2.8 C
Skopje
Thursday, December 19, 2024
spot_img

Немаме деца за фрлање на буниште

Деновиве со соочуваме со нешто кое е наше огледало, кои сме и какви ќе бидеме во иднина. Етикетирањето не дава резултати, особено ако не сме свесни дека секој од нас, лично како поединец направил сè, за да спречи одредени ситуации да станат тренд, што би рекле статистичарите. Јавноста се соочи со список кој ги етикетира децата, иако за жал, тоа не е нивна, туку наша вина. Образованието е во кома, тоа сите го знаеме, ама што презедовме, тоа да се смени. Ова е проблем кој трае, сега само ескалира. Уште потажно е што нема стратегија и визија како таа состојба да се надмине, а богами ни искрена волја да се реши.

Клучниот фактор за одржлив економски раст и развој, како и намалување на стапката на сиромаштија во земјите, е квалитетен образовен и здравствен систем. Ова значи континуирано вложување во човечки капитал, во неговото знаење и вештини, и секако, во одржување на неговото здравје.

Образованието е процес на организирано делување при пренесување и усвојување на знаењето, развивање на способности и вештини, формирање ставови и градење вредности. Оваа дејност е стара колку и човештвото, а низ времето прераснала во особено значајна за секоја општествена заедница.

Промените во образованието треба да бидат извор на нов квалитет за осовременување на образованиот процес и треба да се развиваат паралелно со барањата и потребите на современото општество и времето во кое живееме. При барањата за образовни промени, не треба да го занемариме фактот дека знаењето е исклучително важен ресурс на една земја. Секој од нас мора да е свесен дека иднината на општеството зависи од квалитетот на образованието на нашите деца, па затоа одговорноста за квалитетно образование е на секој од нас.

Живееме во услови на брзи промени, кои ја наметнуваат потребата образованието да биде продуктивно и квалитетно, при што мора да ги следи промените во секојдневниот живот. Улогата на воспитно – образовните институции мора значајно да се менува, а очекувањата се поголеми од било кога. Промените кои ги носи развојот на информатичката технологија, можноста за користење на разни извори на знаење, како и новиот систем на комуникација, создава нова атмосфера во која наставниците не се единствен извор на знаење, ниту пак училиштето е единствен центар на учење. Ова не ја намалува одговорноста, туку ја продлабочува, создавајќи потреба од континуирано усовршување на наставниот кадар со цел на учениците да им се даде соодветно образование кое ќе им овозможи вештини, знаење, но и економска сигурност во иднина.

Според Европската комисија за образование, клучните компетенции кои треба да ги стекнат учениците, претставуваат пренослив, мултифункционален пакет на знаења, вештини и ставови неопходни за личен развој, инклузија и вработување кои треба да се развијат до крајот на задолжителното образование и тоа:

  • комуникација на мајчин јазик и странски јазик
  • математичка писменост и основни компетенции во науката и технологијата,
  • дигитална писменост
  • вештина да се научи како да се учи (способност за организирање и управување со сопственото учење ефективно)
  • интерперсонални и граѓански вештини
  • претприемништво – иницијативност за промени, поддршка на иновации, одговорност за постапки, мотивација за успех
  • културолошка експресија, способност за почитување на креативното изразување на идеи, искуства и емоции.

Современиот образовен систем значи дека промените во оспособувањето на наставниците треба да ја следи афирмираната идеја за доживотно учење. Она што е многу важно е фактот дека од вештините на наставникот зависи развојот на вештините и знаењето на ученикот. Секако, ништо помалку важни не се ни родителите. Тие заедно со наставниците го заокружуваат кругот во чиј центар е ученикот. Сите ние заедно го обликуваме ученикот, неговите морални и етички вредности, развој на критичка мисла, позитивни карактерни особини и клучни вредности неопходни за живот. Па, затоа веќе е доцна за заклучокот дека образованието е отидено во бестрага. Ние одамна треба да размислуваме што треба да направиме за градење на нов систем, што поскоро, додуша уште завчера. Констатацијата одамна е задоцнета. За жал, овој проблем е дел од една поширока слика во која сме задушени. Во неа се занимаваме кој како бил облечен или кој со кого бил излезен, наместо да добиеме вистински информации кои можат да бидат корисни алатки за голем дел од јавноста.

Ни требаат нови херои. Писмени, морални, креативни, способни да предизвикаат размена на идеи, искуства и вистински вредни емоции. И секако, најважно од се’, ни требаат вистински компетентни луѓе кои ќе покажат ново, повисоко ниво на одговорност што ќе може да предизвика создавање на систем, мрежа на релации со знаење, вештини, но и управување на права и одговорности.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,757FansLike
3,387FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ