Моите следбеници се прекрасни луѓе. Затоа сум среќна што ретко имаме непријатни ситуации. Профилите ги гледаат и оние кои не нè следат. Некогаш тие знаат да направат некои ситуации што се непријатни за нас. Јас навистина ретко се соочувам со такви нешта. Избегнувам драми, скандали, мислам дека тоа не треба да биде одраз на мојот профил, вели во интервју за Приказна, инфлуенсерката и писателка, Ксенија Николова
Како почнавте со инфлуенсерството?
Ксенија Николова Некако сосема случајно, истовремено и неизбежно. Јас пред сè сум писател и со моите читатели се поврзавме преку социјалните мрежи. За мојата уметност, социјалните мрежи се од помош. Ги известувам што има ново, да можеме подобро да се запознаеме …
Да се има некое влијание, стана убава последица на сето тоа. Отворени се можностите и за други работи, соработка, и сè што носи инфлуенсерството. Беше непланирано, но неизбежно со оглед на тоа што писателите работат јавна професија.
На кој начин ги одбирате содржините кои ги објавувате?
Ксенија Николова Со текот на времето, направив концепт на мојот профил, иако претходно сето тоа беше наивно, спонтано и неочекувано. Никој од нас не знае во што ќе прерасне тоа што го работи. Затоа и го работиме со многу голема љубов и искреност.
Се трудам мојот концепт и содржината да бидат слични до тоа што сум јас т.е. да бидат вистински одраз на мојата личност. Секогаш планирам структура, затоа што тоа е организираност. Секогаш гледам да биде одраз на она што го чувствувам, она што го мислам, што сум посетила, што сакам да кажам, што сакам да посетам, подигање свест за некои важни теми за кои сметам дека треба да се зборува, особено ние што имаме влијание …
Колку често објавувате?
Ксенија Николова Мене не ми е тешко да објавувам секој ден. Инстаграм ми стана дел од секојдневието. Тоа го правам со многу љубов. Јас сум секојдневно на социјалните мрежи. Секако има исклучоци кога не можам, не се чувствувам добро, или немам пристап до телефон и до интернет, или немам што да кажам, во тие ситуации сум оневозможена да објавам. Генерално, секојдневно сум присутна со содржина.
Дали имате позитивни и негативни искуства со вашите следбеници?
Ксенија Николова Моите следбеници се едни прекрасни луѓе. Затоа сум среќна што ретко имаме непријатни ситуации. Профилите ги гледаат и оние кои не нè следат. Некогаш тие знаат да направат некои ситуации што се непријатни за нас. Јас навистина ретко се соочувам со такви нешта. Избегнувам драми, скандали, мислам дека тоа не треба да биде одраз на мојот профил.
Пред сè јас сум уметник и тука сме да зборуваме за убави нешта, за нови нешта, за позитивни и негативни важни работи, некако драми и скандали избегнувам. Избегнувам да бидам дел, соучесник или да поттикнувам такви нешта. Најчесто ги игнорирам тие коментарчиња, или провокации. Секако дека ги има поретко, но ги игнорирам. Тоа е најбезболно.
Дали некогаш следбениците можат да си дозволат и премногу?
Ксенија Николова Секако дека да. Тоа јас сум им го дозволила на некој начин. Јас зборувам за многу лични нешта на мојот Инстаграм, бидејќи сум сметала дека е важно да подигнам глас на одредени теми. За да поддржам други луѓе кои поминуваат низ тоа.
Секако дека некој ќе си дозволи во инбокс да ми постави премногу лично прашање. Тоа не треба да ме изненадува затоа што тој простор сум го отстапила. Секако, одговарам онака како што сметам дека треба. За мене тоа не влегува во категорија некултура, туку едноставно луѓето сакаат да си поразговараат за такви теми. Имаме слични маки. Тоа отсекогаш беше моја цел, на мојот профил да се најдат важни теми за кои донекаде се молчело, а сега се охрабруваме да зборуваме. Затоа не сум непријатно изненадена што некој се осмелува да ми постави прашање. Напротив, позитивно сум изненадена зашто тоа значи дека ми веруваат, дека се чувствуваат пријатно.
Дали имате конкретен план за вашиот профил или сè оставате на спонтаноста?
Ксенија Николова Имам конкретен план и знам во која насока сакам да се движам и некако некои работи можеш да ги испланираш, а сум забележала дека на социјалните мрежи некои работи не се планираат.
Најубавите работи во животот, па и во работата некогаш се случуваат спонтано. Знам во која насока сакам да се развивам и како личност и како уметник. Сето тоа е одраз на мојот профил. Некоја структура е добредојдена, или што си посакувам, или во која насока сакам да растам. Меѓутоа, оставам и да бидам спонтан човек затоа што тоа е највистинското светло во кое може да се претставиме. Тие неочекувани и спонтани моменти публиката ги препознава.
Наташа Јанкулоска Торевска