На 22-ри октомври во Кино Фросина во Младинскиот Културен Центар со почеток во 20:30 часот, публиката ќе има можност за прв пат во Скопје да го гледа новото стенд-ап шоу на познатиот српски водител и комичар Срѓан Динчиќ со наслов „Во Процес“.
Балканската публика за прв пат го запознава Срѓан Динчиќ од реалното шоу „Survivor“ по кое својот талент да ја насмее публиката го користи неуморно пробивајќи се во телевизиските води и константно творејќи комични материјали. На публиката во Македонија и е познат по неговиот авторски проект, но пред сè како водител на квизот „Столици“, а најверојатно нема да се зачуди никој ако чуе дека е и сценарист на познатото ток-шоу „Вечер со Иван Ивановиќ“.
Срѓан Динчиќ од 2011-та година неуморно работи и на белградската стенд-ап сцена каде има бројни успешни настапи со повеќе соло стенд-ап шоуа како: „Под невидливиот чадор“, „Лага заснована на вистински настан“, „Ѓаволот јагода“ и „Трета држава“. Со последното стенд-ап шоу доживува голем успех и настапува низ целиот Балкан и пошироко, а има реализирано шоуа и за познатите комичари Еди Изард и Дилан Моран.