5.8 C
Skopje
Thursday, November 21, 2024
spot_img

Македонско-холандска бизнис приказна од скопско Моране

Некои приказни започнуваат неочекувано. Но, се развиваат убаво, а во нив лесно се совладуваат предизвиците. Денес ви претставуваме една убава  и инспиративна приказна. Започнува вака:

„Се запознаваме денот кога тој требаше да си замине оттука … и замина тогаш, но потоа се врати и продолживме да се дружиме. Имаше некој проблем и баш јас и мојот колега се погодивме тогаш на работа. Имавме агенција за недвижности. Се погоди да има некој проблем, а ние се најдовме да му помогнеме и така после тоа почна дружбата … Значи некои работи си се местат во животот без ние да ги форсираме, нели“– Вака пред 28 години започнува приказната на Валентина и Хенрик Петерсен. Вале од Скопје, Хенрик од Копенхаген, дојден во Македонија поради привремена работа, но како велат, животот и неговите приказни ни се случуваат додека да трепнеме.

„Планиравме ние откако децата ќе почнат да ни одат на училиште да одиме во Данска. Ама некои работи не излегуваат исто. Домашниот есап и пазарскиот, не е ист. Значи се редат работи и ние остануваме овде. Не само што остануваме, туку и одлучуваме дека ќе остане да живееме овде и не одиме никаде“-ни раскажува Вале.

Првите години живеат во центарот на Скопје. Вале го убедува да си одат оттука, а Хенрик спротивното, да останат, но и да се преселат надвор од градот … Со прашањето како ќе успеат надвор од градот, имајќи предвид дека луѓе што никогаш не живееле на село, не знаат какви се условите таму, решаваат да започнат сосема нов живот во скопско Моране: „Првата идеја ни беше да купиме куќа кај Марков манастир, на тој дел, но кога дојдовме да ја видиме оваа куќа, по препорака на пријатели и уште првиот пат знаевме дека е тоа што навистина го сакаме ние и решивме да дојдеме овде, без разлика дали нема пат до дома … Сè уште немаше вода спроведено ние кога дојдовме овде. После спроведувавме вода ние самите“-раскажува за Приказна Петерсен.

По занимање социолог, а поголем дел од работниот век го има поминато во чување дечиња. Вели дека и таа работа ја прави со цело срце и душа.

„Поголемиот дел од работниот век го имам поминато во чување дечиња. Јас сум психолог по струка, но никогаш не сум работела по струка, меѓутоа работата со деца ми е прва. И денес да дојде некој да ми даде дете да чувам, јас го чувам со цела душа и срце. Многу сакам да работам со деца, но ситуацијата со Ковидот направи јас да престанам да работам со деца. Но, не само таа ситуација, реално да зборуваме. Ние имаме две деца и кога се школуваа и беа со нас секој приход беше добредојден, затоа што имаше приоритети, за да децата се школуваат, за да имаат услови за нормален живот. Сите тие трошоци во меѓувреме, откако тие стануваат свои луѓе, ги немаме и затоа се посветувам на една друга работа. Со Хенрик правиме живеалишта за кокошки и штала, во која не чуваме сега ништо, но имаме во план“-вели Валентина.

Без никакво искуство, влегуваат во овој нов предизвик, кој засекогаш ќе ги промени нивните животи. „Највеќе учиме од грешките. Нам не ни е прва година да чуваме кокошки и да не ни се успешни … и да ги замениме со други и од инкубатор да не излезат ни едно пиле, но сето тоа е во склоп на учењето и напредокот. “-раскажува Вале. Таа додава: „Чуваме живина, исклучиво живина, затоа што мислам дека повеќе работи наеднаш кога би се внеле, би создале хаос кој не би можела да го следам. Затоа воведуваме едно по едно, за да може да одиме понапред. Пример не земав јас 200 кокошки наеднаш, затоа што знам дека не можам да ги исчувам 200 наеднаш, но 20 можам. Е од тие 20, ќе бидат 30, па 50, па 100“

Нивните планови се големи:

„Сакам нашата фарма да ја направам да биде на едно повисоко ниво, да можам моите производи да ги пласирам со поддршка на државата. Сакав да испитам прво пазарот, дали се исплати или не. По неколку месечна анализа заклучивме дека е најубаво да се работи сам за себе и во најскоро време планирам да бидам регистрирана како домашен производител. Не го знам начинот, но има решение за тоа и сигурно има поддршка од државата за да можам да го развијам на едно друго ниво“.

Со ваков оптимизам, нема што не може. Си заминуваме од кај ова семејство полни со убави мисли, со желби за што скоро видување, бидејќи на оваа земја и треба луѓе, луѓе кои успеваат само поради позитивната мисла и искреноста, а кој ќе рече дека ова не е потребно за бизнис, се лаже. За крај, приказната ја завршуваме со пораката на Валентина:

„Најважна е поддршката од најблиските, а кога се има тоа, дури и да не се успее во нешто, не е крај на свет.“

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,724FansLike
3,383FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ