во овој сензитивен и специфичен период од животот?

Елизабета Ивановиќ – Треба да сфатиме дека тие се генерација родена со мобилни телефони. Наша одредница уште од најмала возраст треба да биде детето да разбере за што се користи мобилниот и тие мрежи. Родителот да има контрола колку и како се користат. Постојано давање да се користат одредени уреди, без одредени правилни насоки и ограничувања … доаѓаме до ова што го имаме сега.

Родителите не можат да ограничат или забранат. зашто не успеале на време да постават граници. Мислејќи дека си игра, па многу знае компјутери. Треба да сфатат дека уредите не служат само за игри и социјални медиуми. Треба да знаат и други програми потребни за работа. Сето тоа ги одзема вниманието и концентрацијата, можноста за помнење, репродуцирање и учење е намалена.

Тинејџерите треба навреме да си легнуваат, да стануваат до 8:00. Во средно училиште тие тоа го премостуваат. Сите работи што порано беа подраматични во средно училиште, сега се префрлија во основно училиште. Сето тоа го носи исхраната и самиот развој на децата.

Не можеме да споредиме какви биле децата пред многу години во однос на изглед и однесување. И сега адолесцентите не се воопшто лоши, прекрасни се, но тука ние мора да ги насочуваме. Не смееме да бегаме од одговорноста. Сите заедно да си помагаме: стручни лица од училиштата, терапевти, организации … Мора на секој родител да му е достапна таа поддршка.

Што ќе ги посоветувате родителите, дали да постават граници, да казнуваат, да наградуваат или постојано да разговараат со своите тинејџери?

Елизабета Ивановиќ – Треба секојдневно да се разговара. Кога се разгледува ситуацијата со детето и не се одобрува одредено однесување, се вели дека сме се договориле некако, штом не го почитува договорот одреден период ќе се договориме вака … Да има договор, тоа значи граница. Од најмала возраст да постојат договори. Зашто ако само разговарате детето може да ве слуша, но и да не ве слуша. Мора да давате задачи и насоки што детето треба да ги исполни. Двете страни треба да се почувствуваат разбрани и испочитувани. Со разговорот го почитувате тинејџерот, но и тој треба да разбере до каде може да оди и кои се последиците.

Документарен магазина

Како да изградиме здрава возрасна личност?

Елизабета Ивановиќ – Пред сè ако ги почитуваме и ги разбираме. Секако и ние како модели (родители, наставници, општество) да негуваме вистински хумани вредности, без предрасуди и без стереотипи. Важно е детето да е здраво, да гради здрави односи и сето она што му се случува да го преработува на најдобар начин: со родителот, одделенските раководители, стручните соработници, лица од доверба што му се најблиски и секако многу е важна улогата на врсниците.

Адолесцентите сакаат да бидат со врсници, си бираат врсници според интереси. Затоа мора да се внимава и на тие врснички групи и да се предочуваат последиците. Не да им забрануваме да се дружат, туку да им ги предочиме последиците од одредени однесувања. Само тогаш можеме да одиме во правилна насока како децата да ги изградиме во правилни личности. Моделите сме ние. И не може да избегаме од одговорноста. Затоа мислам дека треба да се екипираме и уште повеќе да работиме на унапредување на емоционалното здравје и на поддршка и помош на младите.

Наташа Јанкулоска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,755FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ