16.8 C
Skopje
Thursday, September 19, 2024
spot_img

Даниела Михајловска: Создавањето квалификувана работна сила е неопходност

Прашање е колку успеваме да произведеме квалификувана работа сила, бидејќи ние како бизнис сектор со години укажуваме дека имаме сериозен проблем со квалификување на кадарот и има расчекор помеѓу она што е потреба на пазарот и она што произведува образовниот систем., вели во интервју за Приказна, Даниела Михајловска од Стопанската комора на Северна Македонија

Приказна Каква е одржливоста на угостителството во нашата земја?

Михајловска Угостителството и туризмот ако се гледа во глобални рамки, е една од трите брзорастечки индустрии во светот, не земајќи го предвид периодот со ковид кризата бидејќи дефинитивно во таа криза ова беше секторот којшто претрпи најголеми проблеми и загуби. Како дејност која функционира во глобални рамки, има широк спектар на позитивен приод во која било економија, како на национално ниво таа и на глобално ниво. Таа дејност сама по себе врзува повеќе стопански гранки.

Функционирањето на угостителството и туризмот поврзува функционирање на други дејности. Некои статистики покажуваат дека во Америка секој трет млад човек ја започнува својата работна активност во оваа дејност. Тоа значи дека има многу перспективи во овој сектор и апсолутно има простор за одржливост.

Кај нас ќе се види дека и во пост ковид периодот и пред ковидот има потенцијал, расте, имаме високи бројки од 3.000.000 ноќевања, 1.000.000 посетители пред короната. Но, одржливоста не се само бројките. За жал, одржливоста во нашиот туризам на домашно ниво се соочува со сериозни последици. Тоа пред сè, можеби е резултат на некоординираност на државните политики со она што реално бизнисот го бара, бидејќи ако се навлезе малку подлабоко во статистиката ќе се види дека нашите капацитети не се целосно искористени. Има простор за искористување многу повеќе. Ние имаме сезонски карактер на туризам од кој сè уште не можеме да се одвоиме, имаме периоди во годината во кој речиси и да немаме туризам, така да одржливоста кај нас има перспектива, но во моментот не е на ниво на коешто треба да биде.

Приказна Како пандемијата влијаеше врз овој сектор?

Михајловска Пандемијата можеби најмногу го погоди овој сектор. Има да кажеме хотелски комплекси во светот кој успеале да опстојат и повеќе од 1 век, но со пандемијата донесоа одлука за нивно затворање. Тоа покажува дека ковидот сериозно се одрази на оваа дејност.

Ние во Македонија како бизнис сектор, направивме две студии со самиот почеток на ковид кризата. Едниот почеток беше во мај 2020, втората во ноември 2020 година. Она што таму се предвиди и се проектираше за жал беше точно, а тоа е дека оваа пандемија ќе остави негативен одраз неколку години нанапред. Ние сме 2022 година, а последиците од ковид кризата сè уште се чувствуваат.

Ефектите беа исклучително негативни и по ресторанското работење, по хотелиерството и по туристичките агенции, тоа го покажуваат и бројките. Ние имаме драстично намален број на туристички агенции кои ги обновиле лиценците за работа, што покажува дека реално немаат активност. Имаме драстично намален број на хотели кои реализирале категоризација на своите објекти, што значи дека немаат потреба да работат. Многу мали хотели или се пренаменија или целосно го затворија својот бизнис и тоа е проблем којшто реално се оствари.

Можеби како бројка на вработени нема да наидеме на разлика во голема мерка, затоа што никогаш во изминатиот период во овие години откако почна кризата, не успеавме да добиеме по дејност колку вработени во угостителството и туризмот реално имаше на почетокот на 2020 колку има денес. За жал, она што ние го предочивме и што го баравме изминатиот период, не наиде на разбирање кај државните институции. Срочивме повеќе од 50 мерки. Имаше мерки за угостителството и туризмот, тоа мора да се каже, во пакетите мерки што државата ги предвидуваше целиот изминат период. Но, генерално угостителството и хотелиерството претрпеа реално многу поголеми штети, имаше и серија мерки кои ги предлагавме, но не успеавме да излобираме кај Владата, бидејќи не се препозна потребата од поддршка во овој сектор во формата за која реално имаше потреба во секторот. Многу работници останаа без работа, за жал, но најдоа работа во други сектори. Тука беше транспортот и трговијата, каде имаше сериозно преструктурирање на работниците, но угостителството изгуби сериозен квалификуван кадар.

Приказна Дали се следат стандардите за квалитет и задоволство на потрошувачите на угостителски услуги кај нас?

Михајловска Можам да кажам дека можеби почитувањето на стандарди или примена на стандарди или пак имплементација на стандарди во угостителството е една од појаките страни на овој сектор, бидејќи тоа е всушност и законска обврска на угостителите. Тие не можат да работа ако не имплементираат стандарди. Како од аспект на функционирање на угостителски субјекти, така и од аспект на примена во делот на нивните кујни или во гастрономијата. Дополнително што нашите компании од угостителскиот сектор, односно многу од хотелите зад кои стојат глобални брендови, имплементираат и свои стандарди тоа се дефинитивно стандарди, кои мора да се почитуваат. Во тој дел, освен што имаме примена на стандарди, може да кажеме дека почитуваме трендови и на примена на кулинарството во работењето, така да овој сегмент во работењето во угостителството дефинитивно е стандардизиран.

Документарен магазин Приказна посветен на темата угостителство

Приказна Колку се квалификувани работниците?

Михајловска Прашање е колку успеваме да произведеме квалификувана работа сила, бидејќи ние како бизнис сектор со години укажуваме дека имаме сериозен проблем со квалификување на кадарот и има расчекор помеѓу она што е потреба на пазарот и она што произведува образовниот систем. Мора да кажам дека како Стопанска комора, активно сме вклучени во дуалниот систем на образование и согласно потребите на компаниите работиме заедно со Министерството за образование. Креираме програми за средните стручни училишта, онака како што има потреба бизнис секторот. Во таа насока и во угостителскиот сектор, работиме на терен со компаниите и согласно тоа што ни се потребите, успеваме да дефинираме програми и стандарди на занимања, онака како што бараат компаниите, но се соочуваме со еден сериозен проблем на немање интерес на учениците да се запишуваат во овој сектор.

Од друга страна, дел од работните позиции во угостителството се такви за коишто можеби не треба класично образование, туку може да се направат со преквалификации и доквалификации или со краткорочни курсеви. Гастрономијата или кулинарството се тие кои можеби предизвикуваат повеќе внимание. Меѓутоа тука има еден проблем со кој се соочува бизнис секторот, а тоа е што готвачите и децата кои во стручните училишта се образуваат, имаат тригодишно образование, па мора да одат една година во техничко образование, за понатаму доколку сакаат да се надградат во високото образование,да студираат гастрономија на факултетите. За кулинарството има интерес, за другите струки за жал, повеќе со преквалификација и доквалификација.

Приказна Што е неопходно да се преземе, да се спречи одливот на кадарот?

Михајловска Вие немате начин да ги задржите работниците да останат тука ако тие решиле да заминат. Она што е сигурно е дека во светот генерално има недостиг на кадар за туризмот. И околу нас имаме неколку земји кои се туристички дестинации, па и таму има сериозен проблем со недостиг на работна сила. Од тој аспект, не можеме да кажеме дека може нешто да се направи за да се спречи заминувањето.

Еден од проблемите кај нас е што овој сектор за жал има сезонски карактер и ако имате неколку земји кои нудат добри услови за работа во екот на туристичката летна сезона, тогаш реално е дека кадарот од овој сектор заминува. Оваа година имаме масовен одлив на туристички работници, и нашите компании се соочуваат со сериозен проблем од недостиг на кадар.

Дали тоа може да се реши со зголемување на платите, тоа е прашање. Затоа што овде не станува збор само за зголемување на платите, дури и да се зголемат платите, прашање е дали би останале работниците, бидејќи тоа е склоп на проблеми кои доведуваат до тоа туристичките работници да заминат. Она што како решение може да се бара е таму каде што има можност, проблемот да се реши со дигитализација на работните процеси, со оптимизација на процесите и конечно ако има недостиг на работа сила и кадар, едноставно немате услови да развивате бизнис.

Сериозно се размислува како да се направат оние успешни приказни и да се прераскажат на младите генерации и нивните родители, зошто е добро младите да се занимаваат со оваа дејност, каде е нивната корист, доколку ги дадат децата да се едуцираат во сегментот на угостителство и туризам, што би добиле од тоа. Тоа е еден подолгорочен процес, и за жал на краток период ќе бидеме сведоци на одлив на работници и едноставно не сум сигурна дека платата ќе биде доволен чекор за да останат младите тука во државата.

Приказна Дали дигитализацијата ќе донесе придобивки во секторот?

Михајловска Дигитализацијата е неминовен процес, нема сектор што нема да го опфати дигитализацијата. Меѓутоа корона кризата покажа една сериозна жилавост на овој сектор кон дигитализацијата и како пример тука сериозно ќе го поставиме ресторанското работење.

Кај туристичкото работење, можеме да кажеме процесот на дигитализација е започнат. Кај ресторанското работење многу од компаниите со примена на дигиталните алатки успеваат да опстојат и да ја пребродат криза. Тоа покажа дека процесите на дигитализација можат да донесат само придобивки за овој сектор. Секако не можат сите процеси да се дигитализираат во овој сектор.

Ова е сектор каде потребите на туристите се тие што ги диктираат условите, како ќе се развива угостителството и туризмот. Дефинитивно онаму каде што има можност, бизнисот препознава и ќе ги примени и искористи алатките за дигитализација, од една страна како на нови трендови, од друга страна како на замена за работна сила којашто за жал е препознаена како недостиг.

За Приказна,

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,659FansLike
3,324FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ