8.8 C
Skopje
Tuesday, October 22, 2024
spot_img

Цената не треба да не води кога купуваме облека, туку одговорноста за околината

За да можеме да влијаеме на процесите на загадување на земјата преку облеката, треба да работиме на свеста. Постои разлика помеѓу брзата и бавна мода.

Професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева вели: Дали знаете што значи терминот брза мода? За споредба, јас кога почнав да работам во 90-те години во Париз, во луксузните компании во коишто работев, се произведуваа реално 2 сезони, пролет-лето и есен-зима. Сега за разлика од тоа време, постојат 52 мини сезони. Секоја недела компаниите од брзата мода, вадат нова колекција, којашто ја нудат на пазарот за многу евтина цена, често и за невозможно евтина цена. Со такво зголемено темпо на потрошувачка, вие креирате многу отпад.

Професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева

Цената не треба да не води кога купуваме облека, бидејќи често под влијание на тоа, купуваме работи кои не ни се потребни.

Според Ева Зарезанкова економист и член на Fashion revolution Macedonia, брзата мода може да ја препознаеме по тоа што брендовите секоја недела имаат нова колекција или ново парче облека. Ќе ја препознаеме по транспарентноста на изборот на материјали кои ги користат и транспарентноста за условите во коишто работат луѓето коишто ја изработуваат облеката.

Бавната мода се залага за купување облека во продавници од „втора рака‘, односно модифицирање на веќе купена облека која така го продолжува својот употреблив рок на траење. Бавната мода нуди поквалитетна облека која е правена во фер услови, а и влијае на намалување на модниот отпад.

Препознавањето на материјалите е важно. Вештачките материјали се виновни за еколошката катастрофа. Полиестерот се прави од нафта, па со самото тоа е еден од најголемите загадувачи. За производството на овој материјал, се користи многу вода, енергија, а при неговото перење се создава микропластика.

Според модната дизајнерка и активист Ирина Тошева, проблемот со рециклирана облека и собирањето на текстилот е дека најчесто работите од брзата мода се од мешан состав, многу ретко се чисти и сè уште овој начин на произведување не е совршен, за да може да ги мешаме сите облеки кои ги имаме да се рециклираат и да добиеме еден совршен материјал.

модната дизајнерка и активист Ирина Тошева

Во нашата земја една организација започнува да работи на ова и ќе се добива материјал кој ќе биде во облик на филц, којшто може да се користи за изолации, ќе може да се користи за изработка на торби, футроли за таблети итн.

И природните материјали често се тешки за производство. За нив се троши вода, додека се одгледуваат или кога ќе се фарбаат. Памукот е еден од најраспространетите, но и најнеетичниот материјал при производство. На пример, за производство на една бела памучна маица се трошат 2.600 литри вода, почнувајќи од памукот на поле, преку ткаенината, па сè до финалниот продукт. Тоа е количество вода доволно еден човек да пие 2,5 до три години.

Според Ирина Тошева проблемот со памукот е што при перењето се користи многу вода. Самиот памук впива многу вода и затоа се поттикнува јавноста, она парче облека што не мора секојдневно да го пере, секое носење, да проба да го пере на неколку носења.

Секоја година за одгледување памук посаден на само 3% земјена површина, се трошат 10% од вкупната количина земјоделски хемикалии и дури 20% од целата количичина на инсектициди.

Според Тошева, органскиот памук е материјал за кој при самото одгледување, не се користат пестициди. Сите ние имаме потреба многу од памукот, и тој најчесто многу се прска со пестициди, за што побрзо да порасне и да дојде на пазарот. Ние како консументи, не сме свесни секогаш што носиме. Знаеме да кажеме ова е памучно, но може да направи алергија кај некој. Тоа е поради фактот што тој памук не е како што треба. И затоа органскиот памук најчесто е поскап, додава Тошева.

Кина е најголемиот произведувач на памук, по што следат Пакистан, САД и Бразил.

Според Тошева, често пати за производство за одредени видови облека се користи големо количество на вода, а веќе климатските промени ни укажуваат дека мора да се едуцираме и да бидеме штедливи.

Токму затоа многу е важно сите да покажеме поголема одговорност. Секој од нас треба да научи како да го купува она што навистина ќе го носи во повеќе наврати.

За Приказна

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,687FansLike
3,354FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ