-2.2 C
Skopje
Monday, December 23, 2024
spot_img

Баба и внука заедно помагаат за препознавање на врсничкото насилство

Со силна порака за навремено детектирање и справување со меѓуврсничкото насилство кај децата, на 04.05.2022 на главната бина на Саемот на книгата се одржа промоцијата на сликовницата и прирачникот „Која игра ја играш?“ од авторскиот тандем внука и баба: Олга Ѓоргиева и Олга Мурџева-Шкариќ. Книгите се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Промотори на книгите беа проф. д-р Ана Фрицханд (Институт за психологија на Филозофскиот факултет на УКИМ), д-р Весна Дамчевска-Илиевска (професорка по мир и развој на УКИМ, советник во Центарот за образование на возрасни, Скопје) и Даниел Смилков (студент при Институтот за психологија, претставник на Здружението на студентите по психологија – ПСИХЕСКО). Модераторката на настанот, уредничката Бисера Бендевска, истакна дека „Која игра ја играш: Силеџија – жртва – сеирџија или другар?“ е психолошки и бихевиорален прирачник што го третира насилништвото меѓу децата во училишната средина. Настанувањето на прирачникот е директно поврзано со сликовницата „Која игра ја играш?“ од младата авторка Олга Ѓоргиева и заедно, прирачникот и сликовницата, формираат неодвоива целина. Во него авторката прави преглед на неколку типови врсничко насилство и споделува ефикасни активности и постапки за спречување и справување со насилството во училиштата и во интеракцијата меѓу децата на училишна возраст.

Прирачник е систематичен, напишан на разбирлив начин, со цел да им помогне на возрасните, пред сè, на наставниците, но и на родителите, да го применуваат заедно со децата за постигнување на ненасилна комуникација меѓу врсниците во училиштето.

Проф. д-р Олга Мурџева-Шкариќ, која е пензионирана универзитетска професорка по психологија на Филозофскиот факултет (ФЛФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, го напишала прирачникот инспирирана од сликовницата на својата внука Олга Ѓоргиева, во која преку приказна и цртежи го објаснува синџирот на силеџиството во училиштата и справувањето со него.

Олга Мурџева-Шкариќ

Во книгата „Која игра ја играш?“ станува збор за игри што ги викаме – манипулативни, игри во умот, игри со кои малтретирачот (силеџијата) има цел да се истакне како најдобар, да ги контролира сите други … Ова се имплементира во секојдневна комуникација на локално, но и на глобално ниво – станува збор за истите манипулативни игри. Булингот не е присутен само кај учениците, тој е застапен во сите пори на општеството. Силеџијата има неколку сценарија – тој си замислува како да стане најзначајната, најцентралната личност на која ќе ѝ се покоруваат сите. За да биде така одбира жртва/и. Обично, тие се поинакви од него и не умеат да му се спротивстават на кој било план. Многу често мотивот е љубомора – зошто некој да биде подобар од него во некакви дострели? Прави стратегии и тактики како да биде во центарот на вниманието. Му треба публика (сеирџии). Е, тие се во најголем број. Сеирџијата може да му се придружи на силеџијата, но може да наведне глава и тој да биде жртва. А има и такви што се повлекуваат или, пак, воопшто не им е гајле. Замислете, ова се случува во училниците и во училишните дворови, каде што има наставници, психолози, педагози и други стручни служби. Таму доминира силеџиството. Покрај трите главни улоги во силеџиството: силеџии, жртви и сеирџии, за жал недостигаат проактивните – тие што ќе ги менуваат нештата, што ќе другаруваат и ќе реагираат. Со тоа ќе го прекинат тој синџир на насилство. И тоа ми беше мотив да го напишам овој прирачник. Да биде водич во активно реагирање и спречување на меѓуврсничкото насилство. Се обидував да биде колку што е можно пократок, а колку што е можно појасен за сите читатели. Овој прирачник е добар за наставниците, водич како да се справат со насилството во училиштата. Булингот е многу застапен, меѓу другото, и затоа што и возрасните и наставниците исто толку го живеат овој кошмар. Желба ми е да почнеме да менуваме, да направиме конкретни чекори да се надмине оваа култура на насилство и да ги научиме младите на култура на мирот – вели Мурџева-Шкариќ.

Олга Ѓоргиева, која има само 14 години и е ученичка во основно училиште, преку примери го објаснува силеџиството во училиштата, со кој и самата се соочила и се справувала преку креативно изразување, односно со цртање.

Олга Ѓоргиева

– Насилството го има насекаде, но од шест до 15 години децата најмногу физички и вербално се малтретирани во училиштата од другите ученици, но и од наставниците. Обично, во одделенијата има три групи ученици: силеџии, жртви и сеирџии. Децата кои го извршуваат насилството потекнуваат од проблематични семејства, во кои и самите се жртви. Затоа тие бараат некој што е поразличен од нив или некој што не може да се одбрани за да им биде жртва и тие почнуваат да го малтретираат. Така и јас бев жртва на две насилнички и не можев да се одбранам од нив. Дури и тие, за кои мислев дека ми се другари, поминаа на другата страна. Секој ден кога ќе се вратев дома ги гледав моите најомилени цртани филмови во коишто другарството беше главна тема. Ликовите во нив секогаш беа сложни, делеа сè, другаруваа и кога се појавуваше проблем, секогаш бараа различни начини како да го решат. На лошите ликови успеваа да им покажат дека тоа што го прават не е во ред. Цртаните филмови ме смируваа и правеа да заборавам на проблемите, но и да разберам дека тешко се наоѓаат вистински другари. Почнав и јас да измислувам приказни кога си играв со моите играчки. Во тие приказни секогаш се бараше начин како да се реши одреден проблем поврзан со другарството. Подоцна почнав да илустрирам такви приказни. Преку цртањето и пишувањето успеав да ја претставам и својата тага и непријатноста – изјави младата авторка.

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,762FansLike
3,389FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ