Земјоделците како најголем проблем, го гледаат пазарот. И во право се. Јаболката во Ресен е помалку од 10 денари, јас во Скопје плаќам 50 денари во маркет. Земјоделецот добива 7, а оние што се наоѓаат помеѓу мене и земјоделецот добиваат 43 денари. Мислам дека тоа не е фер. Не заживува тоа. Имате директен маркетинг. Зошто да не пробаме со тоа. Нешто што ќе овозможи директна комуникација помеѓу мене и земјоделецот, вели проф. д-р Ордан Чукалиев
Светот е исправен пред еден сериозен предизвик. Сè почесто се зборува за недостиг на храна. Може ли паметното земјоделство да го реши овој проблем?
Проф. д-р Ордан Чукалиев За недостиг на храна се говори бидејќи храната е нерамномерно распределена. Не верувам дека толку има недостиг, бидејќи имаме големи загуби на храна, отпад од храна којшто потекнува од тој вишок.
Во моментов можеби немаме недостиг на храна, но со порастот на бројот на населението на оваа планета, со нарушување на правците во снабдување што во текот на овие неколку месеци се случуваат, како резултат на актуелните случувања, да, би рекол дека има помалку храна. Дистрибуцијата е многу лоша и имаме многу отпад. Има простор за обезбедување храна за цела планета, но треба да се знае дека планетата има ограничени ресурси и лимитот е некаде околу 12 милијарди. Оваа планета не може да прехрани повеќе од 12 милијарди.
Во последно време забележуваме дека паметното земјоделство станува тренд во многу земји, почна и во регионот. Кај нас терминологијата е можеби непозната. Што точно значи поимот паметно земјоделство?
Проф. д-р Ордан Чукалиев Паметното земјоделство е нешто што сите го почнале, но и ние. Ова земјоделство може да се дефинира на различни начини, зависи од кој аспект го гледате.
Светот на информатиката е еден од најдоминантните светови. Голем дел од нашата популација живее и виртуелно, покрај нашиот реален живот. Како доаѓа секоја наредна генерација, сè повеќе има виртуелен отколку реален свет, па така доминира дефиницијата која вели дека паметно земјоделство е она кое се базира на напредни софтверски алатки, сензори, големи податоци, нивна обработка, донесување на одлуки врз база на вештачка интелигенција. Да, тоа е паметно земјоделство. Но, друго паметно земјоделство од аспект на климата е она земјоделство кое ќе му овозможи повисоки приноси, поуспешна адаптација и ќе ги намали емисиите на стакленички гасови.
Едно општо мислење е дека технологијата ги зголемува приносите за 10%, ние перманентно во земјоделието употребуваме нови технологии. Ние не можеме да го применуваме прецизното земјоделство, бидејќи тоа е земјоделство за големи површини. На просечна парцела од 2 декара, колку што е нашата просечна парцела, машините за безпочвено одгледување, не може да свртат на тие парцели. Не можеме тие начини на прецизно земјоделство да ги користриме, што исто се смета за паметно земјоделство, но може да работиме и да изнајдеме технологии каде што ќе може да примениме варијабилни количини и без примена на таа голема и скапа механизација која ќе одговара за нашите мали фармери. Паметно земјоделство може да биде и на биолошки решенија коишто ќе нè одведат кон истите цели.
Знаете, јас сум истражувач, мене ме интересира нешто друго. Јас сакам да собирам и обработувам податоци. Тоа на земјоделецот не му треба. Него не го интересира историската архива на времето или појавата на болести.
Работевме на еден систем за определување на времето и норма за залевање во битолско. Додека беше проектот имавме интерес, имаше 100 корисници. Како заврши проектот така системот не работи.
Во Ресен одевме на примена на паметно ѓубрење, наводнување и заштита на растенија. Заштитата на растенијата помина одлично, голем дел од земјоделците го користеа, но наводнување многу малку, ѓубрењето исто малку. Размислував зошто е тоа така. Заштитата на растенијата нив ги чини 500 евра во сезона, наводнување 50 евра за трошок на пумпата на струја.
Ние многу малку комуницираме со земјоделците, за да знаеме што нив им треба. Многу сакаме набрзина да влеземе во нешто, а недостасуваат базичните истражувања од аспект на земјоделство, но и социјалниот аспект на земјоделците.
Колку се однесуваме умно од аспект на водата како ресурс?
Проф. д-р Ордан Чукалиев Земјоделството е најголемиот потрошувач на вода. Најголемиот дел од производството се добива од наводнуваните површини. Оваа планета некаде околу 17-18% произведува 50% од храната, останатите 82% произведуваат исто толку ненаводнуваните.
Ако погледнете дека Југоисточна Азија има неколку милијарди жители и успева да ги исхрани. Таму се наводнува 36% од површините. Голем број од реките не завршуваат веќе во океаните. И во Америка голем дел од реките не завршуваат во океаните.
Ние едноставно во земјоделството знаеме да ги потрошиме реките, да не стигнат до океаните. Не работиме многу умно, но мора да ја прехраниме популацијата. Азија има сериозна обврска, таму можеби половина платена популација живее.
Во земјоделството водата не се користи рационално. Доминираат површинските техники на наводнување, коишто имаат ниска ефикасност на наводнување. Каде што се идеално израмнети површините, имате најмалку 30% загуба. Капка по капка има едвај 5% загуба на водата. Многу поефикасно се користи капка по капка отколку со бразди.
Со вештачки дожд, во Македонија имате 17% загуба според едни трудови на проф. Иљоски. Во Македонија губиме многу вода затоа што не сме доволно образувани како земјоделци, за ефикасно користење на водата. Додека светот збори за варијабилно наводнување, ние сè уште не можеме да постигнеме униформноста на наводнувањето бидејќи стариот пристап е униформен, секаде подеднакво вода да се стави, секаде подеднакво ѓубре да се стави, униформни да го правиме тоа.
Треба да се научиме како варијабилноста да ја направиме врз база на мапи на приносот, каде има повеќе принос да интервенираме со поголеми количини, каде што има помал принос, со помали количини. Мора да го адаптираме на условите на средината. Кај нас сега, засега варијабилноста е случајна. Не успеваме ни униформни ни варијабилно.
Како да ги научиме земјоделците социјалните мрежи да ги користат за нивни придобивки?
Проф. д-р Ордан Чукалиев Во Ресен информациите кога да се прска за заштита на растенијата одеа прво на радио, после тоа на Фејсбук. Користени се и социјалните мрежи кај нас. Новата идеја на ЕУ е токму тоа. Службите за поддршка на земјоделците не можат да стигнат до сите земјоделци.
Ние имаме 170.000 земјоделци, од нив 70.000 се вистински земјоделци и не можат да добијат информација. Се обидуваме да направиме приватни советници, и тоа не оди. Повторно и тој приватник не може да обезбеди пристап до секој земјоделец. Некој нема ни можност да ја плати услугата, ниту пак тој човек може да посети 100 фарми. Тука паметното земјоделство нуди многу решенија. Еден од нив е принцип на социјална мрежа каде земјоделците ќе си ги поставуваат прашањата и ќе им ги одговараат земјоделците. Еден со друг ќе се поддржуваат. Секоја комуникациска алатка има можност да направи виртуелен советник. Наместо да одиш да бараш кој е твојот советник, може да почне да комуницира преку мобилен со виртуелниот советник и да се добие потребниот совет. Сите алатки се возможни и достапни.
Ние разговараме во моментот да започнеме со изучување на тие дигитални технологии и на земјоделскиот факултет, ФИНКИ, се трудиме да го внесеме сето тоа во македонското земјоделство.
Новата алфа генерација живее во виртуелен свет, многу помалку го познаваат реалниот свет. Исто и таа генерација ќе треба да се занимава со земјоделство. Мора да се произведе таа храна. Како ќе ги натераме?
Проф. д-р Ордан Чукалиев Доколку ги задржиме сегашните форми на образование, сегашната понуда на начин на земјоделство, нема да сакаат да излезат од дома, а не да одат на нива. Ова е сериозен агол на кој ќе треба да се посвети внимание.
Дали треба да ги смениме образовните системи со цел да бидеме алка за новите млади луѓе?
Проф. д-р Ордан Чукалиев Апсолутно, оние студенти што денес ги обучуваме, ќе отидат во пензија за 45 години. Помеѓу мене и мојот татко е една генерација разлика. Помеѓу мене и студентите кои треба да ги обучувам сега т.н. „Z“ генерацијата, се 3 генерации. Сè треба да се менува. Мора да се адаптираме. Тие не може да се приспособат на нас, па затоа или ние ќе се адаптираме или интересот ќе опаѓа и за земјоделство и за студирање, а на крај ќе останеме без работна сила во земјоделството.
Колку социјалниот момент е важен во поглед на искористување на придобивките од паметното земјоделство, во смисла овозможува вмрежување и полесен пласман на производите. Може ли ова да се искористи како можност?
Проф. д-р Ордан Чукалиев Земјоделците како најголем проблем, го гледаат пазарот. И во право се. Јаболката во Ресен е помалку од 10 денари, јас во Скопје плаќам 50 денари во маркет. Земјоделецот добива 7, а оние што се наоѓаат помеѓу мене и земјоделецот добиваат 43 денари. Мислам дека тоа не е фер. Не заживува тоа. Имате директен маркетинг. Зошто да не пробаме со тоа. Нешто што ќе овозможи директна комуникација помеѓу мене и земјоделецот. Јас знам една госпоѓа од Турција, која има директен маркетинг со е е-пошта порака. Има 30.000 потрошувачи во Истанбул. Можеби треба да работиме на тој начин. Да ги избегнеме посредниците.
Вики Чадиковска