13.8 C
Skopje
Friday, October 18, 2024
spot_img

Лидија Георгиева: Модната индустрија загадува повеќе од авионскиот и морскиот транспорт заедно

Сите сме луѓето во модната индустрија. Одговорни се произведувачите, но, одговорни се и потрошувачите, вели во интервју за Приказна, дизајнерката и професорка Лидија Георгиева

Приказна Дали луѓето во модната индустрија треба да бидат еколошки одговорни?

Лидија Георгиева: Сите сме луѓето во модната индустрија. Одговорни се произведувачите, но одговорни се и потрошувачите.

Точно е дека загадувањето настанува во тек на производството на текстилното влакно. Практично тоа е потребно првично за да се произведе материјалот, па потоа облеката. Но, треба да знаеме дека денес, загадувањето настанува и поради тоа што модната индустрија е многу сменета, во поглед на својата понуда.

Дали знаете што значи терминот брза мода? За споредба, јас кога почнав да работам во 90-те години во Париз, во луксузните компании во коишто работев, се произведуваа реално 2 сезони, пролет-лето и есен-зима. Сега за разлика од тоа време, постојат 52 мини сезони. Секоја недела компаниите од брзата мода, вадат нова колекција, којашто ја нудат на пазарот за многу евтина цена, често и за невозможно евтина цена. Со такво зголемено темпо на потрошувачка, вие креирате многу отпад.

Приказна Какви се последиците од создавање на големи количини текстилен отпад?

Лидија Георгиева Модната индустрија користи и животински влакна и растителни влакна и синтетички влакна, за да го произведе материјалот. На тој начин, треба да знаеме дека модната индустрија ја загадува почвата, ја загадува водата, го загадува воздухот.

Она што треба ние да го направиме, е да трошиме поодговорно, односно да ги смениме нашите навики при купување на облеката. Да бидеме свесни дека тоа не е прашање на избор. Не е прашање дали сакаме или не сакаме, или дали еден производител бил одговорен или не. Многу брзо, ќе се сменат практиките. Тие во светот веќе се сменети, во Холандија на пример, и други земји од Европа.

Производителите ќе ги сменат овие навики, не затоа што сакаат, едноставно ќе мораат. Модната индустрија загадува повеќе од авионскиот и морскиот транспорт заедно.

приватна архива

Приказна Како да поттикнеме одговорно консумирање на модата?

Лидија Георгиева Се поттикнува преку медиумите, коишто сè почесто и повеќе треба да го фокусираат вниманието на јавноста кон постоечки проблеми. Неоходни се медимските активност и кампањи, со кои ќе се влијае врз промената на перцепцијата. Ако не се смени перцепцијата, нема да се смени ни активноста.

Размислете дали би платиле 300 денари за една маица, односно 1000 денари за три маици, кои би ги фрлиле догодина, или би платиле 1500 или 2000 денари за некој локален бренд. Доколку ја изберете втората опција, поддржувате локален бренд, ја намалувате емисијата на стакленички гасови, а со тоа поттикнувате локална продукција и многу важно, поттикнувате мали и средни бизниси, и она што е најважно и спротивно на брзата мода, поттикнувате бавна мода.

Приказна Кои текстилни материјали предизвикуваат најмало загадување?

Лидија Георгиева Количината на вода која е потребна за производство на еден пар фармерки е исто како да сте се истуширале 285 пати, додека пак водата која сте ја потрошиле за 70 туширања е потребна за производство на една маица. Фармерките и маиците се направени од памук.

Затоа внимавајте, следниот пат кога ќе купите памук да биде од органско производство. На тој начин ќе стимулирате бренд кој е еко одговорен, а со тоа ќе ја стимулирате нашата и вашата иднина, но и иднината на нашите деца.

Магазин Приказна на тема модата како загадувач

Приказна Одржливоста беше доминантна тема на ревијата на ваши студенти?

Лидија Георгиева Да, минатата година бевме стимулирани од натпреварот којшто го организираше Британската амбасада, со тема одржлива мода, на кој победи наша студентка. Тоа кулминираше и со ревија. Тоа влијаеше и на изборот на темата, односно нашите студенти беа поканети да изберат неколку начини на производство на облека, а со нив да покажат дека се одговорни и дека можат да придонесат за одржливата мода.

На пример, имаше една студентка која ги боеше своите материјали со растенија, друга студентка бираше од материјалите на нејзините мајка и баба, направи нови модели, ги рециклираше и ги врати во циклусот. Потоа, имаше студенти кои користеа материјали од сток, односно не купуваа материјали, туку ги користеа материјалите кои ние ги имаме на факултет и кои индустријата ни ги дала на наше користење, притоа мислам на локалната индустрија.

Мора да се напомне и тоа дека и модните дизајнери со начинот на производство треба да покажат одговорност и одржливост, преку личен пример.

Автор Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,686FansLike
3,352FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ